Македонија
МВР: Посебен режим на сообраќај во недела 18.09.2022 во Скопје
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека на 18.09.2022 (недела) со почеток во 08.00 часот, во организација на атлетски клуб Korrunners, ќе се одржи атлетска улична трка „Колорран 2022“. Трката ќе се одвива по следнава траса – старт на ул.„Беласица“ пред ТЦ Ист Гејт Мол, десно по бул.„Гоце Делчев“ (десна коловозна лента), лево по бул.„Крсте Петков Мисирков“ (десна коловозна лента), лево по кеј „Димитар Влахов“, при што трасата на одвивање на трката ќе се подели на два дела едната траса со движење по велосипедско – рекреативната патека на кејот на реката Вардар до река Серава и назад по истата траса до стартно-целната позиција и втората траса со продолжување по кејот „Димитар Влахов“, покрај зградата на МРТ, право по бул.„Гоце Делчев“, лево по ул.„Беласица“ до стартно-целната позиција.
На 18.09.2022 (недела) со почеток во 10.00 часот, во организација на Велосипедската федерација на Македонија, ќе се одржи велосипедска трка „Гран Фондо Скопје 2022“. Трката ќе се одвива по следнава траса – старт од бул.„Илинден“ кај паркингот на Зоолошка градина, право по бул.„Илинден“ кон бул.„8-ми Септември“ каде на крстосницата се врти назад по бул.„Илинден“ преку мостот Гоце Делчев, право по бул.„Гоце Делчев“ се вози до крстосница со ул.„Филип Втори Македонски“. Понатаму се врти назад по бул.„Гоце Делчев“, пред мостот Гоце Делчев се врти десно по ул.„Самоилова“ околу Кале до Амбасадата на САД и се продолжува право по ул.„Лазар Личеноски“ се до бул.„Гоце Делчев“ каде се врти десно преку мостот и се до целта каде е и стартната позиција, кај паркингот на Зоолошка градина.
Од тие причини Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на горенаведените сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Двајца гостиварчани возеле дури 70 км/час побрзо од дозволеното
На 03.05.2024 во периодот од 11.00 до 17.00 часот на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возило со брзина поголема од дозволената. При контролата биле откриени и санкционирани вкупно 115 пречекорувања на максимално дозволената брзина.
Од нив, 68 пречекорувања се регистрирани надвор од населено место (ТЕ-18 и ГВ-50), од кои двајца возачи (ГВ) возеле со брзина од дури над 70 километри на час, а 21 (Те-14 и ГВ-7) со брзина од 50 до 70 км/час повеќе од дозволеното.
При контролата, исто така, санкционирани се и 47 пречекорувања на брзината во населено место (ТЕ-31 и ГВ-16), од кои 7 (ТЕ-6 и ГВ-1) ја пречекориле брзината до 50 км/час над дозволеното, а санкционирани се и 11 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-6 и ГВ-5). На возачите прекршители изготвени им се предвидените поднесоци.
Македонија
Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија за нашите деца и внуци
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, испрати порака со оддавање почит и слава кон делото на македонскиот револуционер, идеолог и учител, инспираторот и водачот на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев, во која вели:
„Денеска, кога чествуваме 121 година од смртта на големиот македонски револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, треба да се потсетиме на неговата идеја за културен натпревар меѓу народите. Во време кога во повеќе делови на Европа и светот беснеат војни, Гоцевите зборови делуваат како отрезнувачка порака за човештвото.” – истакна Ковачевски.
Претседателот на СДСМ, Ковачевски, посочи дека борбата на Делчев за слободна и независна македонска држава ќе остане вечен паметник за жртвата што ја дале тој и неговите современици.
„Нашата борба денеска, повеќе од еден век подоцна, е за Македонија која ќе биде дел од Европската Унија, држава со европски животен стандард и европски вредности.” – посочи Ковачевски.
Осврнувајќи се на аманетот кој го имаат оставено револуционерите низ македонската историја, Ковачевски посочи: „Како што Делчев и Илинденците не се откажале од нивната борба, така и ние не треба да се откажеме од нашата борба за подобра Македонија за нашите деца и внуци. Само ако успееме да изградиме почитувана, достоинствена и просперитетна држава ќе ја заслужиме почитта на следните генерации.” – рече Ковачевски.
Македонија
Николоски: Во четврта изборна единица ВМРО-ДПМНЕ предвидува инфраструктурно поврзување, поддршка на земјоделието и воспоставување на ред во државата
„Во четвртата изборна единица предвидуваме како и на државно ниво враќање на редот во државата и воспоставување на функционална правна држава“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4 во јавување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
„Во четворката предвидуваме и инфраструктурно поврзување тука е пред експресниот пат Прилеп – Градско кој што седум години актуелната власт не успеа да го заврши. Понатака автопатско решение на Прилеп до Битола и граница со „Меџитлија“, значи нешто плус од ова што се предлага имајќи в предвид дека ние нема да бараме како Артан Груби провизии од 20% и од прилика е толку разликата. Ние не планираме да бараме провизии значи ќе има простор за повеќе да се изгради“, појасни Николоски.
Николоски додаде дека третиот фокус во изборната единица 4 е земјоделието. Најголем дел од земјоделското производство во Македонија е токму во изборната единица 4. За тука се предвидени значајни работи кои што сака идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ги направи, и во делот на производството на тутун, и во делот на производство на грозје и вино, во делот на раноградинарски култури, праски итн.
„Во однос на помалите политички партии кои што имаа свои претседателски кандидати очекувам нивните гласачи затоа што беа проопозициски кандидати да гласаат за Гордана Силјановска Давкова во вториот круг. И на тој начин да имаме успешни претседателски избори и Гордана да стане претседател“, повика Николоски.
Тој посочи дека со идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ започнуваат промените во Македонија, време е за проекти кои ќе се од корист за граѓаните и државата.