Свет
По смртоносните поплави во Пакистан, создадено е езеро широко 100 километри
Нови сателитски снимки го покажуваат неверојатниот обем на рекордни поплави во Пакистан по што поплавената река Инд претвори дел од провинцијата Синд во езеро широко 100 километри.
Претставници на Обединетите нации соопштија дека монсунот ги донел најобилните дождови во историјата и поплавите, во кои загинаа 1.162 луѓе од средината на јуни.
Новите снимки, направени на 28 август од сателитот MODIS на НАСА, покажуваат како комбинација од обилни дождови и излевање на реката Инд поплави голем дел од јужната провинција Синд.
Земјоделските површини се претворија во огромно езеро
Во центарот на фотографијата голема темносина област го прикажува Инд како се прелива и поплавува област широка околу 100 километри, при што поранешните земјоделски површини стануваат огромно езеро, пишува Си-ен-ен.
Според Пакистанската метеоролошка служба, годинешниот монсун е највлажниот во историјата на мерењата, кои почнаа во 1961 година. Поплавите зафатија цели села и обработливи површини, урнаа згради и уништија земјоделски култури погодувајќи ги животите на 33 милиони луѓе.
Воените хеликоптери собраа заглавени семејства и фрлаа пакети во непристапни области.
Шефот на ОН: Пакистан е преплавен со страдања
„Една третина од земјата е буквално под вода“, рече министерката за климатски промени, Шери Реман, пред два дена опишувајќи го обемот на катастрофата како катастрофа без преседан. Таа рече дека водата нема да се повлече набргу. Најмалку 380 деца се меѓу загинатите“, изјави премиерот Шехбаз Шариф за новинарите за време на брифингот во неговата канцеларија во Исламабад.
Речиси 300 заглавени луѓе, вклучително и туристи, се префрлени со хеликоптер во северен Пакистан завчера, соопшти агенцијата за управување со катастрофи на земјата, а 50.000 луѓе се преместени во две владини засолништа на северозападот.
„Животот овде е болен“
„Животот овде е болен“, рекол 63-годишниот Хусеин Садик, кој бил во едно од прифатилиштата со родителите и петте деца додавајќи дека неговото семејство изгубило сѐ. Хусеин рече дека медицинската помош е недоволна, а дијарејата и треската се чести во засолништето.
САД ќе испратат 30 милиони долари помош за Пакистан како одговор на поплавите преку УСАИД, соопшти американската амбасада во Исламабад додавајќи дека земјата е длабоко тажна поради катастрофалните загуби на животи, средства за живот и домови во Пакистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Санчез: Трамп игра „руски рулет“ со животите на милиони луѓе
Шпанскиот премиер Педро Санчез повторно се спротивстави на нападите врз Иран што ги изведуваат САД и Израел, предупредувајќи дека со тие потези се „игра руски рулет со животите на милиони луѓе“.
Санчез се обрати откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со прекин на трговијата со Шпанија поради ставот на Мадрид за конфликтот.
„Така почнуваат големите катастрофи на човештвото. Не може да се игра руски рулет со судбината на милиони луѓе“, изјави Санчез во телевизиско обраќање.
Тензиите меѓу двата сојузника во НАТО се зголемија откако Санчез го осуди американско-израелското бомбардирање на Иран, нарекувајќи го непромислено и незаконско. Шпанија потоа забрани користење на американски авиони од поморските и воздушните бази во јужниот дел на земјата за напади врз Техеран.
Санчез порача дека светот не може да ги решава проблемите со конфликти и бомби и нагласи дека ставот на шпанската влада може да се сумира со зборовите „не за војна“.
„Нема да бидеме соучесници во нешто што е лошо за светот и спротивно на нашите вредности и интереси само за да избегнеме одмазда“, изјави шпанскиот премиер.
Тој потсети и на последиците од американската инвазија на Ирак во 2003 година, која доведе до пораст на тероризмот и на цените на енергијата, додавајќи дека причините и последиците од нападот врз Иран исто така се нејасни.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес изјави за шпанската телевизија ТВЕ дека нападот врз Иран нема цел да воспостави демократија и нагласи дека Шпанија е суверена држава која одлуките ги носи во согласност со меѓународното право.
Свет
Советник на иранскиот лидер: Нема преговори со САД, ќе војуваме колку што сакаме
Иран нема намера да преговара со Соединетите Американски Држави и нема никакви контакти со Вашингтон, изјави за иранската државна телевизија Мохамад Мохбер, висок советник на покојниот врховен лидер на Иран.
Мохбер, кој претходно беше вршител на должноста претседател на Иран и прв потпретседател на државата, истакна дека Техеран нема доверба во САД.
„Немаме доверба во Американците и немаме никаква основа за преговори со нив“, изјави тој.
Додаде дека Иран е подготвен да ја продолжи војната „колку што долго сака“.
Свет
Европски стравувања: Фокусот на САД кон Иран може да ја намали помошта за Украина, објави „Политико“
Европските официјални лица стравуваат дека американскиот фокус на конфликтот со Иран може да го намали вниманието и воената поддршка за Украина, што би можело да ја отежни нејзината одбрана од руските напади, објави бриселскиот „Политико“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека долготраен конфликт на Блискиот Исток може да го ограничи пристапот на Украина до американските системи за противвоздушна одбрана и други клучни ресурси.
Според официјални лица, САД веќе употребиле големи количини ракети и пресретнувачи во операциите против Иран, што може да влијае врз резервите на оружје во Европа и Украина.
Европските влади, кои немаат доволно резерви, се обидуваат да развијат сопствени воени капацитети и да продолжат да ја поддржуваат Украина, но тој процес може да трае со години. Зеленски изјави дека Украина ќе користи домашни ресурси и финансирање за да го надомести евентуалниот недостиг.
Кризата веќе влијае и врз плановите на Европската унија. Состанок поврзан со украинското членство, кој требало да се одржи на Кипар, бил одложен по напад со ирански дрон врз британска воздухопловна база на островот.
Во меѓувреме, САД и Израел извршија напади врз Иран, меѓу кои и ликвидацијата на врховниот лидер Али Хамнеи, што според проценките го ослабува Иран како снабдувач на руската воена опрема.
Украински официјални лица сметаат дека американските операции против Иран индиректно може да ѝ помогнат на Украина, бидејќи го намалуваат пристапот на Русија до ирански дронови и технологија.
Сепак, украински пратеници предупредуваат дека продолжената кампања на САД и Израел против Иран може да го забави напредокот на мировните преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

