Македонија
Нови 504 ковид-позитивни – пријавени се две починати лица

Во согласност со податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 1.385 теста, а регистрирани се нови 504 случаи на Ковид-19: Скопје – 264, Битола – 38, Велес – 30, Куманово – 26, Прилеп – 25, Кавадарци – 19, Тетово и Струмица – по 15, Струга – 11, Кичево – 10, Штип – 6, Гостивар, Кочани, Гевгелија и Свети Николе – по 5, Неготино – 4, Охрид, Ресен, Крива Паланка, Валандово и Демир Хисар – по 3, Радовиш – 2, Делчево, Берово, Кратово и Македонски Брод – по 1.
Од вкупниот број позитивни (504), регистрирани се 133 реинфекции.
Регистрирани сe 321 оздравен пациент, и тоа од: Скопје – 166, Битола – 24, Куманово – 16, Тетово, Кавадарци и Охрид – по 14, Велес и Штип – по 12, Гостивар – 9 , Пробиштип – 6, Прилеп и Неготино – по 5, Радовиш и Крива Паланка – по 4, Кочани, Гевгелија и Валандово – по 3, Струмица – 2, Делчево, Дебар, Богданци, Кратово и Дојран – по 1.
Во текот на изминатите 24 часа не се пријавени починати лица.
Во согласност со регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој термин“, регистрирани се две починати лица: од Свети Николе (75) и од Куманово (72). Починале во домашни услови, а пријавени се на 16.6.2022 и на 30.6.2022 година.
Досега во земјата се направени вкупно 2.096.095 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 318.138, бројот на оздравени пациенти е 306.309, на починати е 9.339, а бројот на активни случаи изнесува 2.490
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ССМ утре на протест со исто барање како лани: Протестираме за најмалку 500 евра минимална плата

Исто како и ланскиот првомајски протест и оваа година Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ги повика работниците и нивните поддржувачи на протест за најмалку 500 евра минимална плата, 100 евра зголемување на сите останати плати и почитување на колективните договори. Минатата година претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов кога повикуваше на првомајски протест кажа дека од новата Влада ќе побара покачување на минималната плата уште во првите сто дена, но една година подоцна, барањето не е исполнето, па и утрешниот првомајски протест ќе биде со истите барања.
„Нашите барања не се од денес, не започнаа вчера и нема да завршат утре. Протестот е начин на Први мај да изразиме незадоволство од висината на платите кои ги примаат работниците во Македонија, а како што многупати сме кажале досега се најниски во регионот, а да не зборуваме и за пошироко. ССМ ги повикува сите кои му мислат добро на работникот во текот на утрешниот ден, Први мај, во 11 часот да ни се приклучат на работничкиот протест со рутата на движење Собрание-Стопанска комора- Влада. Денеска синдикатите во Македонија имаат многу причини да излезат, да демонстрираат и да протестираат, а не да прославуваат. Денеска имаме можност да покажеме дека сме тука за работниците“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
На утрешниот протест трендафилов одговарајќи на новинарско прашање каже дека нема да има сендвичи но ќе се протестира за работниците да може да се изборат не само за сендвич туку за да можат да обезбедат далеку повеќе работи за семејствата.
Протестот ќе почне утре во 11 часот пред Работничкиот дом.
Македонија
Формирана Меѓупартиска парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес

Денеска, во Собранието, се одржа конститутивна седница на Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од планот за раст.
Иницијативата за оваа Група беше поднесена во октомври минаната година и таа беше прифатена од сите партии. На денешното нејзино конституирање формално за нејзин претседател едногласно беше избран потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на предлог на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Милошоски се заблагодари за довербата и вети што повеќе активности на Групата. Тој истакна дека формирањето на оваа Група е од исклучителна важност за Собранието за обезбедување парламентарен надзор и поддршка во спроведувањето на клучните реформски обврски што произлегуваат од Берлинскиот процес и новата реформска агенда од планот за раст како стратешки приоритети на државата. Во насока на нејзино поуспешно дејствување предложи членување не само на моментните 29 пратеници, туку и на невладини организации.
Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од планот за раст ќе се занимава со:
· степенот на реализација на обврските поврзани со заедничкиот регионален пазар;
· јавните и надзорните расправи со претставници на извршната власт, а во врска со проектите што се дел од целите на Берлинскиот процес;
· претставување на Собранието на регионални и меѓународни настани организирани во рамките на Берлинскиот процес;
· други активности поврзани со планот за раст на Европската комисија.
Во Берлинскиот процес учествуваат 9 земји членки на ЕУ, како и Велика Британија, а од пред една година не се вклучени само владите, туку и парламентите. Во моментот со Берлинскиот процес претседава Германија, но од јуни претседавањето ќе го презеде Велика Британија.
Македонија
Првпат во Ѓорче Петров – субвенции за велосипеди и за уреди за затоплување

Советот на Општина Ѓорче Петров донесе одлука за доделување субвенции на жителите за набавка на нови велосипеди и енергетски ефикасни уреди за затоплување во 2025 година.
За првпат, општината издвојува средства во износ од 500.000 денари за субвенционирање на дел од трошоците за купен велосипед, во висина до 3.000 денари по лице.
Истовремено, обезбедени се и 1.000.000 денари за субвенционирање на трошоци за набавка на клима уреди и топлотни пумпи, со цел замена на постоечките нееколошки уреди на јаглен, дрва или мазут.
Граѓаните може да добијат: до 15.000 денари за клима уред и до 21.000 денари за топлотна пумпа согласно утврдените критериуми.
„Со овие мерки покажуваме дека општината активно се вклучува во поддршка на граѓаните и заштита на животната средина. Ги поттикнуваме одржливите форми на транспорт и овозможуваме премин кон почисти и побезбедни енергетски решенија. Секоја инвестиција што значи подобар квалитет на живот за нашите сограѓани е вредност за која вреди да се бориме,“ – изјави Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.
Право на користење имаат сите жители на Општина Ѓорче Петров кои ќе ги исполнат условите од јавниот повик.
Јавниот повик ќе биде објавен наскоро. Се повикуваат сите заинтересирани граѓани да аплицираат навремено.