Култура
140 години од раѓањето на Милтон Манаки: Изложба во рамките на Фестивалот на нем и класичен филм
Кинотеката ја чествува 140-годишнината од раѓањето на Милтон Манаки.
По тој повод, во фоајето на Кинотеката, во текот на времетраењето на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМ И КЛАСИЧЕН ФИЛМ (31 август – 7 септември), ќе бидат изложени дигитализирани фотографии од фотографскиот опус на браќата Манаки. Автор на оваа изложба е Роберт Јанкулоски (1969), фотограф, режисер, кинематографер и проучувач на историјата на фотографијата на овие простори.
По повод јубилејот, покрај најавената изложба, на 7 септември (среда), на последниот ден од Фестивалот на нем и класичен филм, посетителите на проекциите на трите етнолошки документарни филмови на Вера Кличкова ќе добијат ДВД со дигитално реставрираните филмови на браќата Манаки.
Милтон Манаки (9.9.1882, Авдела, Грција – 5.3.1964, Битола, Македонија) и неговиот постар брат Јанаки (1878-1954) се филмски пионери не само во Македонија туку и пошироко на Балканот. Јанаки, кој работел како професор по цртање и калиграфија, во 1989 во Јанина отворил фотографски дуќан и тука почнува заедничката работа на браќата. Милтон го изучува фотографскиот занает токму таму под менторство на својот постар брат Јанаки. Во 1905 година браќата се селат во Битола, тогашен Монастир – важен политички, економски и културен центар во Румелискиот вилает на Отоманското Царство, каде што го отвораат познатото ателје за уметничка фотографија. Речиси петнаесет години подоцна го градат и го отвораат киното „Манаки“, кое со кратки периоди на затворање (поради пожар, банкротирање и слични непогоди) работело од 1921 до 1939 година.
Во 1906 година учествувале во големата јубилејна изложба во Букурешт, Романија, каде што биле наградени во неколку категории за своите фотографски достигнувања, и од романскиот крал Карол I биле назначени и за официјални фотографи на кралскиот двор. Според сеќавањата на Милтон, некаде во тоа време Јанаки од Лондон ја донел и филмската камера – производство на компанијата Charles Urban Trading – и тоа 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE. Со неа почнува кинематографијата на Балканот и со таа „Камера бр. 300“ тие најпрвин ја снимиле својата баба Деспина како преде волна во Авдела, а набргу потоа и цела низа настани, народни обичаи, свадби и погреби, познати и историски личности, делегации, кои наминувале случајно или намерно во регионот што во тој период минувал низ турбулентни години исполнети со војни, судири, политички превирања. Посетата на турскиот султан Мехмед Решад V, потоа на српскиот крал Петар и принцот Александар, на грчкиот крал Константин и принцот Павле, погребот на грчкиот владика Емилијанос, турските репресалии по Илинденското востание, доаѓањето на англиските и француските генерали по завршувањето на Првата светска војна, парадата на Широк сокак во чест на Младотурската револуција и многу, многу други настани биле засекогаш запишани на филмска лента благодарение на браќата Манаки.
Но, и преку нивниот фотографски објектив се овековечиле речиси сите позначајни битолчани, многу занаетчии и еснафи, воен персонал од сите војски што поминеле на оваа територија, победници и поразени, здрави и болни, богати и сиромаси, освојувачи и поробени, револуционери и функционери. Фотографирале насекаде во регионот, па и во Пловдив, Корча, Гревена, Авдела, Солун итн.
По смртта на Јанаки во 1955 година, Милтон целокупната филмска и фотографска оставина ја депонирал во Државниот архив на тогашна ФНР Југославија. Во 1976 година, по основањето на Кинотеката на Македонија, филмските ленти се предадени на чување во овој наш национален филмски архив и во текот на изминативе децении тие беа реставрирани и заштитени со изработка на архивски копии, а во 2011 година и дигитализирани, дигитално реставрирани и прогласени на национално културно наследство.
Фотографскиот опус, пак, денес се чува во Државниот архив, односно во одделението на Државниот архив во Битола, а со заложба на Роберт Јанкулоски и Македонскиот центар за фотографија (МЦФ) – поголем дел од овие материјали е и дигитализиран, па и прикажан во рамките на неколку тематски изложби на Балканот и во Македонија.
Во тек е постапка за прогласување на комплетната архивска граѓа од фондот на браќата Манаки во Државниот архив на Македонија – за културно наследство од исклучително национално значење.
Во чест на браќата Манаки во 1979 година во Битола беа организирани првите „Манакиеви средби“, на кои беа прикажувани југословенски филмови и се одржуваа тркалезни маси на теми од домашната и светската кинематографија – од аспект на филмската камера. Набргу потоа средбите прераснаа во филмски фестивал „Браќа Манаки“, а од осамостојувањето на Република Македонија фестивалот доби и меѓународен карактер, па денес го знаеме како Интернационален фестивал на филмската камера (ИФФК) „Браќа Манаки“.
Мисијата и делото на Милтон (и Јанаки) Манаки, пак, се научноистражувачки предизвик за десетици автори, кои изминативе децении објавувале текстови за пионерите на филмската камера на Балканот. Кинотечните месечници и изданијата на кинопис вријат од анализи и согледувања за опусот на Манакиевци. Изминативе децении се објавени неколку монографии за нивното творештво. Меѓу нив се книгите „Манаќи и Битола“ на Димитар Димитровски-Такец (Битола, 1975), како и монографијата „Манаки“ на м-р Игор Старделов (Кинотека на Македонија, Скопје, 2003) – издание преведено и на турски јазик во 2014 година како соработка помеѓу Кинотеката на Македонија и ESR Film Yapim од Истанбул (книгата можете да ја преземете овде).
Филмското наследство од Манакиевци беше инспирација и за филмот ПОГЛЕДОТ НА ОДИСЕЈ (To vlemma tou Odyssea/Ulysses’ Gaze) на познатиот грчки режисер Тео Ангелопулос од 1995 година со Харви Кајтел во главната улога. Овој филм се закити и со две награди на Канскиот фестивал истата година – наградата на ФИПРЕСЦИ, како и Големата награда на жирито на фестивалот – помеѓу многуте други меѓународни награди, кои овој филм ги насобра во тој период.
Во 2019 година, на годишнината на смртта на Милтон Манаки, во Кинотеката се одржа премиерата на МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ, документарен филм на Роберт Јанкулоски за Јанаки и Милтон Манаки, а беше отворена и изложбата на реставрирани фотографии од опусот на браќата Манаки од истиот автор. Истата таа година на програмата на Кинотеката имавме можност да го видиме и СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ (Frații Manakia. Jurnalul unei lungi priviri înapoi/The Manakia brothers. Diary of a long look back) – документарен филм од 2017 година по сценарио и во режија на Елиза Здру (Eliza Zdru) од Романија.
Кинотеката исто така продолжува да ја инспирира и образова филмската (општа и стручна) публика, особено младата, и преку изработка и презентација на разни кратки пропагандни, едукативни и информативно-забавни видеозаписи, со тематики што ги опфаќаат не само првите филмски дејци – како што се Милтон и Јанаки Манаки, и другите пионери на македонскиот филм – туку и другите неодминливи, реномирани и докажани филмски автори и филмови и од домашната и од светската кинематографија.
Токму затоа на профилите на Кинотеката на социјалните мрежи деновиве ќе биде промовиран и видеозаписот „Филм омаж Манаки“, подготвен од млади филмски автори и соработници на Кинотеката, во кој тие говорат за браќата Манаки како нивна инспирација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

