Македонија
Ковачевски: Ако сè се одвива според предвидувањата, во 2030 година ќе станеме членка на ЕУ

Европската Унија и Соединетите Американски Држави се единствените две заедници на држави во кои постојат демократија и право на критичко размислување за секој човек, економски просперитет и социјална правда, изјави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашања од студентите на Универзитетот „Колумбија“.
Премиерот посочи дека унапредувањето на демократијата, правото на критично размислување и економскиот развој се клучните фактори што може да го спречат одлевањето квалитетни кадри од државата.
„Кога ќе направиме држава со демократија, со право на критично размислување и со економски просперитет, со социјална правда, тогаш луѓето ќе почнат да се враќаат во регионот. Во спротивно луѓето ќе си одат од регионот. Бугарија е земја членка на ЕУ, но сепак сè уште имате бугарски професори тука, Романија е членка на ЕУ, Полска е земја членка, ајде да ги видиме бројките на излевањето мозоци таму, не мислам дека се нешто поинакви од Северна Македонија, Србија и од Албанија, исти се, а зошто, затоа што нивото на економски просперитет сè уште не е достигнато. Ние мора да го достигнеме тоа ниво. Економиите растеа 2 % годишно, со тоа движење никогаш нема да ја постигнеме целта, нашите економии мора да растат 6 % на годишно ниво за да го постигнеме тоа ниво, тоа е одговорот. За да го постигнеме тоа ниво, мора да ги вклучиме бизнисите и инфраструктурните проекти, кои растат 6 % на годишно ниво“, рече Ковачевски.
Притоа премиерот посочи дека правилните политики за унапредување на демократијата, за економски и социјален напредок ги забрзуваат интеграциите за полноправно членство во ЕУ.
„Членството во ЕУ е административно многу мачен процес и операција што треба да се спроведе за што ние како држава имаме голем преговарачки тим. Можеме да го завршиме скринингот на државата за 14 месеци и ако сега се оди по предвидувањата што ги имавме кога ја правевме преговарачката рамка, сигурен сум дека до 2030 година Северна Македонија може да стане полноправна членка на ЕУ. И ова ќе биде одлично за регионот“, истакна Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче: Економската состојба во државата е алармантна, буџетската дупка ќе биде 1,4 милијарда евра на крајот на годината

Претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешната прес-конференција изнесе алармантни податоци за состојбата на буџетот. До крајот на 2025 година според статистичките бројки во буџетот ќе недостигаат 1,4 милијарди евра.
„Се наоѓаме на само 75 дена пред крајот на 2025 година, а буџетската рамка, која е дефинирана од приходите и расходите во буџетот, покажува загрижувачка слика: Имено до денес, приходите се реализирани со 70,78% или 256,5 милијарди денари. Во исто време, расходите се на ниво од 72,82%, односно речиси 294 милијарди денари. Ова значи дека со вакво темпо, а тоа е за очекување, на крајот на годината ќе недостигаат околу 1,4 милијарди евра за да се покријат сите трошоци. Тоа е фрапантна буџетска дупка. Ова значи дека сите овие пари ќе треба да се покриваат со задолжување, со нови оптоварувања за бизнисите и граѓаните, или со кратења кај најважните јавни услуги. Ја прашувам власта, што планира да прави и како ќе ги покрива овие 1,4 милијарди евра?“,
Филипче како што рече економската состојба во државата е алармантна поради што чувствува должност и загриженост да ја објави вистината пред граѓаните наспроти пораките за економски „успеси“, кои власта ги зборува на митинг.
„Во време кога премиерот Мицкоски од митинг на митинг зборува за економски „успеси“, должност ми е да зборувам за реалноста и да ги информирам граѓаните за реалната економска состојба. Во изминатите 15 месеци постојано алармиравме дека економијата и економските политики на оваа власт се многу погрешни, а реализацијата на проектите е историски најслаба. Денес тоа што го зборувавме го потврдуваме со реални економски индикатори, факти и бројки. Овие податоци укажуваат на алармантна состојба со буџетот, со приходите, со инвестициите и реализацијата на капиталните инвестиции, како основни индикатори за економската состојба во државата“, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Македонија
Меџити: Филозофијата на нашето управување е со луѓето на терен, а не од канцеларија

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата, Изет Меџити, ја посети куќата на семејството на Шериф Елези во населбата Стар Чаир. За време на посетата, тој директно разговараше со присутните за нивните очекувања, конкретните потреби на населбата и инвестициите кои се реализираат за подобрување на инфраструктурата и условите за живот во општината.
Меџити истакна дека улиците се реконструираат, зградите ќе бидат опремени со лифтови, се градат училишта, градинки и кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, посветувајќи се секој проект да служи на благосостојбата на жителите.
„Ова е филозофијата на нашето управување — со луѓето, на терен, а не од канцеларија. Секоја инвестиција што ја правиме има една единствена цел: да го претвори Чаир во место каде секој се чувствува вклучен, почитуван и со достоинствени услови за живот“, изјави Меџити, заблагодарувајќи им се на домаќините за топлиот пречек.
Македонија
Жителите на Шуто Оризари ќе може личните документи да ги добиваат во својата општина: отворена нова канцеларија за управни работи на МВР

Денеска во Полициското одделение Шуто Оризари беше отворена новата канцеларија за управни работи на Министерството за внатрешни работи, на настан на кој присуствуваше помошник министерот за граѓански работи Јован Алтанџиев.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 25 000 жители на Општина Шуто Оризари ќе можат во рамки на својата општина да поднесуваат барања и да ги подигнуваат готовите лични документи – лични карти, пасоши и возачки дозволи.
„Досега жителите на Шуто Оризари овие услуги ги добиваа преку полициската станица Бутел или во зградата на МТВ. Од денес натаму тие ќе можат тоа да го прават овде, во својата општина. Ова е континуитет на нашата цел – да ги приближиме услугите на МВР до граѓаните,“ истакна помошник министерот Алтанџиев.
Алтанџиев посочи дека министерството за внатрешни работи паралелно спроведува две фази на подобрување на пристапот до услуги – дигитализација на дел од услугите и отворање нови канцеларии за управни работи во средини каде што тоа е најпотребно според бројот на жители и пристапноста.
Во изминатите 15 месеци, МВР отвори седум нови канцеларии за управни работи во општините Сарај, Липково, Долнени, Демир Капија, Јегуновце, Желино и Жеровјане кое ги опфаќа Брвеница и Боговиње. Со денешното отворање во Шуто Оризари, бројот на вакви канцеларии се зголемува на осум.
Со тоа, како што е соопштено, министерството за внатрешни работи опфаќа над 200 000 жители низ државата – односно околу 13% од вкупното население – со цел да се подобри ефикасноста и квалитетот на услугите што им се нудат на граѓаните.
Алтанџиев најави дека во наредниот период се планира отворање нови канцеларии за управни работи и во новите објекти на полициските станици Аеродром и Кисела Вода, со што министерството продолжува со својата стратегија за подобра достапност и современо функционирање на јавните услуги.