Македонија
По четири децении, се реконструира улицата Скоевска во Радишани
Град Скопје денес ја почна реконструкцијата на улицата Скоевска во населбата Радишани, општина Бутел. На почнувањето на градежните работи присуствуваа градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, и градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски.
Со овој проект целосно се реконструираат коловозот на улицата и нејзините три краци, во вкупна должина од 1.800 метри и ширина од 6 метри, од крстосницата со улицата Ѓоре Ѓоревски до крстосницата со улицата Радишанска, а воедно се предвидува и соодветно партерно уредување и зеленило.
„Станува збор за една од поважните сообраќајници во ова населено место, која не е реконструирана повеќе од четири децении и таа, како што може да се види на терен, е во исклучително лоша состојба. За Град Скопје, сигурноста и безбедноста на граѓаните се приоритет и со реализацијата на овој проект жителите на населбата Радишани ќе добијат комплетно реконструиран коловоз, со соодветна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација и соодветно партерно уредување и зеленило“, истакна градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска.
Градоначалничката Арсовска додаде дека покрај оваа улица, пред почнување се и реконструкцијата на дел од улицата Бутелска и повеќе други проекти во согласност со барањата на граѓаните од општина Бутел.
Градоначалникот Костовски изрази задоволство од почетокот на реализацијата на овој проект, кој Град Скопје го реализира преку договор за меѓуопштинска соработка, при што со него им се излегува во пресрет на потребите на повеќе од 7.000 жители во населбата Радишани.
Вредност на изведбата е 20.541.605 денари, при што постигнато е намалување на цената со електронска јавна аукција и заштеда од 20 % од проценетата вредност на проектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

