Македонија
Пендаровски за „Етнос“: Мали се шансите да се обезбеди дво-третинско мнозинство за промена на Уставот
Три години по потпишувањето на Договорот од Преспа, неговите противници се намалија, оценува претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во интервју за грчкиот весник „Етнос“, и се надева дека како што поминува времето, многу повеќе луѓе ќе сфатат дека договорот во суштина означи стратешко отворање и за двете земји. Во Грција првпат дошол како турист со родителите во 1976 година и оттогаш редовно ја посетува земјата или за одмор или како член на дипломатски претставништва, додека омилено место му е Тасос кој сака повторно да го посети, пишува весникот.
Претседателот ја подвлекува потребата од почитување на сите обврски предвидени со Договорот од Преспа и ратификацијата од страна на грчкиот парламент на трите меморандуми кои ќе го отворат патот за стапување во сила на уште многу билатерални договори.
„Голем дел од граѓаните сфатија дека промената на името воопшто не го засегна нашиот национален идентитет, а тоа предизвикуваше најголема загриженост во текот на преговорите. Противници и натаму има, но, не во обем како што тоа беше во периодот на уставните измени“, рече Пендаровски.
Како што посочи, поврзувањето со природен гас во Александрополис е најнов пример на заедничко вложување кое се очекува да донесе взаемна корист за двете земји, додава тој.
За предлогот на Франција за спорот со Бугарија, Пендаровски нагласи дека има мали шанси некоја политичка партија во Македонија да може да собере двотретинско парламентарно мнозинство за да ги поддржи измените.
Одговарајќи како ги гледа односите Грција-Турција, тој вели дека хармоничните односи во Грција и Турција се клучни за стабилноста на Балканот , Медитеранот и Блискиот Исток. Конечно, смета дека Русија продолжува да ги произведува најсериозните хибридни закани во балканскиот регион, вклучително и политичка пропаганда и кампањи за дезинформација.
„Во Северна Македонија, нивната комплексност и интензитет се исти како оние во 2018 година, за време на референдумот по Договорот од Преспа. Немам целосни сознанија за останатите земји, но неколкуте кревки точки во регионот и се добро познати на Москва и таа секако се обидува да пенетрира“, вели Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.
Македонија
Родителите на починатите деца од „Пулс“ бараат новиот јавен обвинител да го преиспита случајот
Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 34. Марш за ангелите во Кочани побараа проширување на истрагата, утврдување на индивидуална одговорност и јавно образложение зошто одредени лица досега не се опфатени со постапка. Исто така, тие испратија порака до новиот државен јавен обвинител – да се преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, како што рекоа, за да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил.
-Гневни сме затоа што постојат и други лица за кои јавноста, а и ние како семејства, основано знаеме дека носат вина, а истите не се ниту осомничени, ниту предмет на видлива и транспарентна истрага. Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња. Имаат приказни. Имаат семејства што засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака: дека сме тука, дека паметиме, и дека нема да дозволиме вистината да се закопа заедно со нашите деца, рече Александар Наунов, татко на починато девојче од пред полициската станица во Кочани.
Пред зградата на Судот и Обвинителството во Кочани, Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова, нагласи дека оставката на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски е задоцнета.
-Денес, во време кога ние повторно чекориме со сликите на нашите деца во срцата, државниот обвинител Коцевски поднесе неотповиклива оставка. Оставка што доаѓа предоцна. Затоа што немаше храброст и волја самостојно да го отвори предметот од денот на трагедијата. Наместо вистинска истрага, тој бараше информации од МВР, а постапките што следеа беа насочени кон лица осомничени уште од 2024 година и претходно, додека вистинските носители на моќ и одговорност останаа заштитени, децидно рече Трифунова.
Таа смета дека новиот државен обвинител треба да го преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил, и на обвинителна клупа да се најде секој што директно или индиректно придонел за убиството на нивните деца.
Протестниот марш, вообичаено, започна од „Паркот на Револуцијата“, преку Трговскиот центар и Управата за јавни приходи, кон полициската станица и Судот. На двојниот мост кај кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, запирајќи, родителите направија застој во сообраќајот, на што возачи реагираа со свирежи од нивните автомобили и не знајќина од кои причини е стојат подолго време во место.

