Македонија
Поранешен јавен обвинител од Охрид обвинет за незаконско работење, заштитувал крадци
Струшкото Обвинителство до надлежниот суд поднесе обвинение против поранешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид за продолжено кривично дело несовесно работење во службата.
„Обвинетиот, во периодот од 19 ноември 2013 година до 25 ноември 2021 година, додека сè уште ја извршувал функцијата јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Охрид, очигледно несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности поврзани со преземање или непреземање дејства по конкретни предмети. На тој начин тој овозможил пријавените кривични дела апсолутно да застарат за гонење и со тоа потешко ги повредил правата на други – подносителите на кривичните пријави и оштетени бидејќи тие пред истекот на рокот за апсолутна застареност на гонењето по пријавените кривични дела, не добиле одлука ниту за гонење на пријавените лица – со што биле скратени да си ги остварат своите права како оштетени во судска постапка ниту, пак, добиле одлука – решение за отфрлање на поднесените кривични пријави, со која оштетените би имале право на жалба за да ги остварат правата во претходна постапка“, соопшти Обвинителството.
По извршен вонреден надзор на Вишото јавно обвинителство Битола, врз работата на јавниот обвинител беа констатирани пропусти во постапувањето, при што беше задолжен да ги преземе неопходните дејства во предметите. Тој не постапи по задолжението од извршениот надзор, односно состојбата во предметите остана идентична.
Од тие причини против обвинителот беше поведена и дисциплинска постапка, во која Дисциплинската комисија донесе решение со кое за сторените тешки дисциплински повреди изрече дисциплинска мерка – предлог за разрешување на јавниот обвинител.
Во текот на кривичната постапка против јавниот обвинител беше утврдено дека на овој начин настапила застареност на вкупно 14 предмети во Основното јавно обвинителство Охрид:
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид на 19.11.2013 година против две осомничени лица за кривично дело кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот не презел никакво службено дејство во предметот сè до 4 ноември 2019 година кога настапила апсолутна застареност за гонење на осомничените за пријавеното кривично дело, а на овој начин потешко ги повредил правата на едно оштетено лице.
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2014 година против едно лице за кривично дело – кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот на 9.12.2014 година го испитал осомничениот на записник и истиот ден издал наредба за вештачење, но понатаму не презел никакво службено дејство во предметот поради што на 24.4.2018 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело, а на овој начин потешко ги повредил правата на оштетеното правно лице „ЕВН Македонија“.
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2014 година против едно лице за кривично дело – кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот на 22.12.2014 година испитал двајца сведоци, но понатаму не презел никакво службено дејство во предметот поради што на 28.2.2019 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничената за пријавеното кривично дело.
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2013 година против еден осомничен за кривично дело – кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот на 12.1.2015 година испитал тројца сведоци, но понатаму не презел никакво службено дејство во предметот поради што на 16.5.2019 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2013 година против едно лице за кривично дело – кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик. Во овој предмет обвинетиот јавен обвинител на 15.9.2015 година со решение на Вишото јавно обвинителство Битола бил задолжен постапката да ја продолжи, но по ваквото задолжение, не ги презел службените дејства. На 11.5.2017 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2014 година против едно лице за кривично дело – кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик. Со решение на Вишото јавно обвинителство Битола од 29.9.2015 година обвинетиот бил задолжен постапката да ја продолжи, но по ваквото задолжение не ги презел службените дејства. На 30.7.2020 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 26.7.2013 година против еден осомничен за кривично дело – кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик. Иако со решение од 21.10.2015 година на Вишото јавно обвинителство Битола обвинетиот бил задолжен постапката по поднесената кривична пријава да ја продолжи, очигледно несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности како јавен обвинител, па по ваквото задолжение, не презел никакво службено дејство во предметот. Апсолутна застареност за гонење на пријавениот настапила на 25.1.2019 година.
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2015 година по поднесена кривична пријава против еден осомничен за кривично дело – загрозување на сигурноста по член 144 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. На 18.11.2015 година обвинетиот упатил барање за податоци до ЈЗУ Општа болница Охрид, но понатаму не презел никакво службено дејство во предметот. На 10.4.2021 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело со што потешко биле повредени правата на една оштетена.
– По предметот заведен во Основното јавно обвинителство Охрид во 2014 година против едно лице за кривично дело – кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик, обвинетиот на 15.1.2016 година упатил покана за испитување до осомничениот. Понатаму не презел никакво службено дејство во предметот поради што на 17.5.2019 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2014 година против едно лице за кривично дело – кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот на 16.2.2016 година на записник испитал еден сведок и потоа не презел никакво друго службено дејство во предметот. На 24.11.2020 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид во 2015 година против еден осомничен за кривично дело – кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик. Со решение од 10.6.2016 година на Вишото јавно обвинителство Битола, обвинетиот бил задолжен постапката да ја продолжи, но по ваквото задолжение, не ги презел службените дејства со кои бил задолжен, а кои биле неопходни за донесување на јавнообвинителска одлука. На 11.3.2021 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид во 2014 година по поднесена кривична пријава против двајца осомничени за кривични дела – незаконит риболов по член 229 став 1 од Кривичниот законик и кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик. Од 22.6.2017 година, кога со наредба му го вратил металниот чамец на сопственикот и издал две барања за казнени евиденции до Основниот суд Охрид, обвинетиот понатаму не презел никакво службено дејство во предметот. На 11.7.2018 година настапила апсолутна застареност за гонење за кривичното дело незаконит риболов, а на 11.7.2020 година апсолутна застареност за гонење и за кривичното дело кражба. Со ова обвинетиот потешко ги повредил правата на државата во поглед на заштита на рибниот фонд, како и на едно оштетено лице.
– По предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид во 2015 година против еден осомничен за кривично дело кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик, обвинетиот на 22.6.2017 година го испитал осомничениот на записник. Понатаму не презел никакво службено дејство во предметот поради што на 20.5.2021 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот, со што потешко биле повредени правата на оштетено правно лице „ЛТХ Леарница“ ДООЕЛ Охрид.
– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид по поднесена кривична пријава од 2.12.2016 година против три лица од Охрид за кривично дело давање лажен исказ од член 367 став 1 и член 367 став 3 од Кривичниот законик. Обвинетиот во својство на јавен обвинител на 10.2.2020 година издал наредба за вештачење до вешто лице, но понатаму не презел никакво службено дејство во предметот. Како резултат на ова во 2021 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничените.
Постапката во овој предмет ја води Основното јавно обвинителство Струга бидејќи Основното јавно обвинителство Охрид побара изземање со оглед на тоа што обвинетиот го сторил кривичното дело во својство на јавен обвинител во тоа Обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

