Економија
Претставени новитетите за понатамошна дигитализација на царинското работење
Царинската управа денеска организираше настан на кој тимот од експерти од Царинската управа, предводен од директорката Славица Кутиров, на бизнис-заедницата ѝ ги претстави поволностите кои преку новите системи и функционалности, во процесот на дигитализација, се воведуваат во царинското работење за поддршка на конкурентноста на домашните компании. На настанот присуствуваа околу сто претставници од економските оператори и стопанските комори во државата.
Обраќање имаше министерот за финансии Фатмир Бесими, кој го истакна значењето на заедничките активности на Министерството за финансии и Царинската управа.
„Дигитализацијата на Царината е од огромна важност за олеснување на трговијата и подобрување на услугите кон економските оператори. Со започнување на скрининг-процесот, дигитализацијата на Царината ќе биде од исклучителна важност за добивање позитивен извештај во делот на политиките од областа на Царината, а како основа во функционирањето на единствениот пазар. Од особено значење е твининг проектот ‘Подобрување на наплатата на приходите, даночната и царинската политика’ кој Царинската го спроведува заедно со Министерството за финансии и Управата за јавни приходи. Овој проект, но и останатите проекти каде што Царинската управа е лидер во успешната реализација, е од исклучително значење за истакнување на перформансите на оваа институција“ – истакна министерот Бесими.
Директорката Кутиров ги претстави проектите за дигитална трансформација на царинското работење, кои се составен дел од Акциониот план за развој на Царинската управа во наредните три години.
![]()
„Дигиталната трансформација на Царината е опфатена преку повеќе проекти и активности во сите области, за кои се обезбедени финансиски средства и се дефинирани тимовите кои работат и ќе работат на нив. Овие проекти опфаќаат развој на повеќе нови ИКТ-системи, поделени главно во две области: системи кои ќе имаат влијание на подобрување на услугите за економските оператори, олеснување на царинските постапки, кои се дел од Повеќегодишниот стратешки план на ЕУ, и тоа: нов компјутеризиран транзитен систем (NCTS 5), нов национален едношалтерски систем, систем за регистрација и идентификација на економските оператори и автоматизиран систем за управување со цариснките терминали; како и системи кои ќе влијаат на поефикасни контроли, поефикасна наплата на приходи, а со тоа и на намалување на сивата економија – воведување нов систем за видеонадзор и автоматско препознавање на регистарски таблички, нов систем за управување со контролите и истрагите и систем за следење на тутунски производи – Track&Trace“ истакна директорката Кутиров.
Експертите од тимот на Царинската управа ги претставија новитетите и развојните активности за унапредување на електронскиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), со кои е најавено автоматско пуштање на стоките во слободен промет најмногу за еден час, автоматизирање на постапките за издавање царински одобренија и акцизни дозволи и електронско приложување документи кон барањата за дозволи и одобренија. Со развојот на системот за интегрирана тарифна околина (ИТО), во периодот што претстои ќе се воведе единствена авторизација и автентификација на корисници преку СОЦДАД, електронско поднесување барање, известување и издавање на Задолжителна тарифна информација. Преку надградба на ЕXIM системот за издавање дозволи, во 2023 година на економските оператори ќе им биде овозможено електронско плаќање на надоместоци, електронска проверка на дозволите за патен превоз од Министерство за транспорт и врски и размена на податоци со системот на Министерство за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

