Македонија
Советот на ЕУ одобри почеток на пристапните преговори со Скопје и Тирана

Вечерва Советот на ЕУ даде „зелено светло“ за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, соопшти чешкото претседателство со ЕУ.
Амбасадорите на земјите-членки ги договорија преговарачките рамки за двете земји, со што се создадени услови за првата меѓувладина конференција за пристапување, што ќе се одржи во вторник во Брисел.
На таа конференција ќе бидат прогласени за отворени преговорите со двете земји, а потоа и т.н скрининг процес длабинска анализа на законодавството на двете земји и степенот на нивната усогласеност со европското законодавство.
„Советот на ЕУ штотуку даде согласност за отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Направивме важен чекор кон приближување на Западен Балкан до Европската Унија. Ова е голем успех на нашето претседателство“, напиша чешкиот премиер Петр Фиала на Твитер.
Усвоени се и преговарачките рамки за Северна Македонија и за Албанија.
Чешкиот премиер вели дека утре во Брисел ќе се сретне со лидерите на двете земји за да разговараат за следните фази на патот кон Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Перински: Системски пристап при насочувањето на буџетските средства кон регионите и општините

Денеска се одржа 41. седница на Советот за рамномерен регионален развој, со која раководеше министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на која се дискутираше за клучна тема поврзана со подобрување на системот на планирање и распределба на јавните финансии преку утврдување на предлог на поблиски критериуми за проценка на буџетските програми од страна на ресорните министерства кои имаат влијание врз регионален развој.
Целта на критериумите е да се воспостави пообјективен, транспарентен и координиран пристап при насочувањето на буџетските средства кон регионите и општините, особено кон оние што заостануваат во развојот.
„Со дефинирање на јасни критериуми, ќе се овозможи поусогласено планирање на јавните инвестиции, со фокус на вистинските потреби на граѓаните. Ова е чекор во унапредување на рамномерниот развој и во постигнување на поголема територијална кохезија“, истакна министерот за локална самоуправа.
Министерството најави дека Советот продолжува со континуирана работа на креирање политики кои ќе овозможат еднакви можности за развој на сите плански региони, како стратешка цел на Владата и клучен елемент во процесот на децентрализација и одржливиот развој на локалната самоуправа.
Македонија
Воведени нови летови од скопскиот аеродром до Стокхолм, Мадрид, Бари, Келн и Прага

Скопје се поврзува со уште пет нови дестинации. Од скопскиот аеродром се воведуваат летови до Стокхолм, Мадрид, Бари, Келн и до Прага, објави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
„Утрово, потпишавме договор за 5 нови дестинации, кои ќе се оперираат од скопскиот аеродром. Пет нови авиолета, кои ќе значат повеќе туристи во Македонија, повеќе бизнис во Македонија и повеќе можности за сите граѓани на Македонија. Веќе од ноември почнува редовна авионска линија Стокхолм – Скопје. Исто така, веќе од ноември почнува редовна авионска линија Мадрид – Скопје, а од декември почнува редовна авионска линија Бари – Скопје, од декември Келн – Скопје и исто така од декември почнува и редовна авионска линија Прага – Скопје. Ова се пет нови авиолинии, кои за неколку месеци ќе почнат да оперираат од скопскиот аеродром“, рече Николоски.
Тој додаде дека за една година се отворени 16 нови авиолинии.
„Со 11 нови линии, што веќе ги отворивме, и овие 5, веќе зборуваме за 16 нови авиолинии, кои ги отворивме за една година. И тоа бројките го покажуваат, само во првата половина од оваа година од скопскиот и од охридскиот аеродром вкупно се превезени 1,5 милион патници, што е зголемување за 5 % од скопскиот аеродром и 11 % за охридскиот аеродром“, рече Николоски и најави дека во следниот период ќе има уште нови авиолинии.
Македонија
Зголемен број на туристи во Македонија, земјата станува сѐ поинтересна за Германците, Французите, Британците…

Анализата на туристичкиот тренд во првите пет месеци од 2025 година покажува дека Македонија бележи интензивирање на туристичкиот промет и зголемување на интересот на странските туристи од западноевропските земји, пред сè, од: Франција, Германија и Велика Британија.
Министерството за култура и туризам ги анализираше најновите податоци за движењето на странските туристи во Македонија за првите пет месеци од 2025 година, во однос на истиот период во 2024 година, при што е забележан пораст од 23,6 % кај странските туристи и раст од 18,7 % кај остварените ноќевања.
Во првите пет месеци од 2025 година, туристичкиот промет во Македонија бележи значително зголемување во однос на истиот период во 2024 година.
Посебно се издвојува Германија со раст од 219 % во бројот на туристи и 146 % во ноќевања, што укажува на видно зголемен интерес на германските туристи за посета на нашата земја. Франција бележи највисок пораст со 398 % повеќе туристи и 303 % повеќе ноќевања, со што се позиционира како нова стратешка цел на туристичките политики. Велика Британија забележува значително зголемување од 204 % во бројот на туристи и 139 % во ноќевањата. Турција, која беше водечки пазар во 2024 година, продолжува со стабилен раст од 11 % во бројот на туристи и 21 % во ноќевањата, задржувајќи ја својата прва позиција според вкупниот број на туристи и ноќевања. Овие резултати ја потврдуваат позитивната динамика и зголемениот интерес за Македонија како атрактивна туристичка дестинација на европската мапа.
„Македонија бележи растечки интерес кај странските посетители за културен туризам во месеците надвор од традиционалната сезона, што значително придонесува за анулирање на сезонскиот туризам, зголемување на вкупните туристички приходи и засилување на локалната економија. Овој тренд е од исклучително значење затоа што создава континуирана туристичка активност низ целата година, ги ангажира локалните заедници, занаетчии, водичи и угостители, и овозможува рамномерен економски развој и надвор од туристичките центри“, соопшти Министерството и најави дека ќе ги искористи овие податоци за прецизно насочување на промотивните активности, подготвување на програмата на секторот туризам, јакнење на авионските врски со новите пазари и активна поддршка на туристичките оператори.