Македонија
Пендаровски – Браже: Северна Македонија ќе продолжи активно да се бори против дезинформациите

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Баиба Браже, помошничка на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, која e во посета на земјата по повод учеството на конференција за комуникатори на НАТО, чиј домаќин е Македонија.
На средбата се разговараше за соработката меѓу НАТО и Северна Македонија, за новиот стратегиски концепт на алијансата, како и за војната во Украина и улогата и важноста на стратегиските комуникации на НАТО.
Во таа насока беа разменети мислења за комуникациските функции и планови на алијансата, за информациските активности за време на руската инвазија врз Украина, соработката со партнерите во оваа област и дигиталните комуникации.
Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија, користејќи ги механизмите што ни стојат на располагање како членка на НАТО, ќе продолжи активно да се бори со цел јакнење на отпорноста кон дезинформациите, превенирање и намалување на штетните влијанија од лажните вести, кои ги поткопуваат системот и колективната безбедност.
Тој додаде дека е неопходен континуиран развој и усовршување на стратегиските комуникации, кои претставуваат еден од клучните безбедносни капацитети, и дека земјава и понатаму ќе ги поддржува заедничките напори на алијансата со цел креирање јавно мислење базирано на фактички точни информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.