Свет
Брод за крстарење со повеќе од 100 заразени од коронавирус се закотви во Сиднеј
Крузерот „Корал принцес“ со повеќе од 100 луѓе позитивни на коронавирусот се закотви во Сиднеј.
По напуштањето на градот Еден на јужниот брег на Нов Јужен Велс со повеќе од 2.300 луѓе, бродот за крстарење се закотви на кружниот кеј денеска непосредно пред зори, каде што ќе остане еден ден пред да се врати во своето пристаниште Бризбејн.
Од патниците ќе се бара да имаат негативен брз антигенски тест пред слетувањето, но од екипажот на бродот ќе се бара да остане.
Повеќето членови на екипажот се заразени на бродот за крстарење, а 114 лица се во изолација.
Четворица патници исто така беа во изолација по позитивниот тест, а 24 од нив се симнаа претходно во Бризбејн, рече главниот здравствен директор на Квинсленд, Џон Џерард.
Одделот за здравство на Нов Јужен Велс соопшти дека патниците, најверојатно, се заразиле од коронавирус пред да се качат на бродот за крстарење.
Портпаролот на бродот за крстарење „Корал принцес“ изјави дека екипажот што бил позитивен на вирусот имал благи симптоми или се асимптоматски случаи.
Според најновиот биланс, Австралија регистрирала 41.336 случаи на коронавирус и 58 смртни случаи, пишува „Гардијан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

