Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Народот нема за леб, а Владата набавува октоподи

Лицемерната влада бара од граѓаните да штедат, а тие аздисуваат со набавки на морски плодови. Службата за општи и заеднички работи при Владата среде криза ќе потроши над 20 илјади евра за морска храна. Ова е спротивно на најавите што ги имаа во Владата дека ќе ги редуцираат луксузирањата, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Да потсетиме дека милиони од народните пари беа потрошени среде криза за режено цвеќе, кафиња, набавки на службени возила, миење службени возила, витрини, позлатени чинии, виљушки, лажици и ножеви. Самата власт призна дека иако знаеле за кризата, во буџетот предвиделе 100 милиони евра непродуктивни трошења, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека клептоманите на власт, предводени од дезертерот Ковачевски, може имаат ужасно ниска реализација на капитални инвестиции, ама затоа се махери за луксузирање. Оттука, македонската економија пропаѓа, а народот тоне во сиромаштија. Ги имаме убедливо најлошите параметри на Балканот, најниска стапка на странски инвестиции, најниска стапка на раст на БДП, највисока инфлација, половина милион граѓани во сиромаштија и рекорден износ на задолжување.
Но, Владата мува не ја лази што народот нема за леб, штом СОЗР набавува октоподи за министрите, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Убедлива победа на локалните избори, нашите кандидати ќе бидат слуги на народот, а не негови господари

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот настан „Саем – Отчет, четири години работа за тебе“ испрати силни пораки поврзани со претстојните локални избори.
Тој изрази уверување дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари убедлива победа и дека во најголемиот дел изборната трка ќе биде решена уште во првиот круг.
„Тоа го покажуваат анкетите, но и нашето чувство кое произлегува од искуството во комуникација со граѓаните. Но секоја победа мора да се заслужи со работа и чесност. Нема простор за опуштеност, ниту за неоправдана ароганција“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат луѓе од народот, посветени на секојдневните проблеми на граѓаните.
„Секој кандидат мора да се држи до вредностите и принципите. Мора да кревате телефон, да решавате проблеми и да градите подобра иднина“, истакна тој.
Мицкоски се осврна и на тоа каков треба да биде идеалниот градоначалник: работлив, чесен и одговорен.
„Градоначалникот мора да биде прв меѓу еднаквите – слуга на народот, а не негов господар. Мора да биде транспарентен, прв да дојде на работа и последен да замине. Секоја негова одлука ја менува иднината на илјадници луѓе“, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека граѓаните очекуваат луѓе што не размислуваат за следниот изборен циклус, туку за идните генерации.
„Ни требаат градоначалници кои исполнуваат, а не политичари кои ветуваат“, порача Мицкоски.
Македонија
Шејн: Четири години разочарувања во Охрид, нула реализирани проекти на Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ

Во Охрид, локалната власт предводена од градоначалникот Кирил Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ во последните четири години не успеа да ги реализира ветените проекти за развој на градот, рече кандидатот за градоначалник на Општина Охрид од редовите на СДСМ, Асен Шејн.
Според него, наместо подобрување на инфраструктурата, туризмот и урбанистичкиот ред, охриѓани останале со разочарувања и урбанистички хаос.
„Во Охрид времето помина како да не постоела локална власт. Нема ниту еден нов крупен проект, нема урбанистички ред, нема туристички развој“, вели Шејн, истакнувајќи дека четиригодишната работа на Пецаков и неговиот тим се сведува на празни зборови и неизвршени ветувања.
На листата на нереализирани проекти се наоѓаат плоштадот „Крушевска Република“, катните гаражи на повеќе локации, пречистителната станица во Трпејца и велосипедската патека „Св. Стефан“. Покрај тоа, според кандидатот Шејн, ветените активности во туризмот, како формирање стратешки партнерства, еко туризам, адаптација на капацитети за лица со посебни потреби и развој на алпинизмот, не се започнати, ниту пак реализирани.
„Наместо развој, единствено што видовме е реконструкција на улицата Македонски Просветители, која 80% беше завршена од претходната власт и е најголемиот успех на оваа локална самоуправа. Охриѓани живеат во урбанистички хаос, дишат најзагаден воздух досега, а градот станува мета на потсмев кај туристите“, рече Шејн.
Од тој додаде дека Охрид заслужува сериозна, одговорна и способна локална власт и повикуваат граѓаните да ја искористат можноста за промени.
„Време е за нова енергија, за реални проекти. Охрид не смее да изгуби уште четири години“, истакна Шејн.
Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ за 4 години локална власт ги разочара граѓаните со хаосот и корупцијата во општините

Почетокот на четиригодишниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво се оцени како период на разочарувања, нечисти општини, урбанистички хаос и раст на трошоците за граѓаните, велат од СДСМ.
„Четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ се четири години разочарувања за граѓаните. Наместо развој и проекти, донесоа само тендерски скандали и партиски злоупотреби на народните пари“, истакнаа од СДСМ.
Според партијата, низ општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се испумпувале пари преку фирми блиски до власта, додека јавноста добила сведоштва за неприродни тендерски процедури каде што едни исти компании редовно се јавуваат како единствени понудувачи.
„Наместо да се подобри животот на граѓаните, тие воведоа поскапи сметки за вода, канализација и смет, како и повисок данок на промет. Општините Прилеп, Штип, Охрид, Битола, Гевгелија, Велес и други бележат значително поскапување на трошоците за граѓаните“, посочуваат од СДСМ.
Главниот град Скопје, според СДСМ, е симбол на урбана деградација: нечисти улици, хаос во јавниот превоз, нефункционални јавни претпријатија, над 150 незаконски дивоградби и узурпиран јавен простор.
„Клучното ветување за бесплатен градски превоз никогаш не се реализираше. Нема ниту 250 еколошки автобуси, ниту модерен транспорт“, велат од партијата.
СДСМ ја оцени локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ како неспособна, корумпирана и целосно оддалечена од потребите на граѓаните, додека локалните избори ги сметаат за шанса за „враќање на општините во служба на народот“.
„Локалните избори се шанса да се стави крај на четиригодишното разочарување, хаосот, нереализираните ветувања и криминалот“, велат од партијата.