Македонија
СДСМ: Поради неодговорноста на Муцунски, училиштата во општина Аеродром останаа без храна за учениците
Општина Аеродром и Тимчо Муцунски ја дочекаа новата учебна година без обезбедена ужина за учениците во основните училишта. Веќе четврти ден од почетокот на учебната година учениците од речиси сите училишта останаа без топол оброк кој до лани го добиваа во организација на училиштата. Согласно бројните поплаки кои пристигнуваат од нашите сограѓани, во сите основни училишта освен во Ѓорѓија Пулевски, дадени им се насоки на родителите дека до 15 септември ќе мораат самите да обезбедат по два оброка дневно за своето дете, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека според податоците достапни преку електронскиот систем на Бирото за јавни набавки, ниту Општина Аеродром ниту основните училишта на територија на општината до овој момент немаат распишано оглас за избор на оператор за услугата топол оброк за основните училишта.
Тимчо Муцунски и Општина Аеродром им должат одговори на граѓаните. Кога планираат да распишат оглас за јавна набавка за топол оброк за учениците во основните училишта? Уште колку долго родителите на овие ученици ќе мораат да обезбедуваат по два оброка дневно за своите деца?
Од СДСМ прашуваат кои се причините што огласот не е распишан на време и јавната набавка не е завршена пред почетокот на учебната година? На кој начин планира да ја спроведе јавната набавка за услугата топол оброк имајќи предвид дека на електронскиот систем за јавни набавки на БЈН во моментов нема ниту еден активен оглас за оброк во училиштата на територија на општина Аеродром?
Тимчо Муцунски им вети на граѓаните дека по неговиот избор за градоначалник проблемот со навременото обезбедување ужина за учениците во основните училишта ќе биде надминат.
Ова е уште едно неостварено изборно ветување на Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ. Учебната година започна, а ужина за учениците од основните училишта до овој момент нема, се вели во соопштението од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Фетаи–Лоутон: Продлабочување на партнерството меѓу Северна Македонија и САД
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, оствари работна средба со Даниел Џ. Лоутон, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања (EUR) при Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.
На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, како и за продлабочување на соработката во областите на владеењето на правото, институционалните реформи, борбата против корупцијата и зајакнувањето на практиките на добро владеење. Заменик-претседателот на Владата Фетаи ја потенцираше посветеноста на Владата за унапредување на демократските стандарди, зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и спроведување реформи кои обезбедуваат правично и ефикасно функционирање на јавните институции.
Заменик-помошник државниот секретар Лоутон ја реафирмираше силната поддршка на САД за реформските процеси во земјата, потенцирајќи ја важноста од продолжување на стабилните политики што го поттикнуваат евроатлантското интегрирање, институционалната стабилност и демократскиот развој. Заменик-претседателот на Владата Фетаи и заменик-помошник државниот секретар Лоутон се согласија да продолжат со редовна комуникација и координација за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на зајакнување на доброто владеење и институционалниот интегритет.
Во рамки на посетата, заменик-претседателот на Владата Фетаи оствари работна средба и со Марк Тервакоски, Директор на Канцеларијата за Европа и Азија при Бирото за Меѓународни Наркотични Прашања и Спроведување на Законот.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.

