Македонија
(Видео) Ковачевски: Европските и демократски перспективи немаат замена – одиме напред „Обединети во слободата“
По повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста под слоганот „Обединети во слободата“ премиерот Димитар Ковачевски вечерва се обрати на централната свечена прослава која со богата музичка програма се одржа кај паркот „Ибни Пајко“ во Скопје.
„Заедно да го заокружиме прославувањето на Денот на независноста на Република Северна Македонија, со цврста определба дека Обединети во слободата ги продолжуваме перспективите!
Перспективите на Република Северна Македонија, кога, на историскиот референдум на 8-ми септември, 1991-та година, граѓаните, во огромно мнозинство, сплотени, независно од етничките, политичките или други различности, одлучија да живеат во самостојна и независна држава. А, нешто потоа, ги поставија и патоказите за развојот – членството во НАТО и Европската Унија“ рече премиерот Ковачевски.
„Граѓаните во тие 90-ти години покажале свесност дека обединувањето во минатото, ја донело слободата. Но знаеле и дека не смее назад од веќе постигнатото – во името на иднината. И затоа погледот го насочиле напред – кон остварувањето на новата прогресивна цел пред нив – независноста, со определбата, обединети да ја сочуваат и веќе извојуваната слобода. Со мудрото политичко лидерство во тоа време, кога се случува мирната транзиција на тогашна Социјалистичка Република Македонија, во тогашна независна Република Македонија, сочуван е по мирен пат унитарниот карактер на нашата држава, нешто што во другите земји во регионот, за жал, не беше случај. А со обединувањето на граѓаните околу новопоставената перспектива – независноста, зачекорено е храбро по трасираниот пат на прогресот, што и денес го одиме“ порача премиерот.
Тој напомена дека „на патот, од независноста – до денес, наша света должност беше да го зачуваме македонскиот идентитет и да ја развиеме функционалната мултиетничност, по којашто денес сме препознаени во светот“.
„Го зачувавме, го потврдивме и го зајакнавме македонскиот идентитет. Македонците и македонскиот јазик се впишани во личната карта на Обединетите нации. Првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик. Европската унија нè прифати како Македонци, кои говорат македонски јазик.
Почитувани сме и признаени и како држава на богатство од различности, каде граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, и сите други, кои живеат во Република Северна Македонија, имаат исти права и должности и споделуваат исти демократски вредности, како Европа во мало – и во тоа е и нашата сила и нашата вредност.
![]()
Нашата историја е запишана во нас – се пренесувала и ќе се пренесува низ нашите поколенија – и тоа е непроменлив факт! Ја имаме шансата, во ваквите околности, да им го отвориме патот на прогресот на новите генерации, како што нам ни беше отворен – и наша должност е да го направиме тоа!“ рече тој.
Премиерот е со став „ги започнавме преговорите со Европската Унија и работиме со забрзано темпо за граѓаните на Република Северна Македонија што поскоро да бидат дел од европското семејство.
Регионалното поврзување носи придобивки, но ако сме обединети и во европското семејство, со 27 земји-членки можеме само да претпоставиме што ќе значи тоа на економски план, во оваа светска економска криза.
Европа ги отвори вратите за нас. Дали ќе станеме дел од европското семејство – сега, од нас зависи!“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.

