Македонија
Петровска од конференцијата за новата реалност по украинската криза: Се соочуваме со многубројни предизвици, но мораме да останеме обединети
„Сведоци сме на најголемата безбедносна криза по завршувањето на Студената војна. Поминуваме низ исклучително тешки и драматични времиња поради тоа што се случува во Украина, поради војната и бесрамната агресија на Русија против друга европска нација, која донесе илјадници жртви и болка на граѓаните. Руската агресија врз Украина ни докажа дека, за жал, мирот не е загарантиран и не е даден еднаш засекогаш и дека меѓународниот поредок заснован на правила може да биде оспорен“, рече министерката Славјанка Петровска на денешната конференција на тема „Редефинирани приоритети: Нови реалности по украинската криза“, во организација на Универзитетот „Американ колеџ“ и УНХЦР во Северна Македонија.
Министерката порача дека и покрај многуте механизми и алатки преку дијалог и дипломатија, не може да се спречат едностраните одлуки, кои носат насилство, смрт и уништување.
„Историјата, особено поблиската, покажа дека единствениот пат кон конечно и одржливо решение е дијалогот, кој мора да ја добие својата шанса. Изнудените и насилни референдуми што се најавуваат дека ќе се одржат во окупираните делови на Украина не се решение. Затоа неопходно е итно примирје и разрешување на конфликтот, што е единствено можно по дипломатски пат“, рече Петровска.
Таа се осврна и на улогата и позицијата на НАТО, особено во однос на едни од клучните задачи – одбраната и одвраќањето. НАТО, истакна Петровска, останува посветено на одбрана и одвраќање, на одбрана на секој метар сопствена територија и одвраќање на трети земји од непријателски дејства.
Во контекст на безбедносните предизвици, Петровска порача дека листата е голема и комплексна – енергетската зависност, зависноста од други ресурси, ценовните шокови, климатските промени, сајбер и хибридните закани, дезинформациите и дека оваа реалност побарува редефинирање на приоритетите и адаптација.
„Енергетската зависност станува клучен предизвик за повеќето европски земји, кој може да ја предизвика безбедноста и стабилноста на земјите од евро-атлантското подрачје. Поради порастот на цените на енергентите, импликациите се чувствуваат врз секој аспект од нашето живеење. Но, кога енергентите стануваат оружје и средство што треба да ја скрши нашата волја за да го поддржиме територијалниот интегритет на суверена држава на европска почва, како што е Украина, тогаш ние треба да бидеме уште посилни и напорно да работиме да ја минимализираме зависноста и да го намалиме влијанието на овој предизвик, како и закана за нашите земји и во иднина“, истакна министерката.
За хибридните и сајбер-заканите, министерката истакна дека се сè посериозна закана за сите развиени општества и дека веќе сме сведоци дека цел на напади се и држави од регионот, кои се и членки на НАТО.
„Критичната инфраструктурата, која денес овозможува непречено функционирање на општеството, е клучна за опстанокот и развојот на државата. Сериозните сајбер-напади и последиците од загрозување на критичната инфраструктура се сериозен безбедносен предизвик на државите. Во последниот период во регионот идентификувани се и зголемен број сајбер-напади врз државните институции, невладините организации и централните банки. Токму овие, сајбер-нападите и хибридните активности, се насочени и кон слабеење на отпорноста на државите. Преку поткопување на општествената кохезија и нашиот начин на живеење овие активности се насочени кон ослабување и поделба на земјите однатре“, истакна Петровска. Одговор, пак, на напливот на дезинформации треба да биде зголемената транспарентност во работењето на институциите.
Фокусирајќи се на местото на Северна Македонија во контекст на безбедносната криза, Петровска порача дека токму оваа ситуација ја покажува исправноста на политичките одлуки, кои можеби не биле едноставни или популарни, ама биле исправни.
„Во 2018 година, кога се решаваше спорот со Република Грција, се донесе не толку едноставна или популарна одлука за затворање на тој спор и благодарение на постигнатиот договор Република Северна Македонија стана земја членка на НАТО. Вредноста и исправноста на одлуките се покажува по извесно време. Република Северна Македонија служи како исклучителен пример за земјите на Балканот за тоа како треба да гледате напред кон иднината“, истакна министерката.
На конференцијата, освен министерката Петровска, се обрати и Едвард Џозеф, предавач на Школата за меѓународни студии на Универзитетот „Џон Хопкинс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.
Македонија
ЦУК: Поплавени дворови и земјоделски површини, одрони на повеќе патни правци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти најнови информации за последиците од обилните врнежи на територијата на Македонија – состојба заклучно со 09:00 часот.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во село Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици.
Сообраќајот на патниот правец Кочани Грдовци е нормализиран.
На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја.
Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите.
Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река.
Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини.
Нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка.
Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри.
Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути.
Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена.
Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.
Прилеп
Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот.
Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали.
Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини.
Патот кон село Жерма и кон село Бродец е прооден.
Состојбата во село Стримница Општина Желино се следи континуирано од надлежните служби.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.

