Свет
Бајден ја брани одлуката за средба со Бил Салман: „Мораме да работиме со Саудиска Арабија“

Бранејќи ја својата одлука да ја посети Саудиска Арабија, американскиот претседател Џо Бајден истакна во авторски текст за „Вашингтон пост“ дека долго време ги поддржува реформите во таа земја и дека се обидува да ги „преориентира, но не и да ги прекине“ односите со долгогодишниот американски стратешки партнер.
„Знам дека има многумина кои не се согласуваат со мојата одлука да патувам во Саудиска Арабија. Моите ставови за човековите права се јасни долго време и секогаш посветувам посебно внимание на прашањето за основните човекови слободи кога патувам во странство. Така ќе биде и за време на ова патување, исто како што ќе биде во Израел и на Западниот Брег“, напиша Бајден за „Вашингтон пост“.
Осврнувајќи се на убиството на новинарот на „Вашингтон пост“ Џамал Кашоги, кој беше убиен од саудиски агенти во Турција во 2018 година, Бајден изјави дека одговорил на тој чин со „санкции против саудиските сили кои биле вклучени во убиството и издале серија визни забрани, пренесува АП.
Бајден, исто така, истакна дека објавил извештај на американското разузнавање во кој се тврди дека престолонаследникот на Саудиска Арабија Мохамед бин Салман ја одобрил операцијата што довела до убиството на Кашоги. Саудиската влада ги отфрли обвинувањата.
Според американската агенција, се очекува Бајден да се сретне со принцот престолонаследник за време на неговата посета на Саудиска Арабија.
Бајден истакна дека интензивната дипломатија и воената акција против нападите спонзорирани од државата го направија Блискиот Исток постабилен и побезбеден отколку во времето на Трамп.
Нагласи дека САД се противат на руската агресија против Украина и дека можат да се справат со предизвикот што ѝ го поставува Кина на таа земја, а потоа посочи дека директната соработка на Вашингтон со земји како Саудиска Арабија може да помогне тие напори да дадат добри резултати.
Тој напиша дека си поставил за цел да го зајакне американско-саудиското партнерство „кое се заснова на заеднички интереси и одговорности, додека има намера да остане верен на основните американски вредности“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израелски војници забележани во градот Газа

Палестински очевидци тврдат дека во градот Газа забележани се израелски војници.
Според нив израелските војници биле забележани во населбата Сабра, во близина на зграда во која порано се наоѓало училиште.
Израелските војници наводно се заблежани во градот Газа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одобри план за преземање на градот, во кој живеат околу еден милион луѓе.
Израелската армија не ги коментираше палестинските наводи, истакнувајќи оти не ги открива позициите на своите војници.
Претходно Израел соопшти дека планира да евакуира околу еден милион жители од градот пред офанзивата, која се очекува да почне најрано во септември.
Свет
Зеленски вели дека постои вистинска можност да заврши војната во Украина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски синоќа најави дека следните денови ќе бидат готови безбедносните гаранции за неговата земја.
Тој, по телефонскиот разговор со премиерот на Холандија, Дик Шуф, на платформата Икс објави дека „во моментот тимови на Украина, САД и европските партнери работат на решение“.
Според Зеленски постои „вистинска можност да се заврши оваа војна“, додавајќи дека Украина е „подготвена за конструктивни чекори што можат да доведат до вистинскиот мир“.
– Русија од своја страна не покажува намера за мир и продолжува да ги гранатира нашите градови. Сите сигнали што доаѓаат од Москва овие денови ги толкуваме на ист начин. Ни треба притисок за промена на нивниот став, како и состанок на највисоко ниво за да се разговара за сите прашања, посочи Зеленски.
Свет
Северна Кореја тестираше нови ракети

Северна Кореја вчера истрела два нови противвоздушни проектили за уништување на различни воздушни цели, меѓу кои дронови и крстосувачки ракети. Тестирањето на новото оружје го надгледуваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Како што јави Корејската централна новинска агенција (КЦНА) новото оружје има „супериорна борбена способност“ и користи „единствена технологија“.
Тестирањето на ново оружје се одвива во време на зголемени тензии со Јужна Кореја. Официјален Сеул вчера соопшти дека на 19 август јужнокорејски војници отвориле предупредувачки оган кон припадници на севернокорејската армија, кои накратко навлегле во Демилитаризираната зона.
Исто така во регионот се одржува заедничка воена вежба помеѓу Јужна Кореја и САД, а за утре е предвидена средба на американскиот претседател Доналд Трамп со новоизбраниот јужнокорејски претседател Ли Џае-мунг.