Македонија
(Видео) Каевски: Мицкоски се уште молчи за неговата улога во спорниот тендер, институциите да го расчистат случајот

„Додека Христијан Мицкоски молчи, јавноста очекува одговори за неговата улога во сомнителниот тендер од 136 милиони евра наменети за пречистителната станица во Скопје. Токму овој тендер беше причината за кавгата помеѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и директорот на ЈП Водовод и канализација Златко Перински, двајцата кадри на Мицкоски. Перински беше шеф на кабинетот на Мицкоски, а Арсовска негова кандидатка кој тој лично ја промовираше пред локалните избори“ рече на прес-конференција Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Тој напомена дека „токму Арсовска во јавноста посочи дека Мицкоски имал повеќе информации за деталите од тендерот, нешто што тој не би смеел да го знае, имплицирајќи негова директна вмешаност во тендерот. Затоа, надлежните институции мора да го расчистат овој случај, да ги земат предвид сите аспекти и да се лоцираат одговорните.
„Некогашниот шпицен кандидат за премиер, Мицкоски, сега изигрува шпицен градоначалник за да се меша во тендери, за да има влијание и да остварува лични интереси и интересите на одредени бизнис групи. Тоа е уште еден доказ дека во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, дека Мицкоски е ист како и неговиот ментор и претходник, Никола Груевски“ рече Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Скопјанец преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт

Полицијата поднесе кривична пријава за скопјанец кој преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт.
Денеска, Секторот за компјутерски криминал поднесе кривична пријава против А. Х. (25) од Скопје за сторено кривично дело компјутерска измама.
Според информациите од МВР, А. Х., во периодот од 4.4.2025 до 13.6.2025, како одговорно лице на компанија што организира музички настани, преку веб-страница за продавање билети овозможил електронско купување билети за концерт што воопшто не бил предвиден да се одржи, односно не бил склучен никаков договор за негово одржување, со што ги довел лицата во заблуда да купат билети за концертот и притоа не ги рефундирал парите.
Од МВР најавија дека продолжува активно да спроведува мониторинг на содржините на социјалните мрежи и на целокупниот интернет-простор, со цел превенција од повикување на насилство, загрозување на сигурноста, ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, злоупотреба на лични податоци и говор на омраза со елементи од кривични дела за кои се постапува по службена должност.
Македонија
Утре, сончево време, со локална појава на дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне, претежно во северните делови, ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Потоа следува период на стабилно и топло време со пораст на дневната температура.
Македонија
„Влен“ најави нова болница во Кичево, инвестиција од 47,5 милиони евра

Кичево ќе има нова, целосно модерна болница, достојна за 21 век и за граѓаните кои живеат со гордост, достоинство и доверба во оваа земја, изјави Беким Сали од ВЛЕН.
„Инвестицијата од 47,5 милиони евра во Кичево ќе овозможи изградба на регионален центар по европски стандарди, со нова модерна инфраструктура, најсовремена медицинска опрема и услови што инспирираат безбедност и доверба кај пациентите и стручниот персонал. Тоа ќе биде болница каде што здраството се среќава со етиката, каде што професионализмот се среќава со почитта и каде што услугата не е привилегија, туку човеково право“, рече Сали.
Тој додаде дека граѓаните од Кичево, Македонски Брод, Пласница, Зајаз, Вранештица, Демир Хисар и пошироко ќе гравитираат кон овој здравствен центар, и за прв пат по многу децении ќе се чувствуваат рамноправни, застапени и згрижени.
Сали, исто така, кажа дека само во Тетово, инвестицијата во подобрување на болничката инфраструктура достигнала 77,5 милиони евра, што вклучува изградба на два нови објекти, реновирање на блокот за хирургија и интерна медицина, како и нов Медицински факултет.