Македонија
Османи-Дендиас: Потенцирана силната поддршка на Грција за земјава на нејзиниот европски пат
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на маргините на 77. генерално собрание на ОН оствари средба со неговиот грчки колега, министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас.
„Четири години по потпишувањето на Договорот од Преспа, со Грција успеавме да изградиме стратешки однос, со предвидлива динамика и развој, кое може да се огледа како во нашиот континуиран политички дијалог, така и во поглед на нашата економска соработка и зголемената трговска размена“, нагласи Османи по средбата.
Во тој контекст, изрази задоволство за искажаната подготвеност на Владата на Грција за помош на Северна Македонија во справувањето со предизвиците со енергетската криза.

Во разговорите беше повторено значењето на постигнатиот договор од Преспа, кој денес служи како модел за успешно решавање на отворени билатерални прашања меѓу две соседни држави, важноста на понатамошната имплементација на договорот, како и одлучноста на двете страни да продолжат со напори во таа насока, со што ќе се исполнуваат целите на договорот и Акцискиот план за соработка.
Во однос на европската перспектива на Северна Македонија, двајцата министри го поздравија одржувањето на првата Меѓувладина конференција и започнувањето на пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ.
Министерот Дендиас уште еднаш ги потенцираше јасните позиции на Грција за силна и континуирана поддршка за Северна Македонија во нејзиниот европски пат, како и поддршката за останатите држави од регионот на Западен Балкан во нивните европски и евро-атлантски интеграции.
Посебно внимание се посвети на предизвиците поврзани со руската агресија врз Украина, соработката во рамките на НАТО и претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ почнувајќи од 1 јануари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

