Економија
Влада: Расте откупната цена на грозјето, годинава за 30% повисоки цени за вранецот и смедеревката

Откупната цена на грозјето годинава бележи најголем пораст од 30 отсто. Оваа година грозјето од сортата смедеревка ќе се откупува по 13 денари за килограм, а откупната цена на вранецот ќе биде 15 денари за килограм, што е за 3 денари повеќе во споредба со ланските откупни цени на грозјето, се вели во соопштението од Владата.
Зголемувањето на откупната цена на грозјето е резултат на договорот постигнат по исцрпните консултации на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со винарниците и лозарите.
Лозарството како извозно ориентирана гранка добива сериозна поддршка преку низа мерки креирани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која не изостана и во услови на светската криза предизвикана од војната во Украина.
Преку мерката за одржување на постоечки површини со лозови насади лозарите добиваат субвенција од 40.000 денари по хектар, односно 48.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектари до максимум 10 хектари.
Со цел да имаат одржливо производство и помали трошоци, лозарите добиваат поддршка и во субвенционирање за зелена нафта која достигна и до 100%, а во услови на криза поддршка е обезбедена и преку интервентните мерки.
И во услови на здравствената криза предизвикана од ковид-вирусот, во 2020 и 2021 година преку повеќе мерки беа исплатени вкупно 649 милиони денари за помош на лозарите. Поддршка се обезбеди и за винарниците во вредност од 67,6 милиони денари преку мерки со кои се помогна транспортот при извозот на вино.
Овие мерки даваат позитивни резултати во развојот на лозарството и винарството. Домашното просечно производство на грозје е стабилизирано на околу 270 илјади тони на годишно ниво. Додека просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри.
Веќе трета година по ред извозот на вино бележи пораст, и во количина и во вредност.
Паралелно се зголемува и бројот на винарски визби, кој заклучно со август 2022 година е 139, со вкупен капацитет од околу 200 милиони литри. Со тоа, вкупниот капацитет за преработка на грозје во вино е речиси два пати поголем од годишното производство на вино. Се овозможи финансиска поддршка до 10.000 евра за малите семејни винарници за набавка на опрема за производство, мерка која предизвика голем интерес.
Поддршката на оваа земјоделска гранка од страна на Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство продолжува и во следниот период, како стратешки сектор чиј извоз позитивно влијае во јакнење на домашната економија, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.