Македонија
(Видео) Костовски: Мицкоски вчера беше подготвен да ја втурне целата држава во конфликт

„Целата јавност вчера виде обид за крваво сценарио во режија на Христијан Мицкоски и неговите коалициски партнери Левица и Алијанса. За свои лични цели, Мицкоски вчера беше подготвен да ја втурне целата држава во конфликт, преку опасно, мрачно и крваво сценарио за граѓански судир и етнички конфликт. Тоа крваво сценарио не успеа поради притисокот од јавноста и реакција на институциите. Се потврди дека сè е дел од мрачните глави во ВМРО-ДПМНЕ и антиевропските партии. Мицкоски не беше жртва туку режисер и главен реализатор на тоа мрачно, крваво сценарио“, обвини денеска пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.
Пратеникот смета дека „добро е што Арсовска го разреши директорот, но со тоа и самата директно потврди дека се работи за коалициски партнер и дека било договорено сценарио, кое, за среќа, под притисок на јавноста пропадна“.
„Прво Мицкоски велеше дека во него пукале, потоа дека пукале во толпата. Па какви се овие глупости, како од толкава толпа Мицкоски се препозна самиот? Се знае како, затоа што тој го смисли и го режираше ова сценарио кое не успеа. Ова говори дека нема основни човечки граници ова насилничкото и деструктивно однесување на Мицкоски и неговите коалициски партнери“, смета Костовски.
Пратеникот од СДСМ изјави дека „го повикуваме Мицкоски да се откаже од нови крвави сценарија, да престане да ги турка луѓето во смислени судири и конфликти и јавно да се огради од неговите пиштолџии и качулки. А потоа да повика на итен прекин на насилството“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Стабилна безбедносна состојба во Дебар – ГП „Блато“ станува мост на поврзување со Албанија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на ОВР Дебар при што го посети и Граничниот премин „Блато“ кој се наоѓа во близината на Дебар.
Министерот Тошковски со раководството на ОВР Дебар беше информиран дека безбедносната состојба во целиот регион е стабилна со значително подобрени резултати во справувањето со насилниот криминал, имотните деликти и унапредување на сообраќајната безбедност. На средбата раководството го информираше министерот дека веќе активно се преземаат оперативни активности во насока на обезбедување мирен, безбеден и демократски изборен процес.
„Што се однесува до Граничниот премин „Блато“ евидентиран е значително поголем број на патници од минатата и претходните години. Преминот станува вистинска мост на поврзување за граѓаните кои одат на одмор во соседна Албанија и туристите кои доаѓаат на одмор, бањско лекување, викенд престој, роднинските посети, домашни веселби, како и шопинг. Со тоа, нашата соработка со албанските колеги е насочена кон имплементација на системот „One Stop“, кој преку дополнителни инфраструктурни решенија ќе обезбеди трајно намалување на гужвите и поефикасен проток на патници и возила како во текот на целата година а посебно за периодите на зголемен туристички сообраќај“, истакна министерот Тошковски.
Македонија
Отворен конзулат на Казахстан во Куманово

Претставници од Општина Куманово, предводени од претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, денеска присуствуваа на свеченото отворање на конзулат и инаугурација на Почесниот конзул на Република Казахстан во Куманово, Ејуп Абдулахи.
На пригодниот настан присуствуваа претставници од високи државни институции во земјава, од дипломатскиот кор, амбасадори и претставници од бизнис секторот.
Пред присутните се обрати претседателката на Советот на Општината, истакнувајќи ја важноста на воспоставената соработка во повеќе економски сегменти (технологија, енергетика и трговска размена) меѓу казахстанскиот град Караганда и Куманово.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Младите мора да бидат наши партнери во реформирањето на ОН

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на сесијата посветена на 30 годишнината од Светската програма за млади, што се одржа во рамки на 80. Генерално собрание на ОН.
Таа укажа на потребата младите генерации да добијат заслужено место во оформувањето на иднината на Обединетите нации и ја потенцираше важноста на стратегијата Youth2030 како основа за активно, а не само симболично вклучување на младите во реформите на ОН на сите нивоа.
Учесниците на сесијата говореа на теми посветени на улогата на младите во глобалниот развој.
Се дискутираше за „Светската програма за акција за млади: забрзување на глобалниот напредок преку меѓугенерациска соработка“, како и за „Унапредување на спроведувањето на Светската програма за акција за млади со цел никој да не изостане“.