Економија
Бектеши: Маржата за трговија со струја ограничена на 10 отсто
По предлог на Министерството за економија, на денешната 80-та седница Владата донесе одлука за посебни услови за трговија на одделна стока, според која се определува највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата на пазарот со електрична енергија.
Како што денеска на прес-конференција информира министерот за економија, Крешник Бектеши, највисоката трговска маржа на електричната енергија за сите трговски друштва и трговци поединци што вршат трговија на пазарот со електрична енергија на големо и на мало се утврдува во висина најмногу до 10 %.
„Трговската маржа за учесниците на пазарот на електрична енергија ќе се пресметува на просечната цена на електрична енергија за МWh од Унгарската берза за електрична енергија (HUPX) на дневно, односно часовно ниво, на цената на електрична енергија за МWh во билатералните договори и цената на електрична енергија за МWh во договорите за снабдување со електрична енергија. А оваа одлука ќе се применува до 15 април в година“, рече министерот.
Според Бектеши, одлуката се донесува за да се заштити домашниот пазар од нарушување поради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки и на предлог на Министерството за економија потребно е да почне да се применува пред почнувањето на грејната сезона од 15 октомври.
„Оваа мерка ја носиме со цел да им излеземе во пресрет на компаниите што се на слободниот пазар, но и иституциите од централната власт, претпријатијата од локалната власт и училиштата и други, кои се приближно 1.500 субјекти“, изјави министерот.
Бектеши исто така информира и за одлуката што ја донесе Регулаторната комисија, со која се намалува маржата што ја пресметува крајниот снабдувач за субјектите што немаат склучено договор со снабдувач.
„Регулаторната комисија за енергетика направи измена на правилникот за снабдување со електрична енергија во краен случај, каде што е намалена маржата што ја пресметува крајниот снабдувач од 50 на 20 %“, рече Бектеши.
Министерот појасни дека има одредени компании и јавни институции, средни и основни училишта, кои немаат склучено никаков договор за снабдување со електрична енергија и купуваат електрична енергија од снабдувач во краен случај, во случајот ЕВН, со што непотребно прават трошоци и штета на сметка на буџетот на институциите со кои раководат и плаќаат многу поскапа цена на електричната енергија, која се премсетува според Унгарската берза.
Ги повика да склучат договори сѐ со цел да не се прави дополнителен притисок врз електроенергетскиот систем и секако врз државниот буџет.
Според одлуката на Владата, пазарот на електрична енергија на големо вклучува: пазар со билатерални договори, организиран пазар, и тоа пазар еден ден однапред и пазар во тековниот ден и пазар на балансна енергија.
Учесници на пазарот на електрична енергија на големо се: производителите на електрична енергија, трговците со електрична енергија, снабдувачите со електрична енергија, потрошувачите на електрична енергија што ги исполнуваат условите за самостојно учество на пазарот, пропишани во правилата за пазар на електрична енергија, операторот на електропреносниот систем, операторот на електродистрибутивниот систем, операторот на затворениот електродистрибутивен систем и операторот на пазарот на електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

