Регион
Рама за енергетската криза: Она што е вишок за Србија, може да им се префрли на Албанија и на Северна Македонија и обратно
Албанскиот премиер Еди Рама на самитот „Отворен Балкан“ во Белград рече дека Србија, Албанија и Северна Македонија сè повеќе се вклучени во извлекувањето максимум од оваа иницијатива и ги покани и другите земји да се приклучат.
„Сериозно ќе размислиме да поканиме и други партнери и земји од ЕУ, никој не треба да ни љубомори. Tука се Унгарците и Турците, а ги поканивме и Грците и Италијанците. Важно е дека амбасадорот на САД е тука и ќе биде на секој самит, а тоа значи дека сме сигурни дека нема да има недоразбирања“, рече Рама.
Тој додаде дека е важно тоа што иницијативата „Отворен Балкан“ не ги обединува само земјите од регионот, туку и другите од окружувањето.
Рече дека „сè повеќе земји сакаат да бидат на конференцијата ‘Отворен Балкан’, и тоа од оние области каде што долго време чекале покани.
„За мене ова е потврда дека Балканот е важен за Европа колку што е Европа за Балканот“, рече Рама.
„Многу се гордеам што можам да кажам дека резолуцијата поврзана со документите за идентификација е многу важен чекор за ‘Отворен Балкан’. Јавно ги испраќам моите поздрави и почит до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој помогна во овие напори. Им испративме порака на сите дека првиот избор на сите нас е мирот, да работиме за нашите народи“, рече Рама.
Доколку земјите од „Отворен Балкан“, како што рече, беа на пат на постојан конфликт, немаше да може да ги одмрзнат одлуките за забрана на извозот на жито и да потпишат договори меѓу српските производители и албанските увозници, како и договорот за безбедноста на прехранбените производи.
„Во време кога буџетот се одлива поради енергетската ситуација, повторно ги обединивме силите, така што тоа што го има Србија вишок, може да им се префрли на Албанија и на Северна Македонија и обратно“, рече премиерот на Албанија.
Тој рече дека Србија „произведува струја во термоцентралите, а Албанија во хидроцентралите“ и дека може да помогне.
Додаде дека може да се искористат извонредните искуства за привлекување странски инвестиции во Србија, а и Северна Македонија има добри искуства и дека на инвеститорите може да им се понуди просторот на Балканот.
Тој посочи дека никој не можел да замисли дека ќе се создадат „нови оперативни капацитети за вонредни ситуации“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

