Македонија
Мицкоски: Собрани над 500 потписи за неполн час, на потег е Собранието

Собрани се над 500 потписи за неполн час за иницијативата за референдум, соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски потсети дека потребни беа 100 потписи.
„Собрани над 500 потписи за неполн час иако за иницијативата за референдум се потребни само 100. Благодарам за брзиот одговор и за иницијативноста. Народот не сака решенија со кои се негира нашата посебност и идентитет. На потег е Собранието“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
Тој претходно денес во Државната изборна комисија ја поднесе иницијативата за референдум за укинување на договорот за добрососедство со Бугарија. Побара со референдумот, на еден трошок, да се организираат и предвремени избори.
ДИК понатаму ќе треба да ја достави иницијативата до Собранието, па до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем.
За да се распише задолжителен референдум, потребно е да се соберат 150.000 потписи. За референдумот да биде успешен, треба да излезат и да гласаат над 910.000 граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Помалку од еден час се чека на граничните премини Богородица и Табановце

Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила на граничните премини. На ГП „Табановце“ утрово времето на чекање за излез од државава е околу 30 минути, додека на ГП „Богородица“ се чека околу 40 минути, соопшти Авто мото сојузот на Македонија.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез или излез од државата.
Од АМСМ информираат дека поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) Кога во пожар не може пинцгауер, гранка му е мајката: Ангелов со малку шега го покажа херојство на четата на Цветко од Рогачево

Со лопати, стапови, гранки во рацете и светилки на главите седуммина доброволци од Рогачево заедно со екипите на Дирекцијата за заштита и спасување, пожарникари, полициски хеликоптери… храбро и по полноќ се бореа со големиот пожар кој го зафати селото Јажинце, општина Јегуновце, а кој вчера повторно се реактивира.
„Благодарение на четата на Цветко од Рогачево со овие храбри луѓе успеавме да изгасиме една цела линија во текот на ноќта, а некаде е околу 1 и 30 по полноќ. Го гасевме пожарот кој ќе се симнеше сигурно до патот и ќе направеше големи неприлики. Ви благодарам од мое име и од името на Дирекцијата за заштита и спасување.“, вели во видеото директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов за пожарот кај Јажинце.
Ова видео кое утрово го објави ДЗС ја покажува храброста на оние кои на терен се борат со големите однови, но и хуморот кој постојано е присутен кај Ангелов, а со кој тој на свој начим умешно успева да ја доближи реалноста до јавноста.
Директорот на ДЗС додека го снима видеото во ноќните часови, заедно со уште неколкумина од екипата, во раце држат гранки. Во негов хумористичен стил, по храброто гасење на пожарот Ангелов со насмевка ги прашува волонтерите: „А со што гасевме“? На ова сите со насмевка му одговараат: „Со гранки“. Ангелов на крајот додава дека на местото каде што се наоѓаат ни пинц не се качува (мислејќи на пинцгауерите, доносно пожарникарските возила), туку се качуваат само диви кози и четата на Цветко од Рогачево.
Доцна синоќа пожарот во атарот на селото Јажинце, општина Јегуновце, повторно се реактивира. Набргу потоа поради лесно горливата висока трева, грмушки и смреки пропратени со подзасилен ветер, огнената линија стана подолга од еден километар движејќи се во насока на магистралниот пат Тетово – Јажинце.
„На патот бргу поставивме одбрана со десет ПП цистерни, 8 пинцгауери и еден воден топ на МВР за да не дозволиме огнот да помине преку патот, доколку дојде до него. Околу полноќ се искачив до линијата на огнот високо над патот и откако лично се уверив дека ветрот е поволен, горењето ослабнато и има услови за ноќно гаснење од земја, со мојот возач и 7 жители на Рогачево започнавме гаснење на огнената линија. Гаснењето се одвиваше во две фази, гаснење, контролирање и догаснување на изгаснатата линија. Некаде околу три часот по полноќ ја совладавме целата лева огнена линија во должина поголема од еден километар. Десната огнена линија беше далеку од нас и поради тешко пристапниот терен обраснат со густа вегетација полна со трње, не можевме да се пробиеме до неа. Во овој момент изгаснатата лева линија покажува жешки точки и знаци на разгорување поради што е активиран полицискиот хеликоптер кој со прецизно фрлање на вода дејствува точка по точка. Еден крак од пожарот се движи во насока на с. Дворце кон скопската страна“, велат од ДЗС.
Министерот Тошковски кој синоќа ја посети локацијата на пожарот, цела ноќ и утрово остана со нас. На лице место се наоѓаат пожарникари со навални возила од ТППЕ Тетово, Гостивар, Велес и Кавадарци како и локално население.
„Голема благодарност до сите кои деновиве помагаат да го ставиме под контрола овој тежок пожар. Посебно голема благодарност до седумчлената чета на Цветко Војвода од Рогачево со која успеавме да спасиме неколку хектари трева, грмушки и шума, гаснејки по исклучително тежок за движење терен, изложувакки се притоа и на определен ризик“, додаваат од ДЗС.
Македонија
Лажна дојава за бомба ноќеска на скопскиот аеродром

Ноќеска во 02:41 часот, на телефонскиот број за итни случаи 112 е добиена пријава за поставена бомба во авион кој требало да полета од „Меѓународниот аеродром Скопје“ кон Турција.
Како што соопшти утрово Министерството за внатрешни работи, се работи за лажна дојавата за бомба на скопскиот аеродром.
-Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни активности и извршени се потребните проверки од страна на антитерористичката единица при МВР и утврдено е дека пријавата е лажна, односно дека нема никаква експлозивна направа, велат од МВР.
По завршувањето на проверките, околу 06:00 часот, аеродромот продолжи со редовно работење.