Македонија
8-дневен притвор за мажот што пукаше кај „Скендербег“ и двете лица што фрлија молотов коктел и камења кон Собранието
Кривичниот суд определи 8-дневен притвор за мажот што пукаше кај „Скендербег“ и двете лица што фрлија молотов коктел и камења кон Собранието.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, по произнесување на осомничените во присуство на бранител, донесе решенија со кои го прифати предлогот на обвинителот и на трите лица им определи мерка притвор во траење од 8 дена, согласно предлогот за водење истрага во скратена постапка“, информираа од Кривичниот суд.
Судот смета дека се исполнети условите, односно постои опасност од бегство и можност осомничените да го повторат
кривичното дело.
Против овие неправосилни решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.
Вчера обвинителството предложи притвор за трите лица.
Како што информираа од ЈОРМ, мажот кој со пиштол пукаше кај плоштадот Скендербег се сомничи дека сторил кривично дело предизвикување општа опасност. За оружјето, како што велат од Обвинителството, поседувал дозвола.
„Осомничениот, на 6 јули, на платото пред плоштадот Скендербег, со општо опасно средство – пиштол ‘волтер’, модел ‘Р 99’ во калибар 9х19 мм, што го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на група граѓани што учествувале на јавен собир, тој забележал како некои од граѓаните фрлаат камења по што се упатил кон нив и во два наврата испукал по два куршума во воздухот“, наведуваат од Обвинителството.
За две други лица, пак, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривично дело учество во толпа.
Првиот од нив, на возраст од 18 години, е осомничен дека на 5 јули, за време на протестите пред објектот на Собранието учествувал во толпа што сторила кривично дело насилство, така што подготвил молотов коктел во стаклено шише, кое го наполнил со бензин, му ставил парче ткаенина и го запалил. Шишето го дал на друг учесник во толпата, кој го фрлил кон поставениот кордон од полициските службеници за обезбедување на јавниот ред и мир пред зградата на Собранието.
Скопјанец нa возраст од 22 години, пак, за време на протестите пред Собранието на 6 јули исто така учествувал во толпа што сторила кривично дело насилство, така што од својот ранец извадил камења и запалки, со кои во неколку наврати фрлал кон зградата на Собранието и кон кордонот од полициски службеници. Притоа бил повреден еден полициски службеник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

