Македонија
(Видео) Ковачки: Ковачевски е трајно неспособен, дали лажел за да избегне војска или имаме неспособен човек за премиер

„Димитар Ковачевски, премиер на Македонија, го избегнал отслужувањето на воениот рок правдајќи се со лекарско мислење дека е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН за служење војска. Ова е документот, извадок од евиденциската книга на АРМ, објавен на социјалните мрежи. Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН“, рече на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачки вели дека „ова води до два заклучока. Или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му, кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН“.
„Доколку Ковачевски не лажел и не се служел со измама, тогаш ние за премиер на државата имаме ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН човек, а самата дијагноза кажува дека неговата неспособност не може да се отстрани, т.е. дека таквата состојба кај него е трајна, што значи дека таа може само да се влошува. Доколку Ковачевски лажел за својата здравствена ситуација, тогаш ние на чело на државата имаме патолошки лажго. Ако лажел да избегне служење војска правејќи се ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН, тогаш не можеме ниту да претпоставиме за што сè друго би лажел“, вели Ковачки.
„Ковачевски како премиер е опасност за државата. Ковачевски мора да си даде оставка“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Започна изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Битола

Во општина Битола, денес беше одржан состанок, со кој се означи почетокот на реализацијата на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води.
Во присуство на претставници на Министерството за животна средина, Министерството за финансии, изведувачот на пречистителната станица конзорциумот Лантаниа-Стентон градба-Карканиас, избраниот надзор- фирмата Ептиса, претставници на КЈП „Нискоградба“ и претставници на општинската администрација, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посочи дека овој стратешки еколошки проект е многу значаен чекор кон заштитата на животната средина.
Основната цел на проектот е да се подобри инфраструктурата за собирање и третман на комунални отпадни води, во согласност со директивата за третман на отпадни води и националниот закон. Според договорот, времетраењето на градба е 2 години и една година гарантен период. Со помош на ЕУ, се гради одржлив систем за отпадни води за идните генерации, преку инвестирање во чиста вода и зелени решенија што ќе обликуваат поздрава и поодржлива иднина.
Македонија
Дожд и грмежи вечерва и во раните утрински часови, јавува УХМР

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, во западните делови западен, а долж Повардарието северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Кон крајот на денот во северозападните делови облачноста ќе се зголеми и во текот на ноќта и во раните утрински часови ќе има локален дожд, повремено пороен со појава на грмежи и услови за краткотрајно невреме.
Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степеним јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, во раните утрински и претпладневни часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Македонија
Тошковски од Охрид: Поголема контрола на водниот појас, зголемена е безбедноста на туристите

Mинистерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Охрид, Регионалниот центар за гранични работи Запад и Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.
Притоа ги посети на терен и полициските службеници од СВР Охрид кои патролираат со велосипеди низ градот, како и српските полициски службеници кои и оваа година учествуваат во заеднички патроли во текот на туристичката сезона.
„Во пикот на летната сезона, кога бројот на туристи и возила е драстично зголемен, МВР презема координирани мерки и динамички го адаптира полициското присуство. Во СВР Охрид веќе функционира засилен состав, преку распоредување на полициски службеници и од други сектори, што придонесува за ефикасна покриеност на целиот регион и зачувување на стабилната безбедносна состојба.
Во делот на граничното управување, РЦ за ГР Запад бележи континуирано подобрување на оперативната ефикасност. Податоците покажуваат позитивен тренд во откривање кривични дела, подобра организација на протокот на патници и одржување на стабилен ритам на граничниот сообраќај дури и во најоптоварените часови“, истакна министерот Тошковски, додавајќи дека Охридското Езеро годинава е покриено со значително повисок степен на полициско присуство.
„Обезбедена е поголема контрола на водниот појас, зголемена е безбедноста на туристите, а резултатите од контролните активности покажуваат подобри ефекти од претходните сезони. Видливоста на полицијата во градското подрачје е исто така засилена. Патролите на велосипед, веќе препознатлив белег на СВР Охрид, придонесуваат за побрзо реагирање, директна комуникација со граѓаните и чувство на поголема сигурност во јавниот простор. Присуството на српските полициски службеници, како дел од мешовитите патроли и годинава се потврдува како успешна пракса што позитивно влијае врз перцепцијата на безбедност кај туристите. Иако е зголемено присуството и делувањето на сообраќајната полиција, сепак бројот на жртви во сообраќајни незгоди покажува дека безбедноста во сообраќајот бара посистемски пристап, со силен акцент на превентивни, едукативни и инфраструктурни мерки“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заклучувајќи дека МВР функционира со зголемена ефикасност, подобра координација и подготвеност да одговори на зголемените предизвици, резултатите се видливи, напредокот е реален, обврска што продолжуваме да ја исполнуваме професионално, посветено и со јасна цел за создавање побезбедна држава.