Македонија
Маричиќ: Правиме чекор напред во евроинтеграциите, од КОВЕБ преминуваме во КОЕЛА

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска заедно со претседателот на Владата Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи ја имаа првата средба со работното тело на Советот на ЕУ надлежно за земјите кои преговараат.
– Во текот на последните подготовки, денеска се одржува првиот работен состанок со КОЕЛА пред утрешниот почеток на скрининг процесот. Одиме чекор напред во евроинтегративниот процес, од КОВЕБ преминуваме во КОЕЛА, со што се потврдува ЕУ перспективата и поддршката од сите земји членки на Унијата за нашата земја, рече на состанокот Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ и главен преговарач во преговорите со Европската Унија ја искористи шансата и го изрази своето задоволство од брзиот трансфер во работното тело КОЕЛА, потенцирајќи дека постои подготвеност да имаат чести состаноци во наредниот период, додека Северна Македонија напредува во преговорите.
– Процесот на проширување оди напред, отворањето на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија треба да се сфати како позитивен сигнал и поттик за сите максимално да се посветиме и брзо да ги испорачаме реформите, додаде Маричиќ.
Маричиќ пред присутните делегати, претставници на земјите членки на Европската Унија во работното тело за проширување при Советот на ЕУ, направи ретроспектива на подготовките за почетокот на преговорите, во изминатиот месец, истакнувајќи дека во периодот кој следи ќе се засили партнерската соработка со Европската комисија и земјите членки на ЕУ.
Свесни дека преговарачкиот процес е сложен и предизвикувачки, ние како и секогаш сме подготвени да работиме тесно и во партнерство со Комисијата и нејзините служби, како и со земјите членки на ЕУ, за побрзо да го завршиме нашиот дел од работата.
На состанокот Маричиќ уште еднаш ја потврди заложбата на Владата овој процес да биде транспарентен и инклузивен, со вклучување и соработка со различни чинители како што се граѓанското општество, академската заедница и бизнис-заедницата и сите други засегнати страни.
– Апсолутно е важно да имаме национален консензус за пристапниот процес и опозицијата да игра конструктивна улога во исполнувањето на нашата стратешка цел за полноправно членство. Во моментов ги операционализираме сите тела на структурата и паралелно Секретаријатот за европски прашања работи на развивање насоки и градење капацитети за сите тела.
Присутните на состанокот развија дискусија и за глобалните предизвици, како што се војната во Украина, енергетската и прехранбената криза, потребата за закрепнување по ковид, кибербезбедноста итн., кои се причина плус за Унијата да го заврши обединувањето на континентот.
– Целосно обединета ЕУ ќе биде поотпорна и способна ефективно да одговори на сите сегашни и идни предизвици. За нас од другата страна нема алтернатива и затоа треба да го искористиме моментумот и со брзо темпо да се движиме кон полноправно членство во ЕУ, заклучи Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Унијата денеска заминува за Брисел, во пресрет на утрешниот почеток на скрининг процесот и отворањето на преговорите на Северна Македонија со Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На полноќ завршува објавувањето резултати од анкети за локалните избори

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги потсетува радиодифузерите дека согласно Изборниот законик, резултатите од испитувањата на јавното мислење во врска со Локалните Избори 2025, може да се објавуваат најдоцна пет дена пред датумот определен за одржување на првиот круг од изборите, односно најдоцна до 24:00 часот на 13 октомври 2025 година.
При објавување на резултатите од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето.
Резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите не смеат да се објавуваат пред затворањето на избирачките места.
Македонија
Изминатиот викенд лишени од слобода 13 лица за безобзирно управување на возило

За време на изминатиот викенд (11/12.10.2025) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1.502 издадени платни налози, 958 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 13 лица, од кои четири за возење под дејство на алкохол, четворица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место и пет возачи за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 97 прекршоци за неправилно паркирање, 122 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 47 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле пет возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и двајца пешаци. Исто така санкционирани се 43 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 33 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а три заради техничка неисправност. Санкционирани се и пет возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии)“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, додаваат од МВР.
Македонија
„Дали Спасовски ургирал во СВР Штип за да се спаси газдата на „Пулс“, што крие ЈО и дали Коцевски го штити Спасовски“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Јавноста мора да добие одговор. Дали Оливер Спасовски во својство на министер за внатрешни работи лично се јавувал во СВР Штип и барал да се изврши притисок врз полицијата во Кочани за да се заштити газдата на дискотеката Пулс“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„Според информациите кои излегоа во јавноста а се обелоденети во медиуми се фрла сомнеж на вмешаност на врвот на СДС во случајот со нелегалното работење на дискотеката Пулс.
Според објавените телефонски разговори од 17 февруари 2022 година синот на газдата на Пулс Михаил Јованов се пофали на лицето Бојана дека „Оливер Спасовски се јавувал у Штип у полицијата за нас“.
Во разговорот се споменува казна од 40 000 од УЈП која според наводите требало да се „среди“ преку политичка интервенција. Наместо полицијата да го спроведува законот била под притисок „да не досадува“.
„И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се посе*ат“, завршува Михаил.
Ова е сериозно обвинување за злоупотреба на функција, влијание врз институциите и партиска заштита на блиски бизниси. Дали ЈО покренало постапка по овие наводи?
Дали Оливер Спасовски бил повикан на разговор и која е неговата улога во заштитата на газдата на дискотеката Пулс и работата на дискотеката? Дали е извршена контрола во СВР Штип и ОВР Кочани?
Дали Коцевски работи според закон или по нарачка на СДС? Коцевски и ЈО да не молчат. Доколку не е постапено тоа значи дека обвинителството свесно го прикрива скандалот и штити моќници“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.