Економија
НБРМ: Усвоени Основните компетенции на финансиската едукација

Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, со кое раководи Народната банка, а во кое членуваат претставници на сите финансиски регулатори – Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), ги усвои Основните компетенции на финансиската едукација. Со ова продолжуваат активностите за спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, усвоена во јули минатата година.
Основните компетенции на финансиската едукација ги опфаќаат основните знаења, вештини, ставови, мотивации и однесувања во однос на финансиите коишто би требало да ги поседуваат лицата во различни фази од животот. Рамката за финансиски компетенции според возраста на населението ги опфаќа финансиските компетенции за учениците од основното и од средното образование и финансиските компетенции за возрасното население.
Притоа, рамката за финансиските компетенции има прогресивни елементи на компетентност и прикажува какви компетенции треба да се поседуваат на различна возраст. Прогресивниот пристап значи дека ученикот што е на возраст од петнаесет до осумнаесет години треба да ги има сите знаења во претходно дефинираните возрасни групи, како и дополнителни знаења коишто се однесуваат на таа возрасна група.
Знаењето и вештините за возрасните се распоредени во две нивоа. Основното ниво ги опишува основните компетенции коишто треба да ги поседуваат возрасните, додека проширеното ниво содржи компетенции што им требаат на возрасните во зависност од нивните индивидуални потреби. Клучни компоненти на рамката за финансиските компетенции се: знаењето и вештините; ставовите; мотивациите и однесувањето. Знаењето и вештините опфаќаат осум теми од различни финасиски сегменти: 1. Пари и банкарство; 2. Приходи и оданочување; 3. Финансиско планирање; 4. Штедење и инвестирање; 5. Трошење и кредити; 6. Права и одговорности на потрошувачите; 7. Пензиска заштеда; и 8. Ризици и осигурување.
Рамката за финансиски компетенции може да ја користат различни организации и институции во земјата (финансиски регулатори, граѓански организации, приватни финансиски институции и други иниституции и организации) кои обезбедуваат финансиска едукација на различни возрасни групи од делокругот на нивното работење, или пошироко, од областа на финансиите.
Сепак, рамката за финансиски компетенции не претставува конкретна наставна програма и не пропишува конкретни теми од областа на финансиското образование. Рамката за финансиски комптенции е наменета за давателите на образовни услуги во рамки на неформалното образование и се очекува давателите на финансиска едукација да ги следат дефинираните финансиски компетенции при изготвувањето на нивните едукативни програми за соодветните возрасни групи од областа на финансиите.
Основните компетенции на финансиската едукација се изработени врз основа на препораките на ИНФЕ-ОЕЦД и имаат за цел да послужат како основа при изготвувањето едукативни програми за разни возрасни групи од областа на финансиите од страна на сите вклучени даватели на образовни услуги во рамки на неформалното образование.
Финансиските регулатори ги повикуваат субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто остваруваат активности за финансиска едукација да се запознаат со Основните компетенции на финансиска едукација и да се приклучат кон иницијативата за координиран пристап во спроведувањето на едукативните активности за финансиска едукација во земјатa.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Царината: За 14,5 милиони евра зголемена наплатата на приходи во август

За 14,5 милиони евра е зголемена наплатата на приходи во август во царината во споредба со истиот месец минатата година, што претставува рекорден раст на приходите од 8,9 проценти остварени на месечно ниво годинава, соопшти Царинската управа.
Притоа, најголем раст од 19,5 проценти е остварен во наплатата на акциза, при што по овој основ во август се собрани приходи од 3,78 милијарди денари.
Наплатата на приходи од царина пак, бележи пораст од 7,9 проценти, додека приходите од данокот на моторни возила бележат раст од 7,3 проценти.
„Претходниот месец наплатата на приходите беше зголемена за 10,5 милиони евра, овој месец за 14,5 милиони евра. Ова е новиот систем на вредности во Царинската управа. Систем што генерира повисоки приходи во Буџетот на државата, систем што овозможува повеќе пари за болници, училишта, патишта. Одржлив систем што го разобличува криминалот и ја издигнува економијата на државата”, вели директорот Бобан Николовски.
Кумулативно од почетокот на годината Царинската управа наплати приходи од 86 милијарди денари или 1,4 милијарди евра, што е за 65,5 милиони евра повеќе од лани истиот период.
Економија
Судот ги прогласи царините за незаконски, но Трамп тврди дека остануваат во сила

