Свет
Захарова: Го предупредуваме Зеленски, постои голема опасност од нуклеарна несреќа во Запрожје

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска објави соопштение во кое им се обрати на властите во Киев.
Наведе дека ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, предизвикува зголемена загриженост. Тврди дека ситуацијата ја „ескалирале украинските власти“ наведувајќи дека Киев „шири дезинформации за наводно влијание на руските претставници во електраната за обезбедување на нејзината безбедност“.
„Постојано нагласуваме дека Русија покажа најголема одговорност во однос на украинските нуклеарни постројки и направи се што е во нејзина моќ за да обезбеди не само соодветно ниво на нуклеарна и физичка безбедност, туку и најголема можна транспарентност во ова прашање“, тврди Захарова во соопштението упатено до Киев.
Таа натаму наведува дека на крајот на јуни 2022 година, Русија, заедно со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), предводена од генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, подготвувала посета на оваа нуклеарна централа за да се потврди усогласеноста со безбедносните стандарди и имплементацијата на заштитни мерки, но дека посетата не се одржа бидејќи Секретаријатот на ОН одби да ја поддржи иницијативата на Секретаријатот на МААЕ под слабо оправдување за недоволна безбедност и лош тајминг за посетата.
„Попречувањето на посетата беше од корист на режимот во Киев и неговите западни спонзори, кои не беа задоволни што главниот директор, експертите на Агенцијата и меѓународните претставници вклучени во мисијата ќе имаат можност да ја видат реалната ситуација во Запорожје и самите да се уверат во исправноста на неговото функционирање“, наведе Захарова.
Таа го нападна режимот во Киев за нарушување на безбедноста на нуклеарната централа.
„По прекинот на посетата, вооружените провокации на Киев против нуклеарната централа се зголемија повеќекратно: беа извршени напади со беспилотни летала на територијата на централата, како и акции насочени кон заплашување на нејзиниот персонал. Руското Министерство за надворешни работи постојано ги пријави овие инциденти во МААЕ“, вели Захарова.
Захарова на крајот заклучува дека акциите на Украина ги прекршиле сите седум принципи за нуклеарна безбедност формулирани од генералниот директор на МААЕ, игнорирајќи ги резолуциите на Генералните конференции на МААЕ од 1985 и 1990 година, кои наведуваат дека секој вооружен напад или закана од напад врз нуклеарни постројки ги прекршува принципите на Повелбата на ОН, меѓународното право и Повелбата на МААЕ.
„Го предупредуваме режимот на Зеленски да не продолжува со провокации насочени кон најголемата нуклеарна централа во Европа, бидејќи тоа може да доведе до нуклеарна несреќа што ќе има последици не само за Украина. Ја повикуваме меѓународната заедница да биде внимателна по ова прашање и да ги осуди постапките на властите во Киев“, заклучува портпаролката на руското МНР во соопштението упатено директно до украинските власти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија: Се надеваме на продолжување на конструктивните разговори со САД

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва се надева на продолжување на „корисните и конструктивни разговори“ со САД.
Лавров рече дека очекува разговорите да продолжат денес во Алјаска. „Никогаш не правиме планови однапред. Знаеме дека имаме аргументи, јасна и разбирлива позиција и ќе ја презентираме“, рече Лавров.
Тој додаде дека многу веќе е постигнато за време на посетата на Стив Виткоф, кој зборуваше во име на претседателот Трамп, и дека за тоа зборувал и претседателот Путин. „Се надевам дека ќе го продолжиме овој конструктивен разговор“, заклучи Лавров.
Свет
Белата куќа го објави распоредот за средбата Трамп-Путин

Белата куќа го објави распоредот за средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Во 6:45 часот наутро по источно време (11:45 часот наутро по македонско време), американскиот претседател треба да ја напушти Белата куќа за Анкориџ, Алјаска, каде што ќе се одржат разговорите.
Средба
Трамп и Путин треба да ги започнат своите разговори околу 11:00 часот наутро по локално време (21:00 часот по македонско време). Тие ќе се сретнат приватно, со присуство само на нивните преведувачи.
Враќањето на Трамп
Американскиот претседател планира да го напушти Анкориџ и да се врати во Белата куќа околу 17:45 часот по локално време (03:45 часот по македонско време).
Европа
(Видео) Украина разнесе руски брод што превезувал иранско оружје

Украинските специјални сили извршија напад врз руското пристаниште Оља во регионот Астрахан, погодувајќи брод што превезувал делови од беспилотните летала „Шахед“ и иранска муниција. Се сомнева дека украинските беспилотни летала истовремено нападнале рафинерија за нафта во регионот Самара, објавува „Киев пост“.
Според соопштението од Генералштабот, нападот е извршен во четврток во соработка со Силите за специјални операции и други единици на одбранбените сили, со цел да се намали способноста на Русија да спроведува воздушни напади.
Пристаништето Оља е еден од клучните логистички центри за увоз на воена опрема од Иран. Бродот „Порт Оља 4“, кој наводно превезувал делови за беспилотни летала и муниција, бил погоден. Проценката на штетите е сè уште во тек.
Рано утрово, беспилотни летала од Краснодар нападнаа рафинерија во градот Сизран во регионот Самара. Мештаните пријавија до 10 експлозии од 4 часот наутро, а снимки и фотографии од пожар во објектот се појавија на Телеграм. Руските власти сè уште не ја потврдија штетата.
Украина официјално не коментираше до моментот на објавување.
Руското Министерство за одбрана тврди дека неговата воздушна одбрана соборила 53 украински беспилотни летала преку ноќ.
фото: принтскрин