Свет
Медведев: Русија нема да ја запре војната, дури и ако Украина се повлече од НАТО
Најблискиот сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Медведев, во петокот изјави дека Москва нема да ја прекине својата воена кампања во Украина дури и ако Киев официјално се откаже од своите аспирации да се приклучи на НАТО алијансата.
Поранешниот претседател Медведев, сега заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, исто така во интервју за француската телевизија рече дека Русија е подготвена да преговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски под одредени услови.
„Напуштањето на учеството во НАТО е од витално значење, но не е доволно за воспоставување мир“
Пред инвазијата на Украина во февруари, Москва јасно стави до знаење дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо за неа.
„Напуштањето на учеството во Организацијата на Северноатлантскиот договор сега е од витално значење, но тоа е недоволно за воспоставување мир“, изјави Медведев за телевизијата ЛЦИ во цитати кои ги пренесуваат руските новински агенции.
Русија, рече тој, ќе ја продолжи кампањата додека не ги постигне своите цели. Путин вели дека сака да ја „деназифицира“ Украина. Киев и Западот велат дека тоа е неоснован изговор за освојувачка војна.
„Бевме подготвени да се сретнеме со Зеленски и претходно“
Од почетокот на инвазијата, Русија и Украина одржаа неколку рунди преговори, но тие не постигнаа напредок и има мали изгледи за продолжување.
„Разговорите ќе зависат од тоа како ќе се одвиваат настаните. Бевме подготвени да се сретнеме со Зеленски и претходно“, рече Медведев.
Во своите коментари, тој исто така рече дека американското оружје што е веќе доставено во Украина, како што се повеќецевните ракетни фрлачи ХИМАРС, сè уште не претставуваат значителна закана.
Но, тоа може да се промени, рече тој, ако оружјето што го испраќа САД може да погоди цели на поголеми растојанија.
„Тоа значи, кога овој тип на проектили лета 70 километри, тоа е една работа“, рече тој. „Но, кога ќе прелета 300 до 400 километри, тоа е друга работа, тогаш тоа би било директна закана за територијата на Руската Федерација“, рече Медведев,пренесе Индекс.хр.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

