Македонија
(Видео) Слави со срце, не со оружје
Оружјето и пиротехничките средства не се добредојдени гости на прославите – е главната порака на кампањата „Слави со срце, не со оружје“, која во изминатиот период ја спроведе Министерството за внатрешни работи во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Во рамките на активноста полициски службеници од сите осум сектори за внатрешни работи во државата разговараа со граѓаните и им поделија едукативен печатен материјал во кој се потенцирани последиците од употребата на оружје на семејни веселби.
„Покрај репресивните мерки што ги преземаме, се разбира, работиме и превентивно за заеднички да ја елиминираме оваа несакана појава, која, за жал, е присутна со години не само во нашата држава туку и во опкружувањето. Нашите одделенија за превенција секојдневно организираа активности на територијата на целата држава, на кои ги информиравме граѓаните за законските одредби што го санкционираат таквото однесување и казните што се изрекуваат, а особено внимание беше посветено за опасностите од употребата на оружјето за здравјето и животот. Покрај непосредните разговори и укажувања, на граѓаните им поделивме и едукативен печатен материјал со цел да влијаеме на нивната свест“, вели Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи.
Употребата на огнено оружје се санкционира според Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, а во зависност од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело предизвикување општа опасност за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години. Во рамките на кампањата на граѓаните им беше укажано дека славеничкото пукање може да биде фатално и да заврши со смртни случаи, повреди, оштетувања на имотот и други последици. „Традиционално, оружјето се користи за славеничко пукање. Сигурна сум дека никој намерно не сака најсреќниот ден на едно семејство да го претвори во голема трагедија за друго, но тоа, всушност, може да се случи и се случувало. Оттука, навистина е многу важно сите ние не само да го кренеме гласот против славеничкото пукање туку и да преземеме акција. Да преземеме одговорност и да покажеме дека најдобриот начин да се слави е со пеење и со играње, а не со пукање“, рече Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП. Превентивната кампањата „Слави со срце, не со оружје“ се спроведе како дел од оперативниот план на МВР „Безбедно лето 2022“, а беше поддржана од УНДП во рамките на проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

