Македонија
МТСП: Градиме систем кој е праведен и приспособен на лицата со попреченост
Министерството за труд и социјална политика по наводите на коалицијата „Менуваме“ во некои од медиумите, за „остварувањето на праватa за еднаквост, достоинствен живот и вклучување на лицата со попреченост во целокупниот јавен живот“, ја информира јавноста дека во согласност со програмата за работа на Владата на РСМ за 2022 предвидено е зголемување на правото на посебен додаток за 15 % за сите три категории на корисници на ова право, а измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата е влезен во собраниска процедура и обезбедени се средства за ова покачување со ребалансот на буџетот.
Исто така, доставена е измена и дополнување на Законот за социјалната заштита, со која се дополнуваат критериумите за користење на личната асистенција, односно дополнување со комбинираната попреченост, како и намалување на возрасната граница кај правото за траен надоместок за родители што до 26-тата година се грижеле за дете со попреченост без да биде згрижено во институција, односно намалувањето е од 62 на 60 години за жени и од 64 на 62 години за мажи.
За измена на условите за користење на правото за попреченост планирани се активности во последниот квартал на 2022 година, со цел покачување на висината на правото во 2023 година, но и негово степенување во согласност со преостанатата функционалност и индивидуалните потреби на корисниците.
Целта на социјалната реформа не е само покачување на висината на правата, односно зголемувањето на пасивните мерки, туку и зголемување на обемот и достапноста до квалитетни услуги во делот на социјалната заштита, образованието и здравството, со што децата и лицата со попреченост на еднаква основа да користат услуги, да стекнат квалитетно образование и да стекнат вештини што ќе им обезбедат влез на пазарот на трудот и да направиме самостојни активни граѓани.
Новите права и услуги за 2022 година што се договорени со другите министерства и фондови и со неколку здруженија на граѓани, се:
– ослободувањето од здравствената партиципација за лицата со попреченост над 26 години во вкупна висина од 16.000.000 денари,
– измена на правилникот за утврдувањето список на поправки на ортопедските помагала за покривање на трошоците за сервис и поправка на говорниот процесор,
– намалување на времето за доделување ортопедски помагала – чевли од 9 на 6 месеци,
– промена на критериумите за користење на личната асистенција, односно дополнување со комбинирана попреченост, каде што доминантна е телесната (која со оваа измена ќе може да ја користат и лицата со церебрална парализа),
– проверка на усогласувањето на висината на правата со трошоците за живот.
Она што е исто така многу важно е измената и дополнувањето на одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година, каде што е определена цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете/лице со попреченост од стручен работник во лиценцираните дневни центри за деца со попреченост, односно 858 денари за индивидуален третман и 1.053 денари дневно од корисник, платени преку центрите за социјална работа.
Во моментот трите министерства, МТСП, МОН и МЗ, го подготвија правилникот за работа на комисиите што прават процена по Меѓународната класификација на функционалности и тој е на финално одобрување по што овие комисии ја преземаат обврската да го определуваат степенот на поддршка на децата со попреченост.
Во тек е изработка/воведување регистар за лицата со попреченост, на кој се работи во МТСП, воведување единствен систем на процена на попреченост и реформа на системот за вработување на лицата со попреченост.
Обезбедени се средства за вработување на 500 образовни асистенти во наставата (218 милиони денари), а со ребалансот се обезбедени средства за дополнителни 225 асистенти, кои им се потребни како поддршка на наставниците во работата со учениците со попреченост.
Потпишан е договорот за лицата што користат Кохлеарни импланти за набавка на говорниот процесор.
Преку проектот за подобрување на социјалните услуги, со поддршка на Светската банка, развиена е услугата помош и нега во домашни услови и со ребалансот обезбедени се 27 милиони денари овие услуги да се плаќаат преку буџетот на Министерството.
Во тек е и нов јавен повик на кој ќе може да се пријават сите единици на локалната самоуправа да развиваат социјални услуги во локалната заедница.
Завршено е идејното решение за реновирање на ЈУ Завод за рехабилитација Скопје, кој ќе прерасне во модерен центар за социјални услуги за што се обезбедени средства од 1,5 милион евра од страна на ЕУД. Во тек е обезбедувањето на дозволите за адаптација на објектите и во текот на август ќе биде распишан тендер за изведување на градежните работи.
Дополнително, почна подготовка на нова национална стратегија за лицата со попреченост 2022-2027 година.
До крајот на годината планирано е обезбедување обуки и понуда на работни места за невработените родители на децата со попреченост во услугите од социјалната заштита и во дневните центри.
Досега се отворени 12 организациски единици за живеење со поддршка со капацитет од 60 лица под ЈУ Специјален завод „Демир Капија“.
До крајот на 2022 година ќе се отворат нови 10 станбени единици за живеење со поддршка за 50 корисници од Специјалниот завод „Демир Капија“ и ЈУ Завод за рехабилитација – Скопје.
Министерството за труд и социјална политика е во постојана комуникација со здруженијата на граѓани за заштита на правата на лицата со попреченост, со националните инвалидски организации, со родителските организации, а во насока во рамките на можностите на буџетот да одговори на потребите и барања на децата и лицата со попреченост.
Министерството е отворено за соработка со цел градење систем, кој е праведен, кој ги следи потребите на секоја индивидуа и врз основа на потребите да ги креира политиките и мерките во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