Американски апелациски суд во Вашингтон пресуди дека поголемиот дел од царините што претседателот Доналд Трамп ги воведе во текот на својот втор мандат се незаконски.
Судот се занимаваше со законитоста на т.н. „реципрочни“ царини кои Трамп ги воведе во февруари против Кина, Канада и Мексико, а во април и кон повеќето други земји ширум светот. Одлуката не се однесува на царините воведени врз основа на други законски овластувања, како што се царините за увоз на челик и алуминиум.
Трамп воведувањето на царините го оправда со Законот за меѓународни вонредни економски овластувања (ИЕЕПА), кој му дава овластувања за справување со „необични и вонредни“ закани за време на национални вонредни состојби. Во април, тој прогласи национална вонредна состојба поради долгогодишниот трговски дефицит, тврдејќи дека увозот надвишува извозот и дека тоа ја поткопува американската индустрија и воената подготвеност.
Апелацискиот суд пресуди во два случаи – еден што го покренаа пет мали американски компании и другиот што го поднесоа 12 американски сојузни држави предводени од демократите. Тие тврдат дека ИЕЕПА не овозможува воведување царини и дека спорното овластување му припаѓа на Конгресот, а не на претседателот.
Други судови, вклучувајќи го и Американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк, веќе пресудија дека Трамп ги надминал своите овластувања со воведувањето на царините. Најмалку осум тужби ја оспоруваат царинската политика на Трамп, вклучувајќи и една од Калифорнија.
По пресудата, Трамп преку социјалните мрежи порача дека царините остануваат во сила, и оцени дека Апелацискиот суд бил „високо пристрасен“ и неточен.
„Сите царини остануваат во сила! Денеска еден високо пристрасен Апелациски суд неточно рече дека нашите царини треба да бидат укинати, но тие знаат дека Соединетите Американски Држави на крајот ќе победат“, напиша Трамп.
Економија
Македонија ќе биде транзитен мост на Балканот и дел од европските коридори, велат од Вреди

Вреди соопшти дека изградбата на Железничкиот Коридор 8 претставува историски чекор, не само за инфраструктурниот развој, туку и за регионалната интеграција и зајакнувањето на позицијата на Албанците во регионот.
„Коридорот 8 не е само железничка линија, тоа е големата артерија што ги обединува Албанците и отвора нови хоризонти за развој на целата земја“, порачуваат од партијата.
Владата во која партиципира и Вреди ја донесе одлуката за спроведување на договорот за грант во износ од 3,7 милиони евра, обезбедени од Европската инвестициска банка. Средствата ќе се искористат за подготовка на нова проектна документација и постапки за тендерирање. Паралелно, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура започнува избор на надзор за изградбата, со што се гарантира ефикасност и транспарентност во процесот.
Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири, нагласи дека железничките проекти се двигател на економскиот развој и интеграцијата во Европа.
„Нашето целосно залагање е насочено кон тоа железницата да стане мотор на поврзувањето – економски, регионално и национално. Со Коридорот 8 ја градиме иднината на сите граѓани“, изјави таа.
Од Вреди порачуваат дека со оваа динамика, железницата повеќе не е само план, туку реалност што ќе ги поврзе Скопје со Тирана и Драч, правејќи ја Македонија суштински дел од европските транспортни коридори и мост на соработка меѓу Албанците, каде и да живеат.
„Ова е визијата на Вреди, силна држава, економски конкурентна, модерна и неразделно поврзана со Албанија и Европа. Железничките коридори не се само линии на мапа, тие се артерии на развој кои ќе ја хранат иднината на Албанците и на сите граѓани со децении“, стои во соопштението.