Свет
Хакирани доверливи воени документи на НАТО
НАТО ги проценува последиците од хакирањето на доверливи воени документи кои хакерската група ги продавала на Интернет.
Документите вклучуваат информации за оружјето што го користеле Украинците во актуелната војна. Податоците се украдени од компанијата MBDA Missile Systems, која произведува ракети и ракетни системи.
Сајбер-криминалците кои работат на руски и англиски форуми продаваат 80 GB украдени податоци за 15 биткоини (околу 21.326 евра) и тврдат дека ги продале на барем еден непознат купувач досега.
Хакерите не сакаа да откријат дали податоците ги добиле од повеќе извори. Украдените датотеки, кои не можат да бидат независно проверени, содржат детали за мисијата „комуникациско разузнавање“ спроведена од ескадрила на американските воздухопловни сили во Естонија над Балтикот кон крајот на 2020 година.
Тие вклучуваат дневници за повици, целото име, телефонски број и GPS координати на лице за кое се верува дека е шеф на операцијата.
Меѓу украдените податоци имало и два документи со ознака „НАТО ТАЈНА“.
MBDA Missile Systems не негира дека хакерите ги украле нејзините податоци, додавајќи дека „внатрешните процедури за верификација на компанијата покажуваат дека податоците достапни на интернет не се ниту доверливи ниту чувствителни“.
MBDA Missile Systems е основана во декември 2001 година по спојувањето на компаниите за ракетни системи од Франција, Италија и Обединетото Кралство,пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд
Будистичкиот манастир во централен Тајланд е под истрага по откривањето на 41 тело за кои се верува дека биле користени за специјална практика на медитација, соопшти полицијата.
Телата се откриени во саботата во манастирот Па Нахон Чаибоворн во централниот дел на земјата, соопшти полицијата, додавајќи дека кај секое тело биле пронајдени документи – потврда за смрт и потврда за донација тело.
Полицијата треба да провери кај семејствата на починатите дали доброволно ги дале телата.
„Сакаме да се увериме дека ниедно тело не е украдено“, соопшти полицијата.
Потрагата беше почната неколку дена откако полицијата во средата откри 12 тела во друг манастир во соседна провинција, објавија локалните медиуми.
Поглаварот на манастирот во провинцијата Фичит, каде што беа пронајдени 41 труп, Ајарн Саифон Фандито, рече дека употребата на труповите е дел од „техниката на медитација“ што тој ја развил.
„Многу од оние кои доаѓаат да учат се верници и сите овие монаси го пренесуваат тоа знаење. Не знам колку од нив ја прифатија мојата техника“, рече тој.
Поглаварот на манастирот рече дека „практичарите медитираат во павилјони во кои има ковчези со човечки останки“.
Полицијата во Фичит соопшти дека работи со властите во другите провинции за да утврдат дали оваа практика е широко распространета.
Овој метод на контемплативна медитација со трупови во различни фази на распаѓање се појавила во Тајланд во 18 век и била широко распространет до 20 век кога почнала да исчезнува.
Свет
Иран започнува нуклеарни преговори со три европски сили
Иран планира да одржи разговори за својата спорна нуклеарна програма со трите европски сили на 29 ноември во Женева, објави јапонската новинска агенција Кјодо, неколку дена откако Агенцијата за атомска контрола на ОН усвои резолуција против Техеран.
Иран одговори на резолуцијата предложена од Велика Британија, Франција, Германија и САД со, како што ги нарекоа владините претставници, различни мерки како што се активирање на бројни нови и напредни центрифуги, машини кои збогатуваат ураниум.
Кјодо известува дека владата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан бара решение за нуклеарниот ќор-сокак пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во јануари.
Висок ирански претставник потврди дека средбата ќе се одржи следниот петок, додавајќи дека „Техеран отсекогаш верувал дека нуклеарното прашање треба да се реши по дипломатски пат. Иран никогаш не ги напуштил преговорите“.
Во 2018 година, тогашната администрација на Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со шест големи сили и повторно воведе строги санкции кон Иран, што го натера Техеран да ги прекрши нуклеарните ограничувања од договорот со потези како што се обнова на залихите збогатен ураниум, негово рафинирање и инсталирање напредни центрифуги за забрзување на производството.
Индиректните разговори меѓу администрацијата на претседателот Џо Бајден и Техеран да се обидат да го оживеат договорот не успеаја, но Трамп на кампањата во септември рече: „Мораме да се договориме, бидејќи последиците се невозможни. Мораме да се договориме“.
Свет
Песков го обвини Бајден дека ги поткопува мировните планови на Трамп за Украина
Москва ја обвини администрацијата во заминување на американскиот претседател Џо Бајден дека ги поткопува плановите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина.
„За време на изборната кампања, Трамп зборуваше дека сака да постигне мир на некој начин и ги водеше сите кон мирно решение“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската телевизија.
„И сега прават се’ што можат за да ја ескалираат ситуацијата на таков начин што мировните договори се осудени на неуспех“, рече Песков.
Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, рече дека брзо ќе дејствува за да стави крај на војната меѓу Русија и Украина која трае повеќе од илјада дена. Сепак, тој се уште не кажал никакви конкретни планови.
Пред коментарите на Песков, Бајден ја овласти Украина да користи американски ракети со долг дострел ATACMS против воени цели во Русија. Бајден планира да прости и дел од долгот на Украина.
Песков рече дека администрацијата на Бајден покажала дека ќе направи се за да не заврши оваа војна и дека сакаат да го ограничат Трамп и му се одмаздуваат поради изборниот пораз.