Македонија
(Видео) Мицкоски: Изминатите два дена повторно добивам закани
Францускиот предлог, протестите, инцидентите, но и тврдењето за обид за негово убиство беа темите на кои се осврна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Прва. рс.
Тој рече и дека деновиве е цел на закани кон него и неговото семејство, а државата не му дозволува обезбедување.
Во прилог целото интервју:
Што се случува во моментот, каква е ситуацијата, дали има протести или поради празникот Курбан Бајрам денеска нема да има протест?
Денеска поради верскиот празник Курбан Бајрам нема да има протести, но ние продолжуваме веќе утре, така што одиме до крај нема повлекување.
Господине Мицкоски кога протестите започнаа и кои се основните барања на демонстрантите кои протестираат?
Па владата да каже НЕ, затоа што последниот предлог кој е модифициран кој што го добивме не претставува ништо друго освен класична асимилација на македонскиот народ и македонскиот идентитет.
Практично, сите тврдења на Бугарите дека ние сме Македонците некоја творба од титова Југославија и дека претходно сме биле бугари и дека не зборуваме на нашиот македонски јазик кој е кодифициран таму уште во 1945 година дека тоа ништо не постоело, дека тоа сето било Бугарија и дека практично нашата македонска нација и народ постојат од 1945 година и тоа е за жал дел од овој француски предлог кој ги содржи сите бугарски позиции. Овој последен предлог ние никако не можеме, ниту како народ, ниту како партија, да го прифатиме. Е сега постои оваа корумпирана елита во влада која нема никаков рејтинг, ВМРО-ДПМНЕ е партија која има два и пол пати повеќе рејтинг од оваа влада, практично и ги декласиравме на последните локални избори, поставија еден марионет од Зоран Заев кој што практично потпишува се и сешто само за да опстои уште неколку месеци таму каде што е. Тоа е главно барање на граѓаните кои протестираат владата да отстапи од прифаќање на францускиот предлог и да каже НЕ. Пред некој ден организираа и инцидент. Идентификувавме пет луѓе кои што пукаа кон народот. Тие пукаа на народот. Народот буквално со голи раце одеше кон пиштолите и тоа можеше да се види со слики и видеа. Замислете ако народот со голи раце оди кон пиштоли, до каде стигна работава.
Ги спомнавте инцидентите, кажете ми зошто е забележан толкав голем број на инциденти и апсења, и дали сето тоа фрли сенка на барањата на демонстрантите?
Прво, тука е една група која се класични осуденици и оние се уценети од страна МВР за да им се избришат сите пријави кои што ги имаат, да исценираат инцидент, а преку правење на инцидент така да успеат да го предомислат народот да излегува на протест и да протестира. Но, ефектот беше сосема спротивен од тоа што они го очекуваа и веќе следниот ден откако се појавија поголем број на граѓани отколку што беа првиот ден кога беа оние први инциденти, веднаш пратија луѓе кои што пукаа во народот. Но, народот како што ви кажав тргна да се пресмета со голи раце. Замислите тие луѓе кои што пукаа во народот, они се бранители на европските вредности кои се дел од овој последен модифициран француски предлог. Но, всушност тие се обични битанги која што ја штитат владата која никакво кредибилитет , бидејќи ¾ од народот сака оваа влада да си замине, и овој премиер кој е поставен таму каде што е само за да може уште неколку месеци Заев да може да спроведе уште некоја агенда овде кај нас.
Ја обвинивте владата дека сака да ве убие, кажете ми за што точно се работи и со што ги темелите ваквите тврдења?
