Македонија
Евроамбасадорот Гир: Ако не го смените Уставот, процесот запира тука
Преговорите се отворени и скринингот започна. Одржувањето на наредната меѓувладина конференција зависи од билатералниот договор меѓу двете засегнати земји. Ако не ги направите уставните измени веројатно преговарачкиот процес ќе запре, вели евроамбасадорот Дејвид Гир во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
„Со начинот на којшто договорот е направен, преговорите се отворени. Скринингот започна и имавме нешто што е наречено меѓувладина конференција со која започна целиот процес. Кога скринингот ќе биде завршен во оваа фаза, да одите на наредната точка е потребно да има друга меѓувладина конференција. Одржувањето на таа меѓувладина конференција зависи од овој билатерален договор меѓу двете засегнати земји. Секако, тоа е суверена одлука за Северна Македонија да го смени Уставот, иако веќе имате добар учинок во меѓуетничките односи и ова понатаму само ќе го дефинира тоа. Но, што ќе се случи ако не оди напред. Мислам дека најверојатното сценарио ќе биде преговарачкиот процес да запре таму. Ќе го завршите скринингот, но одржувањето на меѓувладината конференција и следните чекори ќе го чекаат решавањето на ова прашање. Не бидејќи трета земја дошла и ставила вето, туку бидејќи оваа земја решила да се повлече од обврската која е направена билатерално со Бугарија“, вели евроамбасадорот.
Во врска со најавите за референдум, евроамбасадорот рече дека тоа е суверена одлука за оваа земја и затоа не би сакал да коментира, но повтори дека има бројни јасни причини и бенефиции зошто Северна Македонија ќе има корист од членството во ЕУ.
Прашан колку ЕУ ќе биде гарант дека Бугарија нема да ги кочи и блокира преговорите и во случај кога Северна Македонија ќе ги исполнува своите обврски од билатералниот протокол, Гир рече: „Самиот процес нема 100 процентни гаранции. Самиот процес се состои од серија на моменти кога едногласни одлуки треба да се донесат. Така функционира за сите земји. Ниту една преговарачка рамка не може да гарантира дека други прашања нема да бидат покренати. Доколку бидат покренати ЕУ како што има направено во други процеси за членство ќе се справи со нив“.
Гир истакна и дека има многу јасни индиции од ЕУ и од земјите членки дека сакаат овој процес да ги следи европските стандарди и европските принципи, а ЕУ има разбирање за идентитетските прашања.
„Минатата недела кога бев на меѓувладината конференција, високиот претставник и заменик претседател на ЕК, Борел конкретно кажа дека ги разбираме идентитетските прашања, но не го губите идентитетот за време на процесот. Ниту една земја не го направи тоа. Како што кажав во неколку прилики досега. Мислам видете ги земјите кои станаа членки. Дали Шпанците станаа помалку Шпанци. Дали Естонците кои се од помала земја станаа помалку Естонци. Дали Малтежаните од уште помала земја станаа помалку Малтежани. Не. Јасно дека не и нема причина оваа земја да го става својот идентитет под сомнеж“, рече Гир во интервјуто за РСЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

