Македонија
Јубилејни 20 синдикални игри на Македонскиот полициски синдикат
Министерот Оливер Спасовски денес во присуство на претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев, претставници на синдикатот и министерството и гости од странство ги отвори јубилејните 20 по ред синдикални игри на македонскиот полициски синдикат.
Спасовски во своето обраќање потенцираше дека традицијата на одржување на спортскиот дух, на здравата компетиција, запознавањето и другарувањето, се вредности коишто и тоа како се важни, особено кога се работи за професија како полициската, професија што има посебен и мошне висок степен на одговорност кој пак произлегува од специфичноста на законските и други надлежности.
„ Верувам дека овој синдикален настан, односно овие сега веќе јубилејни 20-ти по ред синдикални игри и средби што традиционални ги организира Македонскиот полициски синдикат ги демонстрираат токму таквите вредности претставувајќи извонредна прилика за дополнително професионално зближување и запознавање на луѓето, како и можност за бројни размени на искуства, што секако можат да бидат само од полза на синдикално организирање и професионално работење.“, потенцираше министерот Спасовски.
Министерот се осврна и на фактот дека министерството и синдикатот негуваат партнерство и соработка на стратешко ниво под мотото: опремена полиција – задоволни граѓани и истакна дел од инвестициите, реформите и унапредувањата направени во овој период.
„ Резултатите, меѓу другото се видливи во сите 76 реконструирани објекти на МВР ширум државата, во кои имплементиравме и мерки за енергетска ефикасност. Покрај ова, инвестиравме над 10 милиони евра во нови униформи за секоја организациона единица и секогаш во дијалог со вработените одговараме на нивните потреби. Редовно се исплатуваат бонус платите, три пати е зголемена плати за вработените, во 2018, 2019 и годинава 2022. Започнувајќи од овој месец имаме зголемување на платата за 5% за сите вработени. Успеваме во нашата цел денес да имаме мотивирани колеги, задоволни и горди што се дел од институцијата каква што е Министерството за внатрешни работи.“, потенцираше министерот Спасовски.
На крај Спасовски ги прогласи игрите за отворени посакувајќи им успех и добри резултати на сите учесници на спортските игри, со увереност дека оваа убава традиција и натаму во иднина ќе добива уште повеќе на квалитет, бројност и меѓународен карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски се сретна со министерот за надворешни работи на Литванија: посебен акцент во разговорот ставен на европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денес и утре престојува во работна посета на Вилнус, Литванија. Во рамки на првиот ден од посетата, тој оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи Кештутис Будрис.
Двајцата министри изразија задоволство што посетата се реализира во годината кога двете држави одбележуваат 30 години дипломатски односи. Притоа, тие ја нагласија подготвеноста за унапредување на партнерството и соработката во повеќе области од заемен интерес.

Разговорите опфатија низа теми, меѓу кои билатералната соработка, координацијата во рамките на мултилатералните организации и партнерството во НАТО. Посебен акцент беше ставен на европските интеграции, при што беше нагласена потребата од заеднички и засилен ангажман за забрзување на процесот, особено во светло на претстојното литванско претседавање со Советот на ЕУ.

Муцунски ја изрази благодарноста за континуираната поддршка од Литванија, како и за солидарноста и помошта што државата ја доби по пожарот во Кочани.

Министрите разговараа и за актуелните безбедносни прашања, вклучително состојбата во Украина и предизвиците поврзани со европската безбедност и стабилност во регионот.
Македонија
Герасимовски: Општина Центар останува отворена за најмладите, учиме како се гради современа заедница
Во Општина Центар се одржа едукативна посета на ученици од повеќе основни училишта, во рамки на наставната програма посветена на локалната самоуправа и нејзиното функционирање.
Градоначалникот Горан Герасимовски на учениците им ја претстави работата на општинските служби, процесите на носење одлуки и начинот на кој локалната самоуправа ги реализира проектите што го подобруваат секојдневието на граѓаните. Децата учествуваа со прашања поврзани со урбанизмот, комуналните услуги и плановите на општината.
„Особено ми е драго кога најмладите покажуваат интерес за тоа како функционира нашата општина. Нивната љубопитност и желба за знаење се доказ дека градиме одговорни и свесни идни генерации. Општина Центар секогаш ќе остане отворена за вакви едукативни средби,“ истакна градоначалникот Герасимовски.
Во рамките на посетата беше реализирана и креативна работилница во соработка со младински и еколошки организации, со која учениците преку цртеж и игра учеа за важноста на заштитата на животната средина и одржливиот развој.
„Општина Центар продолжува да инвестира во младите преку едукативни програми, проекти и активности што ја поттикнуваат нивната вклученост во заедницата и градењето на подобра иднина“.
Македонија
Во Кучевишка Бара се гради нов спортско-рекреативен центар на 2000 метри квадратни
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денес изврши увид во градежните активности за изградба на новиот спортско-рекреативен центар во населбата Кучевишка Бара.
Комплексот ќе се простира на површина од 2000 метри квадратни и ќе вклучува фудбалско игралиште со висококвалитетна вештачка трева, детско игралиште, летниковец, нови клупи, парк и зелени површини.
Од Општина Бутел порачаа дека општината се менува, а маалскиот дух се негува, со цел да се создадат можности за редовно практикување спорт и рекреација за сите граѓани.