Ќе ви дадам одговор и на тоа прашање, само ако ми дозволите да дополнам, ние како држава уште во 2000 година потпишавме договор за стабилизација и асоцијација, дури и пред Хрватска. Така што оваа наша голгота не трае 17 години, туку 22 години. Јас работам како редовен професор на факултет, предавам електроника и јас сега треба да им објаснувам на моите студенти да веруваат во нешто кое трае 22 години, а голем дел од нив после завршување на студиите заминуваат на Запад или во Америка, Канада, Австралија или било каде само да не останат тука и да го трпат ова што се случува. Така што оваа наша голгота трае 22 години, и повторно ќе кажам овој последен предлог, кој е на масата сега, не подразбира почеток на преговори, туку тоа е сликање во Брисел се додека ние не го промениме нашиот Устав за да внесеме 750 семејства кои зборат бугарски јазик во нашата Преамбула.
Што ќе се случува понатаму, дали сте спремни да ја блокирате цела држава се до исполнување на вашите барања?
Па вчера беше таа прва блокада, помина се добро и успешно. Ќе продолжиме со протестите и блокадите за да ја разубедиме оваа корумпирана и ненародна власт да се повлече чекор назад и да се откаже од овој предлог. Така беше и во 90тите кога беше Лисабонската декларација кога нас повторно истите луѓе не убедуваа дека не смее да биде името Македонија содржано во името на државата, и кога ние тоа го одбивме после неколку години сето тоа се промени. Така и сега ќе биде. Наместо притисокот на биде врз Македонија, бидејќи ние го променивме нашето знаме, својот устав, на сила го променивме името, сега повторно сакаат да отстапиме и да го промениме нашиот идентитет и да креираме некој нов идентитет по теркот на Бугарите. Е тоа нема да го прифатиме.
Господине Мицкоски кажете ми дали имате информација дали ќе добиете прилика да разговарате со некои од претставниците на власта во скоро време?
Бев јас на средба со премиерот и му кажав на масата се двата документа првиот е Општ став на ЕУ и вториот Заеднички став на ЕУ. Како најголема партија во државата, бидејќи ние имаме најголем број на пратеници во парламентот, најголем број на градоначалници, најголем број на советници во советите на општините, практично сме партија која има најголем рејтинг и заслужуваме да промениме 0,87 проценти во текстот на договорот. Еве прифатите го нашево, а потоа ние ќе прифатиме се останато. Но, тие и тоа го одбија, а тоа се оние есенцијални делови во тие два документа и постои уште еден трет документ, тоа е протоколот. Но, протоколот никој не го видел и кој знае што се договарале. И сега тие сакаат ние да прифатиме нешто за кое што никој нема поим што е тоа. Па замислете вие, да бара некој од вас да прифатите нешто од кое што зависи животот на вашето семејство, а вие да не знаете што е тоа што треба да го прифатите. И само заради тоа што ми верувате вие го прифаќате или го одбивате тоа. Мислам тоа е таква глупост што јас не можам да разберам што се случува. Не се овие вредности во кој јас верувам во 21 век.
Кажете ми како вие го гледате епилогот на сето ова?
Мора владата да отстапи. Доколку прифати тогаш ќе се запечати судбината на државата. Глупа е онаа теза во која кажуваат, прифатете го ова, седнете на маса преговарајте, па ако не ви се допаѓа, напуштете ја масата. Па ние сега сме на маса и сега преговараме за нашиот идентитет. Зошто мојот проблем со Бугарија, ако го прифатиме ова, да биде проблем за цела ЕУ. Тоа е најголемиот проблем, Бугарите сакаат ова повеќе да не биде проблем бидејќи сега се изолирани, туку да биде проблем Македонија со ЕУ. Тоа е главниот проблем.
Само за крај да ве прашам, рековте дека владата преку своите криминалци се обиде да ве убие во текот на протестите, кажете ми само за тоа?
