Македонија
Папата Франциск ја поздрави Школата за млади лидери на Претседателот Иванов
Со свеченото отворање кое се одржа синоќа во хотел Double Tree by Hilton во Скопје започна Тринаесеттата Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, на тема „Морално лидерство“, која се одржува во периодот 16-30 септември 2022 година.
Овогодинешната 13-та Школа за млади лидери ја отвори и модерираше проф. д-р. Катерина Вељановска Блажевска, универзитетски професор и експерт за јавни политики и стратешка комуникација, која го сподели своето искуство со Школата за млади лидери и сподели на кој начин стекнатото знаење и контактите кои ги стекнала токму на оваа Школа и ѝ помогнале во формирањето на нејзината личност.
Видео обраќање имаше и Маестро Симон Трпчевски во кое ги поздрави присутните и иницијативата на Претседателот Иванов за создавање на оваа Школа за млади лидери. Спомнувајќи го својот последен проект „Makedonissimo“, Маестро Трпчевски ја потенцираше важноста на промоцијата на Република Македонија како лулка на културата и упати апел до младите лидери, каде и да одат во Светот, колку и да се успешни, никогаш да не забораваат од каде доаѓаат и каде започнала нивната приказна.
Пред присутните се обрати и Бискупот монс. д-р. Киро Стојанов кој говореше за моралот и етиката во современието низ религиска призма и ги охрабри младите лидери да стекнуваат нови знаења и да веруваат во себе и своите способности.
Бискупот пред присутните го прочита и поздравното писмо кое лично Папата Франциск го испрати до Претседателот Иванов, а се однесуваше на Школата за млади лидери. Во писмото Неговата Светост се осврна на важноста од создавањето на идни лидери чии карактеристики ќе бидат разумноста, праведноста, моралната цврстина и умереноста. Во писмото Папата Франциск ја искажа својата искрена надеж дека присутните млади луѓе ќе можат да понудат морално лидерство за градење иднина заснована на соработка која ќе ги надмине поделбите во човештвото, и упати благослови за мудрост и мир за сите кои учествуваат во Школата.
По поздравното писмо од Папата, поранешниот Претседател Иванов во името на Школата за млади лидери, преку Бискупот Монс. д-р Киро Стојанов му врачи на Неговата Светост Папата Франциск признание „Морален лидер на денешницата“.
Пред присутните се обрати и Претседателот Иванов кој се осврна на темата „Морално лидерство“ која воедно е и главната тема на овогодинешната Школа за млади лидери. Тој со присутните ги сподели своите погледи на глобалните светски процеси, како политички, така и економски, говореше исто така и за кризите кои се случуваат на глобално ниво, токму поради недостатокот од морално лидерство во современите општествени текови. Претседателот Иванов исто така ја потенцираше и важноста на моралот и етиката во политиката, во општеството и општествените случувања, како и во секојдневието на човекот. Говореше и за предизвиците кои глобализацијата и напредокот на технологијата ги носат и како еден вистински лидер може да се справи со истите. Претседателот Иванов говореше и за важноста од преземањето конкретна акција во процесите воопшто, со што на тој начин младиот човек работи на отворање на нови хоризонти и проширување на сопствените видици. Ги охрабри присутните да учат, да се надоградуваат, да бидат љубопитни, но во исто време да го почитуваат семејството и да ги почитуваат вредностите кои ги има добриот човек, да бидат добри луѓе што ќе прават добри дела, да ги почитуваат добрите обичаи и практики со цел постигнување на општото добро.
Овогодинешната школа се одржува во комбинирано издание, една недела со онлајн предавања и предавања со присуство во живо. Oд денес продолжуваат онлајн сесиите кои ќе траат до 23 септември, a сесиите во живо ќе продолжат од 25-30 септември и ќе се одржат во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид каде ќе биде и свеченото затворање. Школата има четириесет учесници од Македонија и од странство и триесетина предавачи исто така од Македонија и од странство.
Школата за млади лидери е иницијатива на Претседателот Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат.
Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oбвинувања за канабисот: ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за лиценците, СДСМ прашува кој довзолил 5 тони дрога да ја поминат границата
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ и утрово разменија обвинувања поврзани со лиценците за производство на канабис и со запленетата марихуана.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека фирмата „ЦБД Медплант“ од Ново Село, од која, како што наведуваат, биле запленети околу 30 тони марихуана, добила лиценца во 2020 година, во период кога на власт биле Зоран Заев и Венко Филипче. Партијата наведува дека фирмата е директно поврзана со луѓе блиски до СДС и Заев и повикува Јавното обвинителство да ја испита поврзаноста на поранешни функционери со бизнисот со канабис.
„Постојат фотографии кои го прикажуваат Филипче во друштво со сопственикот, Тони Котев. Од вкупно околу 40 тони запленета марихуана, дури околу 30 тони се поврзуваат со оваа фирма или 70 отсто“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата нагласува и дека измените на Правилникот за одгледување на канабис во 2023 година, отвораат прашања за законитоста на процесот. Од партијата бараат институционална одговорност.
Од друга страна, СДСМ обвинува дека власта се обидува да дефокусира и да го заташка случајот со 5 тони дрога што ја поминале македонската граница и завршиле во Србија. Според СДСМ, јавноста 16 дена чека одговор како дрогата ја поминала границата и кој ќе понесе одговорност.
„Премиерот Мицкоски лицитира со 25, 40, па и 100 тони запленета марихуана, наводно нелегално произведена. Ако навистина станува збор за нелегално производство од такви размери, тоа отвора уште посериозно прашање за одговорноста која мора да се прошири на повеќе институции токму во власта“, велат од СДСМ.
Партијата прашува како се произвела марихуана на површина од речиси 40 фудбалски стадиони, наводно нелегално, а институциите не знаеле, не провериле, не контролирале.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ повика на целосна истрага за модуларната болница во Тетово
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Венко Филипче ја составил техничката спецификација за модуларната болница во Тетово без соодветен елаборат за електрична енергија и без целосно почитување на безбедносните стандарди.
Од партијата тврдат дека Светска банка одобрила 30 милиони евра за изградба на модуларните болници, додека реалната цена по која биле изградени објектите изнесувала околу 300.000 евра.
„Јавноста има право да знае каде завршиле парите и зошто профитот бил поважен од безбедноста на граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека во здравството не смеело да се дозволуваат калкулации и импровизации за остварување личен профит.
Партијата се повикува и на, како што наведуваат, јавно изнесени тврдења на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, според кои во обвинението биле опфатени само медицинскиот и економскиот директор на тетовската болница, додека Филипче бил надлежен за техничката документација.
„Се поставува прашањето зошто бил заштитен од правосудните органи“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство, согласно законите и доказите, целосно, темелно и неселективно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово.
Македонија
Поплави во повеќе региони во земјава – евакуирани 220 лица во Кичево, критично во Форино, поплавени куќи, ниви, подруми
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека поради обилните врнежи од дожд се регистрирани поплави во повеќе региони во земјата, при што најкритична состојба има во Полошкиот регион и во Кичево.
Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ. Најпогодено е селото Форино. Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.
Во Југозападниот регион, во Кичево, на улицата „Прилепска“ е регистрирано најголемо поплавување на куќи, а евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, поплавени се подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвениот крст, а на терен работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
Во Североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае поплавени се земјоделски површини поради излевање на Слупчанска Река, при што засега нема пријавени материјални штети. Поплавени земјоделски површини има и во селото Оризаре. Во Куманово, во селото Доброшане, на локацијата Шупли Камен кај мостот на Кумановска Река има насобрани пластични шишиња, но засега нема опасност од излевање на реката.
Во Скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата утрово се следи и е мирна, додека во Општина Зелениково има минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.
Во Југоисточниот регион, во Струмица, засега нема пријавени штети од врнежите од дожд. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и за истиот се известени надлежните служби.
Во Источниот регион, во Пробиштип, регистриран е прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол, а екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.

