Македонија
(Видео) Спасен македонски државјанин на Халкидики, се трага по уште две лица

Македонски државјанин на 25-годишна возраст е спасен, а по уште двaјца се трага во Посиди на Халкидики.
Сите тројца се од Северна Македонија, на возраст од 25, 28 и 30 години објави грчката телевизија „Скај“.
Како што пишува „Еуроњуз“ трите лица се капеле на плажа, кога силните струи ги повлекле и постепено исчезнале од видното поле на останатите.
Спасувачите го лоцирале едното момче кое, како што раскажуваат очевидците, испило многу морска вода и било пренесно во болница, но по укажаната прва помош опасноста била избегната.
Акцијата ја отежнуваат неповолните временски услови и силниот ветер, пишуваат локалните медиуми. Во спасувачката акција учествуваат брод на крајбрежната стража, хеликоптер на воздухопловните сили, рибарски брод и волонтери од грчкиот спасувачки тим.
(Обновено)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на централната прослава на 2 Август во Крушево

Под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 2 август, на „Мечкин Камен“ во Крушево ќе се одржи централната прослава на Денот на Републиката.
Чествувањето на Илинден ќе започне со положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, потоа на споменикот на хероите на месноста „Слива“, а ќе продолжи со панихида во храмот „Св. Никола“. Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде што ќе има и свое обраќање.
Редослед на настани:
– 09:30 часот – положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, „Македониум“;
– 10:00 часот – положување свежо цвеќе на споменикот на хероите на месноста „Слива“;
– 10:30 часот – панихида во храмот „Св. Никола“;
– 12:00 часот – централна прослава на „Мечкин Камен“.
Македонија
Раководител во општинскиот инспекторат во Битола обвинет за бесправна градба

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител поднесе обвинение против едно лице за кривично дело – Бесправно градење.
„Обвинетиот раководител во општинскиот инспекторат во Битола, во временскиот период од октомври 2013 година до март 2016 година, во атарот на селото Дихово, надвор од градежен реон, односно во местото викано „Трновски ливади“, на земјоделско земјиште во сосопственост на повеќе физички и едно правно лице изведувал градба и изградил помошен објект на три ката со вкупна површина од 193 м2“, соопшти обвинителството.
Објектот го изградил без претходно да обезбеди согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и без одобрение за градење.
Македонија
Сиљановска – Давкова: Безбедносната состојба е стабилна

Безбедносната состојба во земјата е стабилна и под контрола и не се очекуваат некакви безбедносни проблеми и дилеми, соопшти претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, по седница на Советот за безбедност која траеше два и пол часа.
„Главно се говореше за состојбата во регионот, на она што се случува во Босна и Херцеговина каде што честопати слушаме сецесионистичка реторика, понатаму политичката состојба на Косово, како што знаете, една институционална криза заради неможноста да се конституираат органите и се разбира, состојбата во соседна Србија, каде што исто така има низа сериозни проблеми. Меѓутоа, реков од аргументите, од податоците, заклучокот е дека сепак и покрај овие проблеми и предизвици не се очекува тие да се одразат врз македонската безбедносна состојба“, рече претседателката.
Таа додаде дека во поглед на она што се случува на Блискиот Исток, неподелени биле ставовите за потребата од мир.
„Јас тука не можам да кажам дека имаме сигурни гаранции за тоа, бидејќи, како што знаете, преговорите се во тек, па се прекинуваат. Честопати јас самата велам дека очекував поангажирана, поактивна организација на Обединетите Нации, која што, за жал, е маргинализирана“, рече Сиљановска – Давкова.
Што се однесува до пожарите рече дека е загрижувачко што поголем не се заради високите температури, туку дека има основано сомнение дека се намерно предизвикани. Меѓутоа, се разбира, додаде таа, се додека се работи за предистражна постапка, тоа се само претпоставки.
Кога е во прашање состојбата со евроинтеграцијата, Сиљановска – Давкова, рече дека основниот заклучок е дека имаме реформска агенда и имаме план за развој.
„Треба да се држиме до она што е најважно, до Копенхагенските критериуми и најпрво она што е основен тест за сите – тоа е владеењето на правото. Се укажа на пакетот закони, изработен од страна на Министерството за правда, што се однесуваат на Јавното обвинителство, на Судскиот совет, на платите на јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и така натаму“, рече таа.
На седницата присуствуваа членовите на Советот за безбедност по функција: Африм Гаши, претседател на Собранието, Христијан Мицкоски, претседател на Владата, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.
На покана на претседателката учествуваа и реферираа: директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
На дневен ред на седницата беа следните точки: информирање и размена на мислења за безбедносните дилеми во светот и нивното влијание врз безбедносната состојба во регионот и земјата; климатските промени и пожарите; размена на ставови за македонската евроинтеграција по извештајот на Томас Вајц.