Заканите траат веќе 4 години, но тоа кулминираше пред година дена. Јас сум единствен човек во Македонија, кој има најмногу рејтинг и кој ја води најголемата политичка партија, а на кој државата не му дозволување обезбедување. И сето тоа е намерно, за да може да се случи, тоа што требаше да се случи пред некој ден. Но не исклучувам можност, бидејќи последните два дена повторно имам закани по мене и моето семејство. Но, јас им реков јас сум спремен да го завршам свој живот, дали вие сте спремни да го повлечете чкрапалото?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агенцијата за храна повлекува од пазарот во Македонија контаминирана формула за доенчиња: „Ако сте купиле, не ја употребувајте“
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на вчерашниот ден спроведоа вонредна инспекциска контрола кај оператор со храна увозник на почетна формула за доенчиња, последователна формула за доенчиња и диететска храна за посебни медицински намени, за кои АХВ вчера, како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија доби известување за пласиран небезбеден производ на македионскиот пазар.
Станува збор за производот APTAMIL AR 2, ENG 24×400 g, серија 2027.01.02, во вкупна количина од 912 парчиња со потекло од Ирска кај кој е утврдено присуство на Цереулид (cereulide), а како извор на контаминацијата, во нотификацијата наведено е маслото ARA.
Со контролатата утврдено е дека целокупнатата увезена количина е дистрибуирана на пазарот во Македонија, односно, производот не е пронајден во магацините на увозникот и дека, како што и самиот оператор ја известил Агенцијата и јавноста, веќе се врши итно повлекување на дистрибуираните количини од овој производ од пазарот.
„Апелираме до потрошувачите кои го имаат купено производот со наведениот лот и рок на употреба истиот да не го употребуваат, или да го вратат на местото каде што го купиле“, велат од АХВ.
Во однос на повлекувањето на неколку брендови формули за доенчиња од компанијата „Нестле“ во повеќе европски земји, АХВ проверува дали тие се увезени во земјава, иако засега за нив нема добиено известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија.
„Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира со преземање на соодветни мерки за заштита на животот и здравјето на бебињата“, додава АХВ.
Македонија
МЕД: Над 44 различни видови водни птици се попишани за време на зимското пребројување во Македонија
Над 35.300 единки од 44 различни видови на водни птици беа попишани за време на зимското пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, што под водство на Македонското еколошко друштво кај нас се случува секој јануари од 2010 година наваму како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици.
„Споредено со податоците од претходните пет години, популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. На Преспанското Езеро се бележат флуктуации, додека промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат на ваквите податоци и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, истакнува Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво (МЕД).
Овдешното зимско пребројување на птици се прави истовремено на целата територија на трите природни езера во сите држави, поради што во него учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA) и од Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција. Освен тоа што ја координира акцијата на македонската страна и ги обработува собраните податоци, МЕД исто така ги советува и насочува волонтерите во броењето на птици.
„Меѓу луѓето кои доаѓаат на терен има научници и професионални истражувачи, но и вљубеници во природата со голема страст за птиците, кои своето слободно време доброволно го поминуваат со нас, на отворено, пред телескоп, со двоглед или фотоапарат в рака. Нивниот придонес е исклучително скапоцен, а за возврат имаат можност да стекнат нови познанства, да си го надградат знаењето и да уживаат во глетките коишто понекогаш се баш несекојдневни“, истакнува Узунова.
Зимското пребројување во земјава е дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици којшто се случува полни 60 години, со што се вбројува меѓу најголемите и најдолго спроведуваните програми за граѓанска наука во светот. Од 1967 година до денес, со зимските пребројувања се посетени над 67.000 влажни живеалишта во 189 земји и територии, почнувајќи од крајбрежните области на Северна Европа до тропските речни устија во Азија и Африка. На овој начин досега се евидентирани речиси 2 милијарди птици и идентификувани се илјадници водни живеалишта од меѓународно значење.
Македонија
Потпорен ѕид се урна во Штип и оштети автомобили кај болницата
Потпорен ѕид на улицата Љубен Иванов во Штип, во близина на клиничката болница, утрово околу 9 часот се сруши и падна врз две паркирани возила, јавуваат локалните медиуми.
Во инцидентот нема повредени лица, а на местото на настанот веднаш излегле надлежните служби.
Според првичните информации, причина за уривањето на ѕидот се неповолните временски услови.

