Македонија
Каевски: Референдумот на Мицкоски е против ЕУ, против македонскиот јазик, македонскиот идентитет и нема да успее
Референдумот на Мицкоски е против ЕУ, против македонскиот јазик, македонскиот идентитет и нема да успее, рече на прес-конференција пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.
Тој ја пофали Владата дека со државнички политики направила историски исчекор во остварување на стратешката цел поставена уште од независноста – почетокот на преговорите за полноправно членство во ЕУ.
„Се одржа и првата меѓувладина конференција, подготвена е структурата за преговори за пристапување со ЕУ. Нашата цел е до 2030 година да ги завршиме преговорите. Она што е исклучително важно е дека ги почнавме преговорите со ЕУ со заштитен македонски идентитет, македонски јазик и посебност. Тоа е потврдено на официјалните канали на ЕУ, каде што јасно стои македонскиот јазик, како и во изјавите на сите високи претставници од Унијата. Пропаднаа буквално сите лаги на Мицкоски. Не само што нема ниту бугаризација ниту асимилација, туку има почеток на преговорите со заштитен македонски идентитет и јазик“, рече Каевски.
Според него, Мицкоски измислува нови форми на блокади на европската иднина по пропаѓањето на сите лаги.
„Оваа иницијатива на Микоски е референдум против членството во ЕУ, против македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Иницијатива за негова внатрешна употреба, која нема поддршка од граѓаните, нема поддршка од опозициските партии и нема да успее. Иако договорот е ратификуван пред 4 години, Мицкоски дури сега го прави овој очаен чекор затоа што му се тресе фотелјата во ВМРО-ДПМНЕ. Колку е очаен и лицемерен покажува фактот што токму Христијан Мицкоски го поддржа договорот со Бугарија на средба со поранешниот премиер Борисов, и тоа на чист бугарски јазик. Мицкоски бараше референдум и за преспнаскиот договор, потоа го бојкотира и на крајот рече дека го прифаќа. Иако и за овој договор, лажеше дека ќе го загрози идентитетот што се покажа дека не е така“, додаде Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

