Македонија
Македонија го празнува 2 Август под слоганот „Илинден – нашата сила за иднината“

Под слоганот „Илинден – нашата сила за иднината“, денес се одбележува 2 Август – Денот на Републиката – Илинден. Во таа чест, делегации на Владата, Собранието и на претседателот ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености.
И оваа година граѓаните го слават националниот празник почитувајќи ги заедничките, интеркултурни вредности, меѓусебно почитувајќи се, празнувајќи гордо, достоинствено и обединето.
Чествувањето на денот, кога славиме 119 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и денот кога пред 78 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност, почна традиционално синоќа, со манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, годинава ја предводи владината делегација во Крушево, каде ќе има свое обраќање.
Во состав на владината делегација предводена од премиерот се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев, во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република.
Од 10:30 часот, со присуство на панихидата за загинатите илинденци во црквата „Св. Никола“, на владината делегација и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин Камен продолжува церемонијата во чест на националниот празник, по што на Мечкин Камен во 11:30 часот, започнува манифестацијата на која свечено ќе се обрати претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана празнична културно-уметничка програма.
Претседателот Стево Пендаровски утрово ќе учествува на свечена манифестација во вилата на Водно, каде се очекува да одржи говор и постхумно да ги одликува со орден Крсте Црвенковски и Невена Георгиева-Дуња.
Пендаровски по повод одбележувањето на Илинден, во текот на денот ќе ја предводи и државнo-црковната делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“.
Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во организација на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Свечената програма за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар, каде се чествува со положување цвеќе и фолклорна манифестација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Меѓусебната заштита на Коцевски со СДС и ДУИ е причина за 2% доверба во судството

СДС ги штитат корумпираните обвинители и судии бидејќи им овозможуваат закрила на нивните функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Клиентелизмот на Коцевски е гаранција за заштита и неказнивост на функционерите од СДС и ДУИ.
Поддршката што Коцевски ја доби од Филипче е меѓусебна заштита која ја гуши правдата во државата. Бидејќи доколку падне Коцевски, ќе се отворат врати за истраги како против Филипче така и за останатите функционери од СДС и ДУИ.
СДС со негласањето на интерпелацијата целосно се разголи, и на виделина пред јавноста излезе спрегата помеѓу СДС, ДУИ и Коцевски.
Очигледно е дека СДС и ДУИ стојат зад заштитата на Коцевски, кој за возврат не презема ништо за наводните злоупотреби и сомнежи за висоока корупција како и сомнителни тендери поврзани со Филипче, Заев и Ахмети.
Со одбивањето да ја поддржат интерпелацијата, СДС и ДУИ јасно покажаа кој го поставал Коцевски и кој го одржува на функцијата, јавниот обвинител Коцевски.
Се додека Коцевски е на позицијата, довербата во правосудството ќе биде помала од 2%, а одговорност за криминалите поврзани со СДС и ДУИ нема да има.
Доколку постои грам морална одговорност кај Коцевски, треба да ја препознае пораката од јавноста и да си поднесе оставка.
На Македонија и се неопходни темелни реформи во судството, правосудство растеретено од политички влијанија каде судиите и обвинителите ќе носат одлука врз основа на законите и Уставот а не под влијание на партиските интереси на СДС и ДУИ.
Во Македонија неопходно е правдата да завладее, неопходни се коренити реформи и трансформација на судскиот систем“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Времето денеска сончево со мала до умерена облачност, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.
Попладне ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи.
Минималните температури ќе се движат од 12 до 20, а максималните од 26 до 36 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната дневна ќе достигне 36 степени.
Македонија
Бендевска: Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ

По повод 2 Август – Денот на Републиката, во име на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Весна Бендевска, заедно со собраниска делегација во состав: Бране Петрушевски, Никола Коњановски, Даниела Николова и Даниел Стојчевски, одбележа 81 година од Првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
„На хероите на двата Илиндена кои се жртвуваа за денес да можеме да бидеме свои на своето, да им ветиме уште еднаш дека денешните генерации нема да го заборават заветот што ни го оставија. Да ги насочиме нашите погледи, стремежи и напори од заедничкото минато, кон заедничката сегашност и иднина. Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ“ – порача потпретседателката Бендевска.