Македонија
Мицкоски: Власта да не го бојкотира референдумот
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешната посета во општина Петровец во која се постави камен темелник на новата општинска зграда, одговараше на новинарско прашање поврзано со најавениот референдум и можниот консензус за усогласено референдумско прашање.
Мицкоски рече дека што се однесува до референдумското прашање, консултациите со експертите конвергираат кон тоа што и самиот претседател Стево Пендаровски го кажал, и се многу блиску до таа содржина која што ја претседателот ја кажал. Мицкоски рече дека очекува од Пендаровски да излезе со став во јавноста дека заедно со неговите соработници ќе излезе на референдумот и ќе го поддржи според своето убедување.
„Очекувам Пендаровски да излезе јавно со став со своите соработници ќе излезе на референдумот и ќе го поддржи, ќе гласа, а ќе гласа нормално според своето убедување -дали треба да продолжиме под овие услови, под услови на диктат или ќе треба да продолжиме под некои поинакви услови кои ние како ВМРО-ДПМНЕ и останатите би рекол, опозициски партии но и други кои се партии во власта и слободномислечки пратеници мислат дека треба да продолжи Македонија. Односно, да не бидеме под диктат, под закана за асимилација во 21 век повторно, во современа Европа, во Европа во која што треба да има рамноправност, во која ќе треба вредностите да победуваат и демократските вредности се разбира, вредностите на 21 век, ние сѐ уште да се плашиме и да се бориме за нашиот идентитет. Така што, тоа е одговорот на вашето прашање поврзано со референдумот. Очекувам поддршка од претседателот Пендаровски, но очекувам поддршка и од останатите политички партии да излеземе и да видиме каква иднина треба да има нашата Македонија“, рече Мицкоски.
Во врска со изборите, Мицкоски рече дека тие се на ставот дека оваа влада е исклучително корумпирана, неспособна и нема визија и треба час поскоро да замине и затоа било кој термин кој не може да се доведе во врска со референдумското изјаснување за нив е добредојден и подготвени се да излезат на избори и освојат мнозинство, мнозинство во кое ќе нема уцени и ќе се исправат грешките кои се случија во изминатите пет години. Во однос на активната блокада, Мицкоски рече дека се спречиле многу законски решенија како на пример злоупотребата на опојните дроги, измените во законот за работни односи со кој требаше на голем број партиски судии и обвинители да им се продолжи работниот стаж, законот за коцкање и уште многу закони кои активната блокада ги спречила.
„Секој оној од владата која сака да се консултира, подготвени сме да појдеме на состанок, во Клубот на пратеници, на нова лидерска средба да разговараме и да го утврдиме референдумското прашање. Јас веќе на следната седница на Извршниот комитет ќе излезам со позиција откако ќе завршат консултациите и со коалициските партнери бидејќи на крај сакам да го слушнам и нивното мислење, многу значаен сегмент од коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, да излеземе пред членовите на ИК, на ЦК и во секое време на владата и стоиме на располагање да разговараме за референдумското прашање. Нема бегање од ова.
Ние сме за задолжителен референдум, формално правно гледам има и јавна дебата од страна на власта и од оние инсталации од страна на власта во опозицијата чија што заедничка цел е да не успее овој референдум формално право, а тоа е да нема 50% плус 1 од бројот на избирачи кои се дел од избирачкиот список. Тоа е заедничкото од власта предводена од СДСМ/ДУИ и овие малкумина незначителни инсталации на власта во опозицијата и помеѓу македонскиот блок. Само тие имаат единствена желба, а тоа е референдумот да не успее, тоа е суштината нивна. А нашата суштина е што е можно повеќе граѓани да излезат на референдум и да си го дадат својот глас. Доколку власта одлучи да не го бојкотира овој референдум или да не го попречува референдумското изјаснување, јас сум убеден дека референдумот и формално правно ќе биде успешен. Доколку се обидува да го попречи, да го опструира, да го бојкотира, бидејќи тие еднаш си ја бојкотираа довербата во парламентот, тогаш ќе се бориме да дојдеме и до формално правно успешен референдум, но секој еден глас на референдумот, без разлика дали ќе биде ЗА или ПРОТИВ е највисока форма на демократија и јас ја почитувам и се поклонувам бидејќи суверенитетот доаѓа од народот, народот е суверен на оваа држава, не политичарите или политичките елити – додаде Мицкоски во врска со претстојниот референдум и референдумското прашање.
Мицкоски ги повика сите политички партии вклучувајќи ги албанските, академијата, универзитетите, верските заедници да ги повикаат граѓаните да излезат и да се изјаснат бидејќи ова ќе биде изјаснување за иднината на родените и неродените генерации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

