Македонија
Димитровски: Давам оставка затоа што Арсовска и Градот системски ја уништуваат „Лајка“
В.Д. директорот на Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници Лајка – Скопје, Воислав Димитровски, дава оставка од функцијата поради, како што вели, „недостиг на поддршка од страна на Град Скопје“.
„Пред 10 месеци ја имав честа да бидам назначен како в.д. директор на Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници ‘Лајка’ – Скопје. Би сакал да се заблагодарам за безрезервната поддршка од здруженијата за заштита на животните, ветеринарната фела, ВМРО-ДПМНЕ и членките на Зелен хуман град во изминатиот период.
Јавното претпријатие го затекнав во хаотична состојба, без воспоставена структура, со недостиг на соодветен и нецелосно стручен кадар за работа на јавно претпријатие, и со над 70% заробен капацитет на прифатилиштето. Јавното претпријатие беше со затекнат долг од над 10.000.000 денари кој беше направен за година и пол функционирање на претпријатието.
Во 2021 година ЈП ‘Лајка’ има обезбедено од Град Скопје 20.000.000 денари за потешкотии во работењето, 10.000.000 денари за третман на животни, и дополнително 10.000.000 денари долг кој го остави во јавното претпријатие, вкупно потрошено околу 40.000.000 денари. За 2022 година Град Скопје обезбеди само 20.000.000 денари за ЈП ‘Лајка’ без обезбедени средства за потешкотии во работењето.
Со ваква скромна финансиска поддршка успеавме да го запреме задолжувањето на претпријатието и да вратиме дел од долговите.
Поради недостигот на поддршка од страна на Град Скопје, ЈП ‘Лајка’ има континуирано блокирани сметки, доцнење во исплатувањето на платите, вклучително и во конкретниот месец немаме исплатено плата на вработените поради непрефрлени средства од Градот кон ЈП ‘Лајка’ за извршени услуги.
Град Скопје со ребалансот на буџетот во 2022 година обезбеди 10.000.000 денари за ЈП ‘Лајка’ за потешкотии во работењето, за кои веќе втор месец не се обезбедува мнозинство во Советот на Град Скопје да се доделат средствата на ЈП ‘Лајка’ со цел да може да се врати во функција претпријатието и да врати веќе доспеани долгови. ЈП ‘Лајка’ за остатокот од 2022 година има останати обезбедени средства од Град Скопје само 1.900.000 денари која е доволно да се исплатат само плата и комунални трошоци на претпријатието за само 1 месец, без финансии за храна лекови и потрошен материјал.
Во изминатиот период ЈП ‘Лајка’ поради тоа што нема финансиски средства за основно функционирање, правеше акции за донации со цел да не се прекине воспоставеното темпо на работа за реализација на програмата и спроведување на хуман третман кај животните. Изминатиот месец ЈП ‘Лајка’ функционира главно од донации.
Во ваква тешка финансиска состојба без реална поддршка од страна на Град Скопје, како в.д. директор на ЈП ‘Лајка’ заедно со тимот од ЈП ‘Лајка’ и со несебична поддршка од страна на здруженијата и активистите успеавме да го зголемиме капацитетот на третирани кучиња со хуман третман за околу 40%, вдомувањата на кучиња се зголеми за 300%, според податок од МВР на ниво на Град Скопје има намалување на инциденти предизвикани од куче за 20%. Подобрувањето на функционирањето на претпријатието се гледа и во бројот на вдомени кучиња во месец август 2022 година кој изнесува 40 вдомени кучиња во споредба со месец август 2021 година од 0 вдомени кучиња.
Во изминатиот период активно работевме за зголемување на јавната свест за благосостојба кај животните и одговорно сопствеништво, реализиравме над 20 кампањи на оваа тема. Подготвена е програма за едукација на младата популација на овие теми, и во фаза е броење на кучиња во рамки на Градот Скопје со цел да се има правилен пристап при подготовка на програмата и акцискиот план за 2023 година. Сето ова без одвоен денар од буџетот на ЈП ‘Лајка’ или Град Скопје.
Се надевам дека следниот директор на ЈП ‘Лајка’ ќе ја ужива довербата на здруженијата на граѓани и активностите, ветеринарната фела и граѓаните како што ја уживав јас, но и од страна на Град Скопје за да се одржи и зголеми темпото на работење. Се надевам дека следниот директор ќе ја подобри работата на претпријатието и нема да го користи јавното претпријатие за сопствени цели, што било слушај во минатото.
До некое подобро утре и отворена можност и реална поддршка за ставање под контрола на проблемот со кучињата скитници“, вели Димитровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

