Македонија
Грковска – Брунета: Италија е силен поддржувач на Северна Македонија
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска во Рим имаше продуктивна средба со италијанскиот министер за јавна администрација Ренато Брунета, со кого договорија низа конкретни чекори за поддршка на реформите и унапредувањето на јавната администрација во Северна Македонија.
Во исклучително пријателска и топла атмосфера двајцата соговорници нагласија дека Република Северна Македонија и Италија имаат историја на соработка и меѓусебна поддршка и токму затоа, во интерес на двете држави, но и во интерес на Европската Унија е таа соработка да се продлабочи и меѓудругото да се конкретизира на прашања кои ќе обезбедат зголемување на ефикасноста на јавната администрација.
За таа цел вицепремиерката Грковска и италијанскиот министер Брунета се договорија во најкус можен рок двете институции да формираат заедничка Работна група која подетално ќе ги дефинира натамошните чекори за заедничка соработка.
Вицепремиерката Грковска се заблагодари на силната поддршка што Италија ѝ ја дава на Северна Македонија, но и на безрезервниот интерес што министерот Брунета го покажа за унапредување на состојбите во јавниот сектор, кои за нашата држава ќе значат многу.
„За нас е исклучително важно да ја продлабочиме соработката во делот на отчетноста на јавниот сектор, антикорупциските политики, како и дигиталната трансформација на општеството. Во овие сектори Италија има постигнато значајни успеси и токму затоа експертската поддршка од Италија за нас е многу важна“, оцени Грковска.
Министерот Брунета нагласи дека многу е важно, во што е можно покус рок заедничките тимови да подготват конкретен план, со однапред утврдена динамика за резултатите да стигнат што е можно побрзо.
Тој информираше дека италијанскиот Тренинг-центар за јавна администрација во Касерта, кој досега беше наменет само за Италија и за земјите од Медитеранот, наскоро ќе биде отворен за земјите од Западен Балкан и предложи Република Северна Македонија да биде меѓу првите земји кои ќе испратат на обука професионалци од јавната администрација.
Двајцата соговорници се договорија да ја разгледаат и можноста двете држави да ја продлабочат соработката и преку OSCE-MENA, во која се вклучени државите од Медитеранот, особено за програмите за јавната администрација.
На крајот на состанокот вицепремиерката Грковска и министерот Брунета, разговарајќи за макетата од автомобил од Формула 1 од марката „ферари“, која зазема значајно место во неговиот кабинет, симболично покажувајќи ја заложбата на министерот секоја држава да има брза и ефикасна администрација, како „ферари“.
Претходно вицепремиерката Грковска го посети Универзитетот „Луис Гуидо Карли“, каде се сретна со професорот Бернардо Матарела и Лоренцо Валери. На состанокот вицепремиерката Грковска разговараше за можноста за соработка во делот на унапредување на капацитетите во јавната администрација.
Вицепремиерката Грковска истакна дека експертизата и искуството што го има овој универзитет во делот на јавната администрација, но и во делот на сајбер безбедноста може да бидат од големо значење за Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницира вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат по што ќе следува и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со Инспекторатот ќе постапи професионално, стручно и транспарентно со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивањето на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.

