Македонија
Ковачевски: Ние сме пример како со мека дипломатија може да се решат историски и идентитетски прашања
Ние сме функционална мултиетничка демократија, пример како отворените прашања се решаваат со дијалог, изјави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, кој денес одржа предавање на реномираниот Универзитет „Колумбија“ во рамките на Форумот на светските лидери.
Заклучи дека Северна Македонија во овој момент е темелот на стабилноста на Балканот.
„Ние сме можеби мала земја, но сме темел на стабилност за Балканот. Ние сме пример за регионот, но и за пошироко, за тоа како меката дипломатија, но и како со моќта на преговорите и дипломатијата можеме да ги решиме историските и прашањата поврзани со идентитетот“, додаде Ковачевски.
„Ако сакате да најдете место во светот каде што се користат дипломатски напори и користењето мека сила, тогаш тоа е Република Северна Македонија и сите договори што ги направивме интерно во државата, но и надворешно со соседите се, всушност, функционално одржливи“, рече Ковачевски.
Како што нагласи, тоа ѝ дало можност на земјата да напредува во постигнувањето на своите стратешки цели. Во поширок контекст, рече Ковачевски, мојата земја е навистина редок пример на Балканот, каде што мислам дека не треба да ве потсетувам на насилството, војните и на економските притисоци.
Објасни дека сите коалициски влади што стапуваа на власт имаа барем еден коалициски партнер од албанската етничка заедница што ја имаме во државата, а тоа е важно, затоа што албанското малцинство е најголемото малцинство во нашата земја.
Исто така, истакна Ковачевски, и политичките партии од други малцинства се дел од Владата. Значаен аспект во развивањето на овој систем е потпишувањето на Охридскиот рамковен договор бидејќи, според Ковачевски, тој е уникатен и успешен концепт на решавање на идентитетските судири.
Како позитивен пример, Ковачевски ги истакна и преспанскиот договор и договорот за пријателство со Бугарија.
„Со Грција успеавме да најдеме решение за уставното име на државата истовремено зачувувајќи ги идентитетот и јазикот на граѓаните. Ова ни даде можност да станеме полноправна членка на НАТО. Вториот договор со Бугарија, всушност, повторно беше многу емотивен затоа што обично ги делам преговорите на два големи вида – емотивни и неемотивни. Во грчките преговори не бев директно вклучен, но да речеме дека грчката страна преговараше на малку порационално ниво, а ние преговаравме на малку поемотивно ниво. Но, со Бугарите тоа се преговори што јас ги водев, двете страни имаа емотивен пристап кон преговорите и беше навистина многу потешко да се најде решение. Со помош на Европа, на Франција и на Германија, земјите што секогаш биле дел од олеснувањето на овие процеси, успеавме да го најдеме вистинското решение за иднината“, додаде Ковачевски.
За војната во Украина, Ковачевски истакна дека таа е закана за демократскиот свет затоа што оваа војна е класичен пример за решавање судир на идентитети, но не со мирни средства, туку со насилство и војна.
„Руското влијание во регионот ќе го дестабилизира функционалниот систем во мојата држава, но и системите на државите на целиот Балкан“, додаде Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

