Економија
Маричиќ од Белград: Нови проекти и меморандум за соработка со Србија

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ, по одржаната билатерална средба, дадоа изјави во кои најавија дека соработката помеѓу Северна Македонија и Србија ќе се интензивира во делот на евроинтеграцискиот процес во пресрет на почетокот на преговори на Северна Македонија со Европската Унија и преку нови проекти поддржани од европските фондови.
„Со задоволство ја прифатив идејата на српската колешка Јоксимовиќ да направиме меморандум за соработка во делот на евроинтеграциите, надграден во контекст на новата методологија, што во овој момент на почеток на преговорите за нас ќе биде корисно за двете држави бидејќи, ако работиме заедно, ќе можеме да напредуваме побрзгу и да имаме подобри резултати за нашите граѓани“, изјави вицепремиерот Маричиќ.
Јоксимовиќ изјави дека во идниот период ќе се интензивираат консултациите со Северна Македонија во областа на европските интеграции бидејќи, како што изјави, пренесувањето искуства и каква било помош во делот на преговорите е во интерес на добрососедските односи, како и во интерес на забрзување на реформите и напредокот на граѓаните на двете земји.
Вицепремиерот Маричиќ рече дека Северна Македонија и Србија веќе покажаа многу во реформите и решавањето на тешките прашања и дека тоа ги прави кредибилен партнер на Европската Унија додавајќи дека очекува земјите од регионот да бидат вклучени во решавањето на сегашните и идните кризи поврзани со енергетското снабдување, со снабдувањето со храна и струја.
Маричиќ и Јоксимовиќ констатираа дека ќе продолжи регионалната соработка уште поинтензивно како соседи сè во интерес на економскиот просперитет, намалувањето на последиците што ги носи овој тежок период.
„Ние разговаравме и за многубројни проекти финансирани од ЕУ во рамките на Европскиот инвестициски план за Западен Балкан, за гасниот интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, што во овој момент е од исклучително значење за граѓаните“, изјави министерката Јоксимовиќ.
На средбата беше разговарано за важноста на почетокот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, предизвиците со кои државата може да се соочи во тој процес, за поддршката и размената на искуства што ги има Србија како земја што преговара 8 години и интензивирање на регионалната соработка во пресрет на зимата што доаѓа и заедничкото дејствување против последиците од енергетската и безбедносната криза.
Вицепремиерот Маричиќ оваа средба ја реализира во рамките на посетата на првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на ‘Отворен Балкан’“ во Белград, кој се одржува од 1 до 4 септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.