Македонија
Ковачевски: Постигнато историско зголемување на откупната цена за грозјето од 30%

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски одржаа средба со лозарите и со претставници на винарниците.
По средбата премиерот Ковачевски на прес-конференцијата истакна дека годинава постигнат е договор за историски најголемо зголемување на откупната цена на грозјето од 30%.
„Смедеревката ќе се откупува по просечна цена од 13 денари за килограм, а вранецот по 15 денари за килограм, што е за 3 денари повеќе споредено со ланските откупни цени. Верувам дека и винарниците и лозарите се задоволни од постигната цена и верувам дека договорите ќе бидат испочитувани од двете страни. Првпат оваа година на самиот почеток на кризата Владата реагираше со брзи одлуки и ја донесовме Програмата за Интервентен фонд, со почетен буџет од 400 милиони денари, а со ребалансот на буџетот, овој Интервентен фонд беше зголемен со дополнителни 500 милиони денари. Значи вкупно 900 милиони денари, за мерки за поддршка на земјоделците во услови на криза, покрај редовните субвенции коишто беа во целост програмирани. Токму во овој Интервентен фонд се обезбедија и мерки за поддршка на лозарите и винарниците, за да имаат помали трошоци и одржливо производство. Односно 120 милиони денари за поддршка на винарниците и дополнителни 2 денара за килограм откупено грозје за лозарите“, рече Ковачевски.
Премиерот дополни дека домашното просечно производство на грозје е стабилизирано на околу 270 илјади тони на годишно ниво, додека просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри.
„Македонското вино е во светот познато по својот квалитет, а нашата земја важи за еден од лидерите според вредноста на извезеното вино во регионот, односно втор најголем извозник по Грција. Минатата година македонските винарници извезле вино во вредност од над 61 милиони долари, што е зголемување од над 19% во споредба со претходната 2020 година. Паралелно се зголемува и бројот на винарски визби, кој заклучно со август 2022 година е 139, со вкупен капацитет од околу 200 милиони литри. Се овозможи финансиска поддршка до 10.000 евра за малите семејни винарници за набавка на опрема за производство, мерка која предизвика голем интерес кај овие мали семејни винарници. Секоја година се одвојуваат средства за промоција на македонските вина на саемите низ светот, а се подготвуваа и нов Закон за вино кој е усогласен се ЕУ, односно и со регулативите на ЕУ и кој придонесува да имаме поквалитетно македонско вино. Веќе знаете под покровителство на владите на Србија, Северна Македонија и Албанија, а како дел од иницијативата „Отворен Балкан“, почнува Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, кој ќе се одржи во Белград, од 1 до 4 септември 2022 година. Од Северна Македонија ќе учествуваат 42 винарници и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина. Учеството на Северна Македонија на Саемот за домашната економија значи обезбедување поголем извоз, откуп и нови пазари за пласман на македонските вина“, додаде Ковачевски.
Министерот Николовски подвлече дека со измената и дополнувањата на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2022 година, се воведува дополнителна мерка, наменета за поддршка на лозарите, кои имаат површини под лозови насади и оствареното производство на винско грозје од реколтата 2022 година и истото да е предадено во регистрирани капацитети или да е искористено за потребите на сопствениот регистриран преработувачки капацитет.
„Дополнителната мерка изнесува дополнителни 2 денари по килограм. Ова значи дека на веќе договорените 13 и 15 денари за килограм ќе се додадат уште плус 2 денари, со што откупната цена на грозјето ќе достигне 15 денари за смедеревка и 17 за вранец. Ако на ова ги додадеме и субвенциите од 40.000 односно 48.000 денари по хектар, стигнуваме до плус 3 денари за килограм, што значи дека со сета наша поддршка и коректниот однос на винарниците, лозарите добиваат вкупно 18 денари за килограм за смедеревка и 20 денари за килограм за вранец“ – изјави Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„ЈО и Коцевски да одговорат дали дискотеката Пулс платила 40.000 евра, дали Спасовски ја спасил Пулс од казна“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„ЈО и Коцевски да не молчат и да кажат на јавноста дали дискотеката Пулс платила казна од 40.000 евра или сепак како што се трвди во телефонската комуникација што излезе во јавноста Спасовски интервенирал за да се избегне плаќање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку казната не е платена Спасовски итно треба да е повикан на одгoворност и целата постапка да се истражи до крај. Доста е со калкулации, со заштита на моќниците блиски до СДС, потребно е конечно да се стави крај на политичките влијанија во судството.
Дали Спасовски ја спасил Пулс од казна и која е неговата улога во аферата?
До кога ќе молчи ЈО и Коцевски?
Дали Љупчо Коцевски има задача да ги штити функционерите од СДС?
Одговорност мора да има за секој кој е инволвиран во случајот со дискотеката Пулс. Овој случај не смее дополнително да ја поткопа довербата во институциите и судството.
Секој сомнеж мора да биде расчистен. Секој кој е вмешан во случајот треба да се санкционира. Да се стави крај на заштита на привилегираните функционери на СДС и ДУИ. Време е за владеење на правото и правдата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Филипче: Само со темелни реформи може да го смениме системот, тоа е мојата политика

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Кочани, нагласи дека во изминатата година неговата борба била насочена кон суштински промени во судството, институциите, за темелни реформи.
„И затоа, во изминатата година, се борев за вистинска, искрена реформска промена на оваа држава. Се борев да направиме темелни реформи во судството и институциите. Се борев да ја турнеме оваа земја напред кон ЕУ затоа што само така, верувајте, можеме од корен да ги смениме работите”, порача д-р Филипче.
Лидерот на СДСМ посочи дека и покрај потешкотиите и недостигот на политичка волја кај дел од лидерите, останува посветен на идејата за национално обединување околу реформите.
„На моменти се понижував и одев да разговарам со сите лидери за да им објаснам дека е важно да направиме национално обединување околу реформите, околу патот напред. Затоа што знам дека само тоа е решението за сите идни генерации. Но не прифатија. И ме исмејуваа дека сум бил наивен”, рече д-р Филипче.
Тој порача дека вербата во промените не е наивност, туку одраз на искрено лидерство, нагласувајќи дека реформите, чесноста и одговорноста се единствената патека што ќе обезбеди стабилна, праведна и европска иднина за сите граѓани.
„Но не е наивност искрено да веруваш во промени. Искрено да се бориш за нив. Не е наивно да подаваш рака за реформи и да не калкулираш. Да поднесуваш документи со кои се решаваат децениски застои и блокади. Тоа не е наивност. Тоа е лидерство”, заклучи д-р Филипче.
Тој додаде дека единствениот пат напред за државата е преку вистински и темелни реформи кои ќе го променат системот од корен.
„Наназад не можеме да ги смениме работите, но можеме да извлечеме поуки и да го смениме системот. Да ја смениме иднината”, рече д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом“, која се одржа во Кочани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, температурата до 23 степени

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 10, а максималната ќе достигне од 15 до 23 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Вренето во наредните денови
Под влијание на влажни воздушни маси, од среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд.