Македонија
Тренчевска: Со СДСМ до рекордно зголемување на пензиите и поголеми бенефиции на лицата со попреченост

СДСМ се грижи за сите ранливи категарии, а особено за пензионерите, кои добиваат рекордно зголемување на пензиите во историјата на Северна Македонија, истакна на средба со тетовските пензионери претседателката на форумот на жени на СДСМ Јована Тренчевска, на која присуствуваше заедно со претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, Елена Устамитова.
Тренчевска нагласи дека со новата методологија, пензионерите со просечна пензија која во јуни месец изнесува 16.348 денари, од септември натаму секој месец ќе имаат дополнително околу 8% до 10% плус на својата сметка.
Покрај воведувањето на новата методологија за усогласување на пензиите, заради економската криза која е предизвикана од ковид- пандемијата, но и од конфликтот меѓу Украина и Русија, Владата на РСМ усвои и пакет интервентна финансиска помош за пензионерите по 1000 денари за три месеци и тоа во месеците април, мај и јуни, а со цел подигнување на стандардот на корисниците на пензија и ублажување на последиците од ценовниот шок, порача Тренчевска.
Таа нагласи дека со усогласувањето на пезниите и директната финансиска помош, во 2022 година, за 12 месеци, во просек пензионерите ќе имаат вкупно годишно околу 12.000 денари повеќе во семејниот буџет во однос на 2021 година.
Тренчевска во Тетово, оствари средба со претставници на здруженија на лица со попреченост, пред кои ги презентираше новите права и услуги за 2022 година коишто се договорени со другите министерства и фондови и со неколку здруженија на граѓани.
„Новите права предвдуваат ослободувањето од здравствената партиципација за лицата со попреченост над 26 години во вкупна висина од 16.000.000 денари, измена на правилникот за утврдувањето на список на поправки на ортопедските помагала за покривање на трошоците за сервис и поправка на говорниот процесор, намалување на времето за доделување ортопедски помагала – чевли од 9 на 6 месеци, промена на критериумите за користење на личната асистенција, која со оваа измена ќе може да ја користат и лицата со церебрална парализа, проверка на усогласувањето на висината на правата со трошоците за живот“, наведе таа.
Нагласи дека од големо значење е измената и дополнувањето на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски за Арсовска: За неа многу работи се кажани, немам што да додадам

Државата има институции, ги повикувам да постапуваат за случајот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со вчерашните обвинувања на скопската градоначалничка Данела Арсовска.
-Што се однесува за градоначалничката на Скопје, многу работи се кажани, не би имал што да додадам, одговори кусо Мицкоски на новинарско прашање по пуштањето во употреба на целосната санација на Музејот на вода во Заливот на Коските во Охрид.
Арсовска вчера информира дека при увид и инспекциска контрола на дивоградба во Општината Чаир, била нападната, прво вербално, а потоа и физички, пред припадници на МВР.
Синоќа, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека во нападот имало физички контакт, но, дека е лага и повторен обид за манипулација на јавноста тврдењето оти тоа се случувало пред припадници на МВР.
Градоначалничката Данела Арсовска вчера се огласи преку социјалните мрежи, откако излезе од полициската станица, по нападот врз неа.
Ќе пријавувате насилници сто пати, никој нема да реагира и на крај ќе ве утепаат. Затоа не сме држава. Затоа МВР функционира во одбрана на криминалци, МВР функционира да ги брани оние кои тепаат по улици, можеби се плашат од нив, ако се плашите, Тошковски ако се плашиш бе момче дај си оставка, оди си, дај некој што е храбар, што има срце, душа нека оди таму да се справува со овие луѓе. Криминалци ли ќе ни ја водат државата. Треба ли да се плашиме да излеземе од дома. Не се срамите од ова што го правите?“, праша Арсовска.
Македонија
ФЗО ќе покрива шест, наместо досегашните три ин витра за семејствата кои се обидуваат да имаат потомство

Вкупно шест наместо три обиди за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) ќе бидат овозможени на товор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) за семејствата кои се обидуваат да имаат потомство. Ова, како што соопштија денеска генералните директори на Фондот Сашо Клековски и Бранко Аџигогов е една од законските измени усвоени на 10 јули годинава во Собранието.
– Измените предвидуваат вклучување на БПО во основниот пакет на здравствени услуги, зголемување на шест наместо три обиди за БПО на товар на Фондот и усогласување на ослободувањето од партиципација, истакна Клековски.
Дополнително, рече, Фондот го скрати времето на одлучување од три месеци на две недели.
– Фондот го дигитализираше процесот во оваа фаза кон барателите, вклучувајќи го ваучерот за БПО, но и поедностави дел од адиминистратицниот процес, потенцира Клековски.
Новина е, информираа директорите, и тоа што се олеснува лекувањето во странство.
– Се применуваат препораките од Државниот завод за ревизија. Второстепената комисија ќе одлучува само по жалби, не повеќе и по мислење на Првостепената комсија со што се скратува процесот и обезбедеува двостепеност. Рокот за одлучување се скратува од 45 на 30 дена, а се брише и склучување договори со странски болници поради неприменливост, нагласи Клековски.
Според ФЗО, се поголем број брачни парови и поединци се соочуваат со проблеми при зачнување, а успешноста на третманот често се зголемува со зголемениот број обиди.
Македонија
За нова лична карта, возачка дозвола и пасош граѓаните можат да закажат онлајн

Министерството за дигитална трансформација информира дека електронската апликација за закажување термин за издавање лични документи повторно е достапна преку националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk.
-Граѓаните сега можат брзо и лесно, без чекање и без гужви да закажат термин за следните услуги: издавање лична карта, издавање пасош и издавање возачка дозвола. Процедурата е едноставна и достапна од кој било електронски уред, наведува Министерството.
Воедно додава дека со оваа иницијатива продолжува мисијата да ја дигитализира јавната администрација и да обезбеди поквалитетни, побрзи и поефикасни услуги за сите граѓани.