Македонија
Алијанса за Албанците: Наместо урбана кампања, граѓаните се соочуваат со нехумана закана по нивното работно место
„Во предизборна кампања за советот на Општина Тетово наместо да има вистинска конкуренција на платформи, понуди и човечки вредности, за жал од страна на партиите кои имаат моќ, дали локална или централна, има натпревар на тоа кој ќе понуди повеќе договори за работа, коишто договори се претвораат во заканувачки и уценувачки инструмент за граѓаните. Оваа практика, која ја почна ДУИ, сега ја користат и другите партии кои имаат власт, без разлика дали се локални или централни. Доволно е да имаат функција над една управа и во ист миг ја претвораат во продавница за привремени вработувања“. Ова меѓудругото на денешната прес-конференција го изјави Вјолца Бериша, генерален секретар на опозициската Алијанса за Албанците.
„Ние како Алијанса за Албанците ја осудуваме оваа грда појава која ја пренасочува вистинската политичка понуда, во девалвирана понуда на договори која е повеќе фиктивна отколку реална. Сакаме натпревар на платформите, проектите, напорите и политичката визија за изградба на државата и за да го направиме нашиот град, место за живеење, каде што вистински ќе се артикулираат неговите можности. За жал, наместо ваква понуда, наместо урбана кампања каква што заслужуваат нашите граѓани, тие се соочуваат со најнехумана закана, како што е нивното работно место“, изјави Бериша.
Таа напомена дека „граѓаните сега веќе ја имаат сфатено причината зошто продолжуваат да се вработуваат толку многу работници со договор. Знаат дека преку овие договори ги тераат да гласаат. Ова е еден многу грд феномен што ги навредува луѓето обидувајќи се да импровизираат ропство во XXI век“.
„Да се држи човек како заложник со работната позиција и да се повикува во информативни разговори за тоа што ќе прави и што треба да направи со својот глас, надминувајќи го притисок, е навреда и нарушување на достоинството. Самите граѓани ги знаат случаите и нивниот револт ќе биде артикулиран на нивниот ден, на денот кога ќе гласаат. Да го држиш во заложништво работниот однос на човекот за да го имаш во рака кога ти треба е како да му го одзимаш лебот од уста. Покрај заканата за отказ од работа, во последните години се појави уште еден начин на уцена со вработување, тој на фиктивните договори кои се склучуваат и стопираат по неколку месеци, злоупотребувајќи ги парите на граѓаните, гушејќи ги институциите, терајќи ги институциите да работат само за платите на нивните потенцијални гласачи и на крај лажејќи ги и самите нив, не наоѓајќи им реална работа, потоа раскинувајќи им ги договорите, ставајќи им ги имињата на списоците на срамот како луѓе што земале плата, каде што сите се ставаат во иста вреќа и тие што оделе на работа и тие што не оделе, тие што навистина се труделе и работеле и тие што работеле во партиските штабови и во куќите на функционерите“, порача Бериша.
Од партијата ги повикаа „политичките партии кои се дел од власта да престанат со притисокот и производството на лажни договори, од многу причини“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.

