Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ повика на поддршка на референдумот за поништување на договорот со Бугарија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги повика јавноста, експертите, политичките партии и граѓанските организации во целост да се приклучат кон иницијативата и да го поддржат референдумот за поништување на договорот со Бугарија.
Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, упати порака до СДСМ да не тактизираат со народната волја и да покажат минимум демократски капацитет и да повикаат на одѕив на референдумот.
„Оваа иницијатива за референдум е целосно европска бидејќи се спротивставува на негаторските политики и постапки што Бугарија ги насочува кон Македонија од аспект на јазикот, културата и идентитетот. По спроведените детаљни консултации со експерти од областа на уставното право, коалициските партнери и телата на партијата, донесена е одлука прашањето да гласи: Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија објавен во ‘Службен весник’ бр: 12/2018 од 18.1.2018 година?“, рече Мицевски.
Образложи дека постапката ќе ја почнат со собирање 100 потписи за почеток на граѓанска иницијатива, која ќе ја достават до Собранието, а со цел овозможување постапка за собирање 150 илјади потписи од страна на граѓаните на Македонија.
„Сувереноста на државата произлегува од граѓаните и ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија го почитува и засекогаш ќе го применува тој принцип. Овој референдум е само можност за граѓаните да го кажат својот став. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група останува ист. Ние нема да прифатиме и поддржиме промена на Уставот со цел бугаризација на Македонија. Затоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ останува на линија на одбрана на македонските национални интереси“, рече Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

