Македонија
Грковска: Принципите на добро владеење се важни за создавање праведно општество
Принципите на добро владеење се важни не само за процесот на пристапување во Унијата туку, пред сѐ, за создавање праведно, демократско и просперитетно општество. Тоа е клучно за постигнување економски раст, конкурентност, подобар квалитет на живот за граѓаните и поповолна средина за бизнисите. За да го постигнеме тоа и за да се изгради довербата во институциите, јавната администрација треба да биде транспарентна, одговорна и ефективна, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за креирање политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната министерска конференција на Западен Балкан за реформи во јавната администрација, која во Скопје ја организираа СИГМА/ОЕЦД и Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА).
Во своето обраќање вицепремиерката Грковска истакна дека Владата на Република Северна Македонија има сериозен и одговорен пристап кон определбата да изгради отчетни и транспарентни институции и токму затоа нејзиниот кабинет почива на три столба, а тоа се: дигитална трансформација на општеството, транспарентни и ефикасни институции и креирање антикорупциски политики.
„Доброто владеење, односно доброто управување, подразбира и сеопфатни промени, пред сѐ, во начинот на размислување и начинот на функционирање. Јас ја користам секоја можност за да го нагласам ова. Особено ми е важно тоа да допре до младите и честопати им кажувам: „Бидете промената што сакате да ја видите во светот“, истакна Грковска.
На конференцијата, на која присуствуваа и ресорни министри од земјите на Западен Балкан, претставници на Европската комисија, донаторската заедница, регионални и меѓународни организации, граѓански организации и експерти, учесниците имаа можност да разменуваат искуства и мислења за добрите практики за трансформација на јавната администрација, како и спроведување на реформите клучни за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство
Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, изјави премиерот, Христијан Мицкоски во Брисел.
Тој кажа дека Владата ги презема сите реформи за конечно започнување на преговорите и дека македонските граѓани заслужуваат да се во ЕУ.
„Добро е кога Западен Балкан е во оптиката на Европската Унија, тоа е охрабрувачки за граѓаните на Западен Балкан затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина бидејќи Западен Балкан географски припаѓа на Европа и логично е да заедно се интегрира во рамките на ЕУ. Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна бидејќи нашиот пат започна уште пред 25 години, но поради би рекол вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство. Како држава и како влада се поврзуваме да го испорачаме сето она коешто е потребно во овој процес, не поради самиот процес туку пред сè поради македонските граѓани, бидејќи тие тоа го заслужуваат“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка во процесот.
„Така работиме до сега така ќе продолжиме понатаму и очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка туку напротив очекуваме од нашите соседи поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од ЕУ и она коешто е најважно, да бидеме оценувани според постигнувањето, а не според билатералните прашања“, рече Мицкоски.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ-ЗНАМ го изгласаа предавството на Македонија во Собранието
Предавниците од ДПМНЕ-ЗНАМ денеска го изгласаа предавството на Македонија, ја изгласаа предавничката Резолуција што сами си ја донесоа во Собранието, велат од СДСМ.
Според партијата, денешниот 17 декември 2025 година ќе остане запаметен како ден на којшто ДПМНЕ и ЗНАМ го завериле предавството на Македонија.
„Без Христијан Мицкоски кој ги остави сами. Побегна дури до Брисел, остави други да го изгласаат неговото предавство на Македонија. Прашањето е дали сите пратеници на ДПМНЕ-ЗНАМ добија по 1,2 милиони евра, дали добија по 5,3 милиони евра, дали добија по 9 милиони евра за оваа срамна одлука – за ова предавство? Колку пари земавте за предавството на Македонија? Дали на сите ви поделија тендери? Колкав е вашиот дел од 6 милијарди евра кредит“, прашува СДСМ.
Опозицијата вели дека нема да биде нем посматрач на ова, како што го нарекуваат, национално предавство, мигранти за пари.
„Заедно со граѓаните, ќе ги искористиме сите демократски механизми за да се спротивставиме на ова национално и државно предавство. Ги повикуваме сите опозициски партии, здруженија, невладини организации да ни се приклучат во фронтот против криминалната власт. Ги повикуваме и искрените и чесни членови на ДПМНЕ кои ја сакаат Македонија и знаат дека ова што го прави нивното раководство е за пари да се приклучат“, велат од СДСМ.
Пратениците денеска ја изгласаа резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои токму СДС се обидува да ги наметне во јавноста, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. Со овој документ јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики поврзани за кампови за мигранти донесени од поранешната влада на СДС предводена од Заев, на која дел беше и Венко Филипче. Оваа резолуција го покажа вистинското и лицемерно лице на СДС и трајно ќе ја затвори, од нив измислената тема за наводни мигранти во Македонија“, соопштија претходно од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 13 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до -1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До понеделник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник се очекуваат локални врнежи од дожд.